Амбасадорите на САД во најмалку 29 земји минатата недела добиле известување дека нивните мандати ќе завршат во јануари, објавија двајца официјални претставници на Стејт департментот кои побарале да останат анонимни. Оваа одлука е дел од големата реорганизација на американските дипломатски претставништва под администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Според официјалните извори, администрацијата ќе замени околу 30 дипломати од кариера на амбасадорски и други високи позиции во амбасадите ширум светот. Иако амбасадорите кои се повлечени не ја губат својата работа, тие ќе се вратат во Вашингтон и ќе имаат можност да преземат други должности доколку сакаат.
Сите амбасадори кои се засегнати биле назначени во времето на администрацијата на Џо Бајден, но останале на своите позиции по почетната „чистка“ на почетокот на вториот мандат на Трамп во јануари, која најмногу се однесуваше на политички именувани функционери. Од Стејт департментот не ја коментираа конкретната бројка на амбасадори, но нагласија дека се работи за рутински процес, бидејќи амбасадорот е „личен претставник на претседателот и е право на претседателот да осигура дека во овие земји се наоѓаат лица кои ја промовираат неговата агенда ’Америка на прво место‘“.
Најголеми промени се очекуваат во Африка, каде амбасадорските позиции ќе се менуваат во 13 земји: Бурунди, Камерун, Зеленортските Острови, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маврициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда.
Следи Азија со шест промени – Фиџи, Лаос, Маршалските Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам. Во Европа се очекуваат промени во Ерменија, Северна Македонија, Црна Гора и Словачка.
На Блискиот Исток, амбасадорите ќе се менуваат во Алжир и Египет, а на Јужна и Централна Азија – во Непал и Шри Ланка. Промените ќе се одразат и во Западната хемисфера, каде ќе се менуваат амбасадорите во Гватемала и Суринам.
Ова е најголемата ротација на американски дипломати од почетокот на мандатот на Трамп, и експертите сметаат дека таа е дел од стратегијата за целосно усогласување на надворешната политика со визијата „Америка на прво место“.