Министерот денеска, во одговор на новинарски прашања, рече дека легитимитетот на нивната коалиција се темели на принципите на демократски изборен процес
Собранискиот спикер Африм Гаши смета дека тие пратеници што ги добиле гласовите преку коалицијата ВЛЕН треба да останат во неа, но, сепак вели дека одлуката е нивна
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, во однос на политичките случувања и излегувањето на крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари од владината коалиција, вели дека тоа нема да влијае на мнозинството во парламентот. Тој денеска рече дека најмалку четворица пратеници од Алијанса за Албанците (АА) ќе се приклучат во редовите на владејачкото мнозинство.
„Грешка се ако мислат дека дел од пратениците на Алијанса за Албанците би преминале кон фронтот бидејќи дел од нив ќе останат со Владата. Најмалку четири пратеници од нивните редови ќе преминат во делот на владејачкото мнозинство“,
вели Лимани.
Министерот денеска, во одговор на новинарски прашања, рече дека легитимитетот на нивната коалиција се темели на принципите на демократски изборен процес. Тој изрази сомнеж во легитимитетот на претходните изборни кампањи, посочувајќи на наводни поткупувања на гласови и разни видови притисоци.
„Мојот впечаток и на мнозинството од граѓаните е дека во минатите изборни кампањи гласовите се откупувале и се добивале под разни притисоци. Не знам дали со овие механизми, можат да се повикуваат на легитимитет“, рече Лимани на денешната прес-конференција со турскиот амбасадор Фатих Улусој.
Тој апелираше до секој пратеник, како што рече, кој мисли дека треба да се вратат на вредностите на семејството, да им дадат можност на новата влада во следните четири години да се обиде да ги поврати тие вредности и да застане на браникот против иселувањето на младите.
„Да ни дадат можност овие четири години да се обидуваме да ги повратиме вредностите и да бидеме на браникот да не ни ги избркаат младите кои веќе 25 години живеат надвор од земјава и таму создаваат семејства“, порача Лимани.
Лимани смета дека оваа Влада треба да продолжи и да ги спроведува сите предлози што ги има дадено пред гласачите што им верувале.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, пак, потврди дека во ВЛЕН се подготвува формирање на нова пратеничка група и дека веќе има одлука за нов координатор. Сепак, тој ече дека секој пратеник има слобода во донесувањето на одлуката за приклучување кон некоја пратеничка група.
Тој вели дека до сите пратеници ќе биде испратен предлогот и сите што ќе се потпишат ќе бидат дел од таа група.
„Секој пратеник има право да биде дел од пратеничка група или не“, рече Гаши.
Прашан колку пратеници мисли дека ќе се отцепат од Алијанса за Албанците на Таравари, Гаши рече дека не знае, но оти тоа ќе се види според потписите кој ќе се приклучи кон новата пратеничка група.
„Не сакам јас да прејудицирам, немам информација. Знам дека е понудено на сите пратеници да се потпишат, нормално. Сметаме дека тие пратеници што ги добиле гласовите преку коалицијата ВЛЕН треба да останат во ВЛЕН, но одлуката е нивна. Ако Алијанса за Албанците се одлучи да пристапи кон друг политички пакт тоа е нивно право“, додаде Гаши.
Гаши денеска рече и дека до него се уште не е стигната оставката од министерот за здравство Арбен Таравари.
Кој ќе го замени Таравари на министерската функција сè уште не познато, како и дали тоа ќе биде кадар од коалицијата ВЛЕН, во која до скоро партиципираше и Алијанса за Албанците или, пак, позицијата ќе припадне кај ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува следната недела да биде познат ликот на Владата без претставниците на Алијанса за Албанците.
Мурати и Лесковица ја туркаат ДУИ на стаклени нозе: Темелите се скапани, реформите исчезнати
Конгресот на ДУИ, кој беше најавуван како почеток на длабоки реформи, предизвика силни реакции од поранешни високи функционери на партијата. Поранешни вицепремиери, министри и други раководители остро го критикуваа процесот, оценувајќи го како „фасада“ и „прикажан авторитаризам“, во кој меритократијата и заслугите биле запоставени.
Фестим Халили, поранешен вицепремиер за спроведување на Охридскиот договор, му честиташе на Али Ахмети за новиот мандат, но потенцираше дека ова е „момент за длабоко морално размислување“. Според него, многу интелектуалци се соочиле со „тивки попречувања“, додека на клучни позиции, особено во Тетово, биле поставувани поединци без значајни заслуги. „Партијата која сака да остане релевантна мора да ја врати меритократијата и заслугите како основен принцип и да создаде простор за оние кои се докажале со дела, а не со сервилност“, изјави Халили, критикувајќи го недостатокот на одговорност за четирите последователни изборни циклуси со загуби.
Валмир Азири, поранешен државен секретар за култура, го опиша конгресот како „претстава со организирани ракоплескања“. Тој истакна дека новите членови не се резултат на демократија, туку на внатрешна ротација која се прикажува како промена. „Довербата не се создава во затворени конгреси. Без вистинска одговорност, секој конгрес останува уште едно поглавје од истата потрошена приказна“, изјави Азири.
Ремзи Абдулахи, поранешен заменик-директор на УЈП, директно го нападна процесот на избор на кандидатите, нарекувајќи го „затворање на партијата“. „Кога одлуките се носат во затворени канцеларии без критериуми, се враќаме на менталитетот од комунизмот, каде еден човек одлучува за сите. Тоа е авторитаризам маскиран како реформа“, нагласи Абдулахи.
Линдита Ќазими, поранешна заменик-министерка за образование, остро реагираше поради непоканувањето на конгресот и упати јавни обвинувања против структурите на партијата, најавувајќи дека ќе одговори со дела за да ги „декласира“ оние кои ја исклучиле.
Беким Мурати, поранешен градоначалник на Сарај, ја опиша ситуацијата со метафора за куќа: „Новата фасада не ја спасува куќата од нејзините скапани темели. Овие имиња не беа избрани поради визија, туку за заштита на старото раководство. Ова не е реформа, туку рециклирање“.
Разочарување застана и кај претставниците од Скопје. Поранешниот советник во Шуто Оризари, Илјаз Лесковица, истакна дека градот останал без вистинска тежина во партијата. „Не може да се камуфлира неправдата направена кон Скопје. Денес мнозинството се во чевлите на Изет Меџити, како и пред четири години. Дури ни буквата ‘Р’ не остана од реформите во ДУИ“, рече Лесковица.
На конгресот, Арбер Адеми беше избран за генерален секретар на ДУИ, додека Фатон Ахмети премина во улогата потпретседател. Бујар Османи и Арбана Пашоли остануваат потпретседатели, а Еркан Арифи и Арта Билали-Зендели се нови потпретседатели. Неби Реџепи го замени Блерим Беџети како организациски секретар, додека во централното претседателство беа избрани 18 нови членови.
Сепак, според поранешните функционери, овие промени се повеќе симболични отколку суштински, оставајќи ги старите структури и стилови на раководење нетакнати.
Спиропали во Скопје: Албанската министерка во официјална посета
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе ја пречека министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која е во прва официјална посета на нашата земја.
На средбата ќе се дискутира за актуелните политички состојби во двете земји, билатералните односи и перспективите за нивно продлабочување, како и за заедничките можности за соработка во сите области.
По разговорот и билатералната средба на делегациите на двете министерства, Муцунски и Спиропали ќе се обратат пред медиумите на заедничка прес-конференција.
Кој ќе седне на местото на Коцевски? Советот повторно решава
Советот на јавни обвинители денеска треба да одржи седница на која ќе се одреди вршител на должноста државен јавен обвинител на местото на Љупчо Коцевски, кој минатата недела поднесе неотповиклива оставка. Претходната седница, на која требаше да се избере негов заменик до изборот на нов шеф на обвинителството, беше одложена поради отсутност на членот Јелена Догазанска Колева.
Коцевски оставката ја поднесе на 17 декември, истиот ден кога Собранието требаше да расправа за предлогот на Владата за негово разрешување. Во образложението на оставката, тој истакна дека функцијата ја вршел чесно и достоинствено, а решението за заминување го објасни со „очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, оценувајќи го предлогот за негово разрешување како политичка одлука.
Првично седницата за определување на вршител на должноста државен јавен обвинител беше закажана за 19 декември, но одложена по предлог на членот Ермон Незири, кој посочи дека изборот на в.д. јавен обвинител е „значајно прашање“ и треба да се донесе во полн состав на Советот. Со ова се согласија сите присутни членови.
Според закон, вршителот на должноста се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство и ќе ја извршува функцијата до именување на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци. Меѓу потенцијалните кандидати се јавните обвинители Анита Тополова Исајловска, Исмаил Дарлишта, Соња Симовска, Ферат Елези, Џелал Бајрами, Елвин Вели, Лиле Стефанова, Наум Паноски, Валентина Стојановска и Златко Биковски.
Љупчо Коцевски е во обвинителството од 2008 година, кога беше избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Гостивар. На функцијата државен јавен обвинител беше избран од Советот на 18 јануари 2022 година, а Собранието го именуваше на 13 февруари 2024 година.
Процесот за избор на нов државен јавен обвинител е строго регулиран: кандидатот треба да биде државјанин на Македонија, да владее македонски јазик, да има завршено правни студии и положен правосуден испит, како и најмалку 10 години непрекинат стаж како јавен обвинител или судија од областа на кривичното право.
Собранието го распишува огласот за избор на нов јавен обвинител, а кандидатите имаат 15 дена да поднесат пријави. Владата потоа побарува мислење од Советот на јавни обвинители, кој има рок од 15 дена да достави позитивно или негативно мислење. Ако Советот не достави мислење во рокот, рокот се продолжува за уште 15 дена, а доколку ни тогаш нема мислење, се смета дека е позитивно.
Ако Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не може да предложи именување и ќе предложи на Собранието да распише нов оглас.