Скопје
На есен започнуваат градежните работи за првиот дел од проектот Градски воз во Скопје
Наесен ќе стартуваат градежните работи за првиот дел од проектот за воведување Градски воз во Скопје, за кој МЖ Инфраструктура по изработката на физибилити студијата подготвува документација за тендерот што најавува дека ќе биде објавен наскоро. Првата линија од Зелениково, преку Драчево, Аеродром и Кисела Вода, па сè до Железничката станица – Скопје, се очекува да биде во функција до крајот на годинава.
Реализацијата на проектот Градски воз ќе се одвива во три дела. Градежните работи на првиот дел од проектот ќе започнат наесен оваа година. Долж трасите ќе бидат изградени нови стојалишта се со цел граѓаните да имаат подобар пристап до превозот со воз, којшто ќе им го олесни движењето од нивното населено место до Скопје. Врз основа на податоците дадени во физибилити студијата се подготвува тендерска документација и наскоро ќе биде објавен тендер за реконструкција на првиот дел од проектот Градски воз, изјави директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски за МИА.
Градежните работи што ќе се одвиваат оваа година се финансираат од буџетот на Владата преку Министерството за транспорт.
Ивановски вели дека во овој момент не може да се каже за исплатливоста на градскиот воз, затоа што треба да се земат предвид не само трошоците за одржување на пругата што е во домен на МЖ Инфраструктура, туку дека тоа ќе зависи и од бројот на возови и патници, за што е надлежен МЖ Транспорт.
Сепак, вели Ивановски, очекуваме дека градскиот воз ќе биде исплатлив како за двете претпријатија, така и за граѓаните кои ќе го користат овој олеснителен превоз.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, претходно објави дека се работи за голема инвестиција од вкупно педесетина милиони евра за трите градски линии.
За да се реализира целиот прстен како што е замислен, со три полукруга, потребни се околу педесет милиони евра. Дел од тие средства се обезбедени во буџетот за оваа година и ЈП „Железници инфраструктура“ наскоро, за еден месец, ќе објави тендер за изградба и рехабилитација на најголемиот дел од инфраструктурата што ќе се користи. Тоа ќе биде линијата од Зелениково, преку населбата Драчево, границата е поставена кон населбите Аеродром и Кисела Вода и завршува на Новата железничка станица. Очекуваме до крајот на годинава да биде готова, имаме многу брза агенда и првата делница Зелениково – Драчево – Аеродром – Кисела Вода – Железничка Скопје да ја имаме пред Нова година. Паралелно, ќе ги работиме и другите два прстена, рече Николоски.
Во железничката инфраструктура најавена е и реконструкција и модернизацијата на пругата на Коридор 10, што, според Ивановски, е од голема важност за МЖ Инфраструктура и со тоа ќе се овозможи зголемување на брзината на возовите како во патничкиот, така и во товарниот сообраќај.
Со зголемување на брзината на возовите, а имајќи го в предвид фактот дека железничкиот сообраќај е најекономичен, најеколошки и најбрз начин на превоз на големи количини на стока, железницата ќе стане најатрактивен начин за превоз и ќе го привлече транспортот којшто моментално се врши со камиони. Со пренасочувањето на превозот преку железница ќе се зголеми обемот на превезена стока и бројот на превезени патници, а тоа ќе донесе голем бенефит не само за железницата туку и за опшеството, смета Ивановски.
Во однос на изградбата на пругата кон Бугарија на Коридорот 8, од која првата делница Куманово-Бељаковце е во функција од почетокот на годинава, директорот на МЖ Инфраструктура очекува изведувачот да го испочитува рокот и во октомври следната година да заврши изградбата на втората делница, Бељаковце-Крива Паланка“. За третата делница, Крива Паланка-граница со Бугарија, информира дека „се уште нема интерес од бугарска страна за надминување на проблемот“.
Изведувачот на втората делница работи на терен, со нешто позабавена динамика, но очекуваме да го испочитува рокот за изградба. Во врска со третата делница, експропријацијата е завршена за имоти надвор од Крива Паланка и места каде што нема раселување. Во градот Крива Паланка моментално е запрен процесот на експропријација бидејќи треба да се направи одредено репроектирање на трасата, коешто треба да го направи идниот изведувач. Ние сме секогаш отворени за разговор, меѓутоа од бугарската страна сеуште нема изразено интерес за надминување на овој проблем, изјави Ивановски за МИА.
Со Бугарија треба да се постигне договор за тунелот за железничко поврзување на двете држави, за кој македонската страна се изјасни дека според сегашниот проект, „ќе се гради тунел кој не води никаде“, за ревидирање на цената и на самиот проект, како и за завршување на делот од пругата во Бугарија.
Македонската и бугарската страна досега одржаа две средби, една во Брисел на 16 октомври лани кога се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8 и една во Софија на 31 октомври лани по која македонската страна објави дека се прифатени нејзините аргументи: да има заеднички проект за да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата и да се ревидира цената и на самиот проект. Откако Бугарија достави предлог-договор за изградбата до македонската Влада, се уште нема договор за средба на која, како што изјави неодамна вицепремиерот Николоски, треба да се разговара за спорните работи во предложениот документ.
Официјалните податоци покажуваат дека во патничкиот сообраќај во државава во првите три месеци се реализирани 191,68 илјади возни километри, за 65,5 проценти повеќе споредено со истиот период лани. Тоа, според Извештајот за работењето на МЖ Инфраструктура за првиот квартал годинава, се должи на воведување во сообраќај на патнички возови на релацијата Скопје-Куманово-Скопје.
Патничкиот сообраќај во првиот квартал се одвивал со 1668 воза што е за 65 проценти повеќе во однос на лани. Во однос на Планот за 2025 година реализирани се 20,8 проценти возни километри.Во товарниот сообраќај, пак, сообраќале 587 воза, за 14,3 проценти помалку споредено со истиот период од 2024. Реализирани се 69,12 илјади возни километри, за 8,6 километри помалку во споредба со истиот период лани, како резултат на намалениот обем во товарниот меѓународен и внатрешен сообраќај од хаваријата во Грција.
За изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце Крива Паланка на железничкиот Коридор 8, во должина од 34 километри, реализирани се 82,74 милиони денари, како и 0,13 милиони денари по основ на експропријација. Во првиот квартал железничкото претпријатие исплатило пари и за експропријација на земјиште за третата делница Крива Паланка – граница со Бугарија, во износ од 2,42 милиони денари. Трошоците што МЖ Инфраструктура ги реализирале за надзор на пругата Куманово-Бељаковце-Крива Паланка изнесуваат 25,6 милиони денари, покажува Извештајот на МЖ Инфраструктура.
Скопје
ЦУК предупредува: „Ексклузивните“ објекти на Водно се под ризик од свлечишта
Скопје, 9 декември 2025 – Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, алармира дека на падините на Водно се наоѓаат објекти кои се директно загрозени од свлечишта и нестабилно земјиште.
„Ризикот мора да се сфати сериозно – можно е да настрада човек ако не се реагира навреме“, рече Ангелов во гостување на ТВ Телма. Според него, делови од теренот веќе се нарушени, земјиштето продолжува да се лизга, а неколку потпорни ѕидови се урнати.
Ангелов посочи дека проблемот не е ограничен само на еден потег на падината и дека се неопходни брзи мерки, засилен мониторинг и процена на стабилноста на критичните зони. Институциите веќе работат на оваа проблематика, а во ЦУК се одржани неколку координативни средби на кои врвни професионалци активно се вклучени.
„Жителите на Водно често не ја сфаќаат целосната опасност бидејќи се навикнати на животот во тој предел. Но, видеа и искуства од целиот свет покажуваат дека свлечишта можат да предизвикаат сериозни штети и да загрозат човечки животи“, предупреди Ангелов.
Директорот на ДЗС нагласи дека медиумите имаат значајна улога во подигнувањето на јавната свест, особено кај луѓето кои живеат на Водно, за да се избегнат штетни последици пред да биде предоцна.
Зачестените извештаи за пукнатини на објекти и движење на земјиштето на Водно во последниот период дополнително ја зголемуваат загриженоста во јавноста.
Скопје
Скопје ја зацврстува врската со Дижон: Партнерството во полн развој
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска одржа работна средба со амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, на која беа поставени темелите на визијата за нашиот главен град.
Ѓорѓиевски пред високиот гостин ја презентираше својата развојна стратегија за Скопје, базирана на најстрогите европски стандарди, зелени политики и продлабочена меѓународна соработка.
Главен фокус беше ставен и на оживување и унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон. Двете страни интензивно разговараа за конкретни можности за нови заеднички проекти и иницијативи кои директно ќе го подобрат животот на граѓаните.
Градоначалникот Ѓорѓиевски беше јасен и недвосмислен:
„Нашиот стремеж е Скопје целосно да ги интегрира европските стандарди во секој сегмент – од економскиот развој и културата до зелените политики! Ова е патот кон модерна европска метропола!“
Амбасадорот Ле Риголер, пак, ја изрази целосната подготвеност на Франција да не остави Скопје да чека!
„Подготвени сме да го споделиме нашето богато искуство и иновативни иницијативи кои ќе дадат огромен придонес за подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Скопје!“
На крајот, двете страни се согласија дека континуираната институционална комуникација е важна за отворање на нови, долгорочни партнерства и мега-проекти. Ѓорѓиевски е убеден дека оваа соработка е голем чекор кон оформување на Скопје како современ европски град, ориентиран кон иновации и меѓународна отвореност.
Скопје
Неплатените даночни обврски во Скопје надминаа 36 милиони евра, локалната власт апелира до граѓаните за редовно плаќање
Град Скопје алармира дека вкупните неплатени обврски кон градот по основ на данок на имот, данок на промет, данок на наследство и подарок, како и комунална такса-фирмарина, за периодот од 2020 до 2025 година, надминале 36 милиони евра. Овие податоци се евидентирани од страна на Секторот за даноци на имот и комунални такси при Градот.
Од градската администрација потенцираат дека приходите од даноците на имот и комуналните такси претставуваат значаен извор на средства неопходни за непречено функционирање на Скопје. Со овие средства се финансираат: основните градски услуги, инфраструктурни проекти, трошоците на јавните претпријатија и јавните установи, работата на средните училишта.
Град Скопје упатува јавен повик до сите даночни и таксени обврзници – правни и физички лица – кои сѐ уште не ги подмириле своите обврски за данок на имот, промет, наследство и подарок, како и комунална такса-фирмарина, тоа да го сторат во најкраток можен рок.
Граѓаните и компаниите имаат можност електронски да ги проверат и платат своите долгови преку официјалната платформа: https://danoci.skopje.gov.mk/gskopje/root/public/login.xhtml
За сите прашања и информации, Градот ги објави следниве контакт податоци, организирани по категории:
Данок на имот: 072/204-434, 02/3207-546, e-mail: anitan@skopje.gov.mk ; nuredin.nuredin@skopje.gov.mk
Данок на промет, наследство и подарок: 02/3297-298, 02/3297-296, e-mail: biljanna.manakoska@skopje.gov.mk
Комунална такса-фирмарина: 02/3297-314, e-mail: angelina.gievska@skopje.gov.mk
Даночно сметководство: 02/3297-298, 02/3297-296, e-mail: katerina.donev@skopje.gov.mk
Даночниот долг може да се подмири и на Даночните шалтери на Град Скопје, кои работат секој работен ден од 8 до 19 часот, како и во сабота на 13 декември.
Трендинг
-
Црна Хроника7 days agoПолициска акција: Уаспени Украинки во Горно Седларце – МВР со детали
-
Црна Хроника3 days agoОбид за кражба завршил со пожар во Брвеница – Полицијата со детали
-
Балкан3 days agoДрама во Србија: БМВ се заби во камион, возачот со цигара тврди: „Не знам, ме удри камион“ (ВИДЕО)
-
Република6 days agoЕве од кога ќе почнат да работаат камерите од „Безбеден град“ во Тетово и Куманово
-
Црна Хроника5 days agoПолицијата го лоцираше украденото „Ауди“ за неколку часа – младиот тетовец уапсен!
-
Скопје5 days agoСекое застанување на булевар на „пет минути“ ќе се санкционира, вели Топаловски
-
Црна Хроника12 hours agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Економија2 days agoКинескиот канал Солун–Дунав повторно актуелен: Македонија би била клучна транзитна точка















