Државниот Симфониски Оркестар од Солун за прв пат во неговото 66 годишно постоење синоќа настапи во Македонска Филхармонија, со диригентот Владимирос Симеонидис, пред уважени гости од сите сфери на живеење, преставници на дипломатскиот хор, меѓу нив и претседателката Гордана Силјановска- Давкова и шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски.
Маестро Симон Трпчески за прв пат го свиреше елегантниот и прецизен Равел во Македонија, неговиот славен Концерт за пијано и оркестар во г-дур. Фасцинантно дело со влијанија од џезот и баскиската народна музика.
На концертот, светска премиера имаше симфониската свита од операта „Галатеија“ од Емилиос Ријадис, (1880-1935), најголемиот солунски композитор и студент на славниот француски композитор Морис Равел (1875-1937) .
Скопје синоќа ја запозна и водечката грчка сопранистка, Мирто Папатанасиу, добитничка на наградата „Марија Калас“ со импозантна светска кариера и соработка со славниот италијански режисер Франко Зефирели. Ги слушнавме и „ Пет народни грчки песни“ во оркестрација на Равел и Розентал, „Ла валс“ од Морис Равел, како и неколку композиции од грчкиот композитор Емил Риадис. По повод чествување на 150-годишнината од раѓањето на Равел и 90-годишнината од смртта на Ријадис.
Значи, синоќа, во Филхармониија, бевме сведоци на уникатна програма, (отпечатена со времетраење), уникатни гости, за уникатната соработка меѓу двете Филхармонии, по заедничкиот настап на Македонската, Солунската и Софиската Филхармонија во Софија, каде на 17 февруари се реализираше изведбата на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. По синоќешниот концерт, Македонската филхармонија на 30 јуни за првпат ќе настапи во Солун.
Ноќ за паметење, со маестрална изведба, нескротлива енергија, со емоции, во потполна тишина, со поткована публика, која молчи и ужива, а не ракоплеска каде што не треба. Ниво на уметност и талент што е едноставно неспоредливо, која публиката ја пренесе во царството на музичкиот сјај, каде што секоја нота одекнува со страст и прецизност. нам ни звучеше како бесценето музичко патување какво културно Скопје заслужува.
На концертот го откривме фасцинантниот и смел свет на Равел, поинаков од динамичното „Болеро“, како композитор кој ги редефинираше границите на класичната музика, комбинирајќи ја традицијата со визионерската модерност.
Концертот за пијано во г-дур на Морис Равел е компониран помеѓу 1929 и 1931 година. Концертот за пијано е во три ставови, со вкупно време на свирење од малку повеќе од 20 минути. Равел рече дека во ова дело не имал за цел да биде длабок, туку да забавува, на начин на Моцарт и Сен-Санс.
„Мојата единствена желба… беше да напишам вистински концерт, односно брилијантно дело, кое јасно ја истакнува виртуозноста на солистот, без да се стреми да покаже длабочина. Како модел, зедов двајца музичари кои, според мене, најдобро го илустрираа овој тип композиција: Моцарт и Сен-Санс. Затоа концертот, кој првично мислев да го наречам Divertissement, ги содржи трите вообичаени дела: почетниот Allegro, компактна класична структура, е проследен со Adagio, во кој сакав да оддам посебна почит на „схоластиката“ и во кој се обидов да пишувам што е можно подобро; за да заклучиме, живописен став во форма на Рондо, исто така замислен во согласност со најнепроменливите традиции, ќе истакне Равел за Концертот за пијано во г-дур, во интервју , во 1931 година.
Македонски Декември: Празник на Душата, Музиката и Традицијата
Декември, месецот на празничната магија и исчекувањето, во Македонија неминовно се претвора и во месец на културно славење. Декемвриската програма во Скопје е богата како ретко до сега, нудејќи им на љубителите на уметноста и традицијата низа настан со кои ја завршуваме годината со стил. Македонската опера и балет (МОБ), Македонската филхармонија и арената „Борис Трајковски“ стануваат места каде што публиката ќе може да слуша македонската фолклорна музика .
Декемвриската концертна треска започнува со две дами кои ја оставиле својата трага на естрадата. На 13 декември, во Филхармонијата, својот прв солистички концерт ќе го одржи Бојана Скендеровски. По 23 години минување низ естрадната сцена и инспирацијата од проектот „Македонијо во срце те носиме“, Бојана им ветува на своите обожаватели вечер полна со изненадувања и емоции.
Само два дена подоцна, на 15 декември, Македонската Опера и Балет (МОБ) е резервирана за Елена Андоновска, волшебниот глас кој ги враќа во живот бисерите од богатиот македонски фолклор.
Неизоставен дел од македонската културна сцена е Националниот ансамбл „Танец“. На 20 декември 2025 година, во 19:30 часот, во Македонската опера и балет, „Танец“ ќе го одржи својот годишен концерт под инспиративниот наслов „Ритамот на душата, бојата на традицијата“.Програмата е составена од препознатливи кореографии, традиционални ора и музички изведби кои го отсликуваат богатството и автентичноста на македонскиот фолклор. Настанот го одбележува континуитетот на Ансамблот во зачувувањето и сценската интерпретација на нашето културно наследство.
Истиот ден, позната по мини-настапи на планинските врвови, Евгенија Здравевска, односно Зарина Првасевда, го носи својот автентичен вокал во престижниот амбиент на Македонската Филхармонија.
Средината на месецот ја одбележува и големиот јубилеј на легендата на македонската музика.
На 24 декември, МОБ повторно е во центарот на вниманието. Миле Кузмановски, познат како „Кралот без круна“, прославува импресивни 35 години на сцената. Познатиот фолк-пејач своите хитови ќе ги изведе во придружба на камерен оркестар, што ветува посебен уметнички печат и емоција на овој свечен концерт.
На 28 декември, во арената „Борис Трајковски“, на сцената ќе настапи еден од најголемите претставници на традиционалниот звук – Влатко Миладиноски. Познат како „вистинскиот глас на македонската народна песна“, ќе биде придружуван од големиот оркестар под диригентската палка на Златко Миладиноски.
Декември 2025 е месец кога Скопје дише во ритамот на квалитетната македонска музика и фолклор. Нашата редакција ви ветува прекрасна музика.
Чудо почна да се случува и во Република Македонија, затоа што концертите и настаните со македонска етно и фолкорна музика се веќе секојдневие во егејска и во пиринска Македонија. Во градовите Воден (Едеса), Лерин (Флорина), Кајлар (Птолемаида), Пазар (Јаница), Костур (Касторија), Горна Џумаја (Благоевград), Петрич, Неврокооп (Гоце Делчев), Свети Врач (Сандански) македонската музика е секојдневие.
КУД ‘Орце Николов’ го слави својот 80. роденден со ревија на народни носии и креативни работилници
КУД „Орце Николов“ ја започнува прославата на својот голем 80-годишен јубилеј со тридневен културен маратон наречен „Фолклорот низ генерации живее“, чија цел е да ја воскресне и доближи македонската традиција до секого!
Веќе вечерва (5 декември), точно во 18 часот, скопскиот трговски центар „Сити мол“ ќе се претвори во сцена за величествена ревија на македонски народни носии. Посетителите ќе имаат уникатна можност да ги видат богатствата од најразличните етнографски целини на Македонија.
Во сабота (6 декември), од 12:00 до 16:00 часот, нсамблот ги повикува сите љубители на традицијата да се дотераат во носии и да се фотографираат како дел од овој настанот „Фолклорно катче“.
Во недела (7 декември), од 12:00 часот, за деца и возрасните ќе се организираат етно-креативни работилници за изработка на традиционални украси со етно мотиви. Искусните членови на „Орце Николов“ ќе бидат ментори во цртање, боење и плетење.
Музиката не познава граници, исто како љубовта и добриот збор – Зарина Првасевда ве поканува на „Кадифено “ музичко патување во Филхармонија на 20 декември!
Многу брзо по нејзиното појавување на македонската музичка сцена вокалистката Зарина Првасевда стана популарна кај домашната публика, која го препозна нејзиниот моќен вокал и силната страст за изворниот етно звук. Музичката инспирација ја црпи од секојдневието, од разни ситуации, природата и нејзините звуци, емоциите и луѓето, но сепак нејзината најголема инспирација се децата и младината, оние на кои нејзината генерација им должи иднина во мир, радост, сигурност и најбитно – квалитетни музички содржини. За нив вреди да се бориме, за нив вреди да создаваме, за нив вреди да се едуцираме и надоградуваме и секојдневно да се стремиме да стануваме подобри луѓе – искрено споделува Зарина.
Патиштата на музиката понекогаш се среќаваат на најнеочекувани и најмагични места. Така и нејзиниот пат се вкрсти со оној на музичките виртуози Џенк Ердоган и Ахмет Али, токму во срцето на Турција, на Универзитетот во Кападокија каде 5 дена биле дел од меѓународен семинар – Музичко село за едукација на студенти од целиот свет. Токму тука се родило нивното музичко пријателство, а гостопримството што го почуствувала таму, во неа разбудило искрена желба истото чувство да го пренесе дома. За време на концертот, овие музичари ќе споделат дел од својата култура и традиција пред македонската публика, која пак, секогаш умее да отвори срце и слух за новото и убавото. Можност за заеднички да се вкрстат традициите, да се слушне како различни народи ја толкуваат душата преку звук, и да се види како македонската традиционална музика продолжува да живее, да се менува и да се пренесува низ генерациите.
„Често пати напоменувам и кажувам дека доколку мојата музика успее да растрепери барем едно срце, а особено на јазик кој не го разбира, тогаш јас сум најсреќниот човек на светот. За време на музичкото патување „Кадифено“, нема да се случи само обичен концерт, туку и можност за едукација, за ново различно музичко патување и вечер за паметење. Со нетрпение го очекувам денот, а исто така сум и љубопитна да видам кој ќе ни се приклучи на таа кадифена магија“ – вели Зарина.
Таа додава дека со македонската Филхармонија е нераскинливо врзана, и тоа поради нејзиниот прв солистички концерт оддржан таму за првиот албум ,, Ехо ’’, за кое вели дека е едно од најубавите искуства во нејзиниот живот. Овој пат, на 20 декември 2025 во Филхармонија со почеток од 19:30 часот, посетителите ќе имаат можност премиерно да уживаат во интимно, мелодиско и „Кадифено“ музичко доживување исполнето со тивка магија и уникатни вокали предводени од фантастичната Зарина Првасевда.