Connect with us

Култура

Д Фестивал за првпат во Штип: Годинава со хуманитарен карактер за повредените од кочанската дискотека

На помошниот терен на Градскиот стадион во Штип од 4 до 6 јули, под отворено небо ќе се реализира Д Фестивал. Фестивалот за првпат се организира во Штип, а годинава е со хуманитарен карактер, односно преку Супорт Кочани сите средства ќе бидат наменети за настраданите од пожарот во дисктеката Пулс. Катерина Евго од „Пасворд продукција“ вели дека влезот за сите ќе биде бесплатен, со можност да се донира преку купување он лајн карти по цена од 1.500 денари.

-Годинава Д Фестивал ќе се одржува како хуманитарен фестивал и целосно ќе биде посветен на инцијативата Супорт Кочани. Влезот за посетителите годинава за сите ќе биде бесплатен, но ќе постои таканаречен хуманитарен билет кој од денеска ќе биде достапен за сите, а средствата ќе бидат на Супорт Кочани, изјави Евго.

На овогодинешното издание на Д Фестивал ќе се претстават над 30 изведувачи од земјава и странство. Ќе има поставено две сцени на помошниот терен на Градскиот стадион во Штип и се очекува голем број посетители од државата и странство.

Општина Штип е со обврска да обезбеди електрична енергија, вода и локација за самиот фестивал. Сите сместувачки капацитети ќе бидат ставени на располагање на гостите од страна, бидејќи оваа година нема да има кампинг зона.

-Д Фестивал ќе додаде вредност преку богатата културно – забавна програма. Штип е град кој има богата забавно кулчтурна програма во текот на целата година, а Д фестивал го започнуваме како новитет од оваа година и сум сигурен дека ќе го привлече вниманието на илјадници гости од страна, рече градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Д Фестивал првпат се одржал на 1 август 2011 година во Дојран, со 12 артисти и 950 посетители, тогаш без волонтери и организации. Во 2024 година на Д Фестивал учествуваа 320 музичари на шест сцени од 17 земји. Дел од фестивалот беа 120 организации и исто толку волонтери. Ова е единствен фестивал од ваков тип во државата и тенденција е годинава да се надминат сите поставени рекорди.

На денешната прес-конференција беше презентирана и музичката програма на Д Фестивал 2025 која ќе се одвива на двете најголеми бини на овој фестивал, Главната бина и „Москито Стејџ“ каде што во трите вечери, од 4 до 6 јули ќе настапат повеќе од 30 музички изведувачи.

Најголем дел од програмата го сочинуваат домашните артисти, а во таа листа ќе се запишат дел од најрелевантните претставници на современата македонска музичка сцена, уметници кои со своето дело веќе оставија неизбришлива трага, но и сѐ уште ја восхитуваат музичката јавност со своето творештво и сценски изведби: АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ кој ќе настапи заедно со TK WONDER и ROOTSMAN I, МИЗАР, ФОЛТИН, ЉУБОЈНА, ПИЈАН СЛАВЕЈ, ПАРКЕТИ.

Покрај нив, ќе настапат и водечките претставници на новата македонска музика: ДИНА ЈАШАРИ, PEACH VICE, DOPE KUKJATA, Последен удар, Princess Donatsu, Don Playa, ZEE & Matej Foltz, Кем, Moira, Nikartic, Gwass, диџеите Флудер и Мана.

Од светските ѕвезди, на Д Фестивал доаѓаат британските дарк-рок пионери THE SISTERS OF MERCY! Ова е култно име на глобалната дарквејв сцена и бенд кој повеќе од четири децении го восхитува светот со својот препознатлив звук и интензивни сценски настапи.  Од Јамајка во Штип ни пристигнуваат и вистинските легенди INNER CIRCLE! Со хитови како “Bad Boys”, “Sweat (A La La La La Long)” и многу други, ова е несомнено еден од најголемите реге бендови на сите времиња.

Фановите на најжестокиот звук пак, ќе имаат чест да уживаат во настапот на култниот бразилско-американски метал бенд SOULFLY, предводен од славниот Макс Кавалера. Најзаразниот рефрен од актуелниот избор за песна на „Евровизија“ пристигнува на Д Фестивал со третопласираниот артист од финалето, TOMMY CASH, рап изведувачот, танчер и визуелен уметник од Естонија.

На Д Фестивал годинава нема да изостанат ниту ѕвездите од регионот, па македонската публика ќе има прилика да ги погледне секогаш импресивните и извонредни БУЧ КЕСИДИ – убедливо највозбудливиот бенд на новата балканска поп-рок сцена и С.А.Р.С. – докажано еден од најомилените бендови на овие простори.

Организаторите велат дека кон оваа листа на изведувачи наскоро ќе бидат додадени и нови имиња, а публиката на Д Фестивал ќе има привилегија да биде дел од тридневниот музички маратон.

Advertisement

Култура

80 години МНТ: Одбележани со премиера на монографија и театарски настап

Во фоајето на Македонскиот народен театар, се одржа свечена промоција на монографијата „Македонски народен театар 1945 – 2025 – Приказни поголеми од времето“, по повод 80 години од своето постоење. Монографијата е објавена со поддршка на Министерството за култура и туризам на Р. Македонија и претставува вистински поклон за сите кои ја ценат македонската театарска традиција и нејзината бесценета историја.

Ивана Јарчевска е главната уредничка на монографијата, а текстовите се дело на врвни автори и истражувачи: д-р Ана Стојаноска, Снежана Коневски-Руси, Загорка Поп-Антоска-Андовска, Бранко Ставрев, Емил Рубен, Игор Џамбазов, Лилјана Мазова, Братислав Димитров, Ѓорѓи Јолевски, Сашко Насев, Никола Ристановски, Дејан Дуковски, Звездана Ангеловска, Весна Петрушевска, Срѓан Јаниќијевиќ, Тања Кочовска, Синиша Евтимов, Искра Ветерова, Бојан Трифуновски, Сашко Коцев, Николина Кујача, Нела Витошевиќ, Сашка Димитровска, Нина Николиќ, Дарја Ризова, Драгана Костадиновска и Борче Начев.

Настанот привлече голем број уметници, театарски професионалци и љубители на сценската уметност, кои со восхит и почит ги проследија сведоштвата, документите и личните приказни што ги нуди ова издание. Меѓу присутните беше и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Continue Reading

Култура

Филозофскиот факултет во Скопје празнува 105 години инспирација и образование

Големата сала на Македонската филхармонија денес ќе биде епицентар на македонската интелектуална историја. Со свечена академија, Филозофскиот факултет одбележува 105 години постоење — импозантен јубилеј на институцијата која ја постави темелната плоча на високото образование во земјава.

Пред присутните ќе се обратат клучните фигури на образовниот систем: министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, како и деканот на факултетот-домаќин, проф. д-р Оливер Бакрески. Овој настан не е само прослава, туку и поклон пред традицијата на првата единица на скопскиот универзитет, која веќе повеќе од еден век е симбол на македонскиот стремеж кон знаење и наука.

Денешниот ден е резервиран за чествување на столбот на македонската едукација. Во срцето на Скопје, под сводовите на Македонската филхармонија, Филозофскиот факултет со свечена академија ќе ги одбележи своите 105 години. Како прв факултет во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, тој останува живиот доказ за институционализацијата на македонската наука.

Говорницата ќе ја споделат министерката Весна Јаневска, ректорката проф. д-р Биљана Ангелова и деканот проф. д-р Оливер Бакрески, кои ќе се осврнат на значењето на овој факултет како лулка на интелектуалната елита низ децениите.

Continue Reading

Култура

Во вечнo сеќавање: Гоце Николовски, гласот што ја обележа македонската народна песна

Постојат гласови кои едноставно пеат песни, но постојат и оние, ретките, кои низ нотите ја испишуваат историјата на еден народ. Гоце Николовски, роден во 1947 година во Скопје, не беше само пејач – тој беше музичкиот амбасадор кој на Македонија ѝ го подари нејзиниот неофицијален завет, вечната „Бисер балкански“.

Неговиот музички пат започнува во Ниш, каде како 16-годишно момче ја освојува публиката во култната емисија „Максиметар“. Иако денес го паметиме по изворниот мелос, Николовски своите корени ги влече од поп-рок сцената. Како дел од групите „Рубинси“ и легендарните „Далтони“, тој со хитот „Рука од сна“ стана препознатлив лик на југословенската сцена, најавувајќи го вокалниот капацитет кој допрва ќе ечи низ Балканот.

Вистинската пресвртница и врвот на неговата кариера се случија на сцената на Фолк фест Валандово во 1990 година. Во предвечерјето на распадот на Југославија, Николовски ја отпеа „Бисер балкански“ – песна која во истиот миг престана да биде обична фестивалска композиција и стана национален симбол.

Додека државата чекореше кон својата независност, народот во неговиот глас препозна надеж, гордост и идентитет. Во дијаспората, оваа песна се слушаше во став „мирно“ како државна химна, а самиот Гоце оттогаш, па засекогаш, стана познат како „Балканскиот бисер“.

Иако неговиот опус ги вклучува емотивните „Серенада“, „Приказна за Ангелина“ и „Запејте сите ангели“, неговата слава го надмина океанот. Во Австралија и Канада, Николовски беше повеќе од музичар – тој беше жива врска со татковината. За својот придонес кон македонската заедница, тој ја доби честа да биде почесен граѓанин на Аделаида и го прими „клучот на градот“ од тамошниот градоначалник.

Во 2000 година, „Бисер балкански“ беше официјално прогласена за песна на векот во Македонија. Иако неговиот физички пат заврши, наградите за животно дело кои му беа доделени постхумно само го потврдија она што народот одамна го знаеше: Гоце Николовски е еден од столбовите на македонската музичка меморија.

Неговите песни денес не се само рефрени за забава, туку потсетник на тешките времиња, на издржливоста и на нескршливиот македонски дух кој продолжува да живее низ секој отпеан стих.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг