Татковината не се менува, не се напушта и не се продава – таа се брани и се гради, рече премиерот Мицкоски на престижната меѓународна конференција на конзервативната политичка акција CPAC, која се смета за најголем и највлијателен собир на конзервативните партии во светот.
Во говорот Мицкоски се осврна и на идентитетот, велејќи дека Македонија, иако мала, никогаш не се откажала од својот идентитет, а некој со лажни наративи сака да го избрише.
„Татковината не се менува, не се напушта и не се продава – таа се брани и се гради! Македонија, иако мала, никогаш не се откажала од својот идентитет. Низ нашата многувековна историја научивме дека слободата се плаќа со жртви. Денес, во духот на соработката, длабоко ја цениме поддршката на нашите стратешки партнери, како што впрочем е и Унгарија – чиј пример нè инспирира уште повеќе да ги застапуваме вредностите во кои веруваме. Како што вели една македонска народна мудрост: „Еден човек може да направи разлика, но сите заедно можеме да направиме историја. Нека Господ го благослови нашиот заеднички пат! “
Патриотизмот не е некаква ретроградна идеја, туку е единствениот пат кон просперитетна иднина, изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски на обраќањето на конференцијата CРАС во Будимпешта
За Мицкоски постојат три клучни конзервативни вредности, Бог, татковината и семејството.
– Денеска на оваа престижна меѓународна платформа се собираме со чувство на одговорност, но не само како претставници на различни нации и држави, туку како носители на заеднички идеали, идеали кои ги одбележаа најсветлите моменти во историјата на човештвото. Доаѓам од држава која е во срцето на Балканот, со длабоки корени, но и со визија за иднината. Вековите нè научија дека вистинската сила доаѓа од верноста кон вечните вредности за кои не треба да се прават компромиси. Живеејќи во време кога лажните наративи се обидуваат да ги релативизираат нашите национални идентитети, ние сме тука да го докажеме спротивното. Првин, Бог. Бог, не како апстрактна идеја, туку како жив творец кој нè повикува на правда и на милосрдина. Во време кога христијанските вредности се напаѓаат ние сме повеќе од сигурни дека никогаш нема да се откажеме од духовноста, од наследството на светите браќа, рамноапостолите Кирил и Методиј од Македонија ја донесоа писменоста во целиот свет.
Премиерот истакна дека Македонија никогаш не се откажала од својот идентитет кој не е само географија, туку живо ткиво, татковина изградена од вредности и стремежи.
– Второ, татковината, не е само географски поим, таа била и ќе продолжи да биде живо ткиво создадено од историја, традиција и заеднички стремежи. Татковината не се менува, не се напушта и не се продава. Таа се брани и се гради. Македонија, иако мала земја, никогаш не се откажалa од својот идентитет. Низ нашата многувековна историја научивме дека слободата се плаќа со жртви. Денес, во духот на соработката длабоко ја цениме поддршката од нашите стратешки партнери, како што впрочем е и Унгарија.
Мицкоски потоа го спомна традиционалното семејство, како една од основните клетки на општеството.
– Се присеќавам и на еден впечатлив говор на американскиот претседател, кој рече дека, основната потреба на нашето време е да имаме нации кои ќе ги бранат своите култури, граници и вредности. Ние, пак, застапниците на овие вредности, имаме обврска оваа идеја да ја прифатиме, афирмираме и да ја реализираме. И конечно, семејството, најсветата институција која ја создал Бог. Денес кога некои се обидуваат да го редефинираат семејството, ние пробуваме да ја заштитиме таа основна клетка на општеството. Многу добро знаеме дека секоја нација е силна колку што се силни нејзините семејства. Да го заштитиме традиционалното семејство.
Мицкоски му заблагодари на унгарскиот премиер Виктор Орбан велејќи дека тој е редок лидер во Европа кој ги промовира политика на цврсти зборови како карпа, каде што зборот е збор. Мицкоски вели дека Орбан треба да биде поддржан, како и Трамп, кој, „е политичар кој води политика на раст и на враќање на надежта“.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Будимпешта имаше средба со претседателот на Владата на Унгарија, Виктор Орбанr.
Мицкоски на Фејсбук објави дека разговорот бил фокусиран на одличната билатерална соработка помеѓу Македонија и Унгарија, како и на можностите за нејзино натамошно продлабочување.
„Во разговорот нагласив дека Македонија останува цврсто посветена на својот европски пат, на остварувањето на европската перспектива и на зачувувањето на стабилноста во регионот. Изразив благодарност за постојаната поддршка од страна на Унгарија со уверување дека стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со уште поголема динамика – наведува во објавата претседателот на македонската Влада.“
На конференцијата во Будимпешта меѓу другите гости се и словачкиот премиер Роберт Фицо, Андреј Бабиш од Чешка, Јержи Квашњевски и Матеуш Моравиецки од Полска, Алис Вајдел од Германија, како и американските десничарски ѕвезди Бен Шапиро, Џек Пособиец и Дејвид Рубин..
Македонските деца сè порано пробуваат цигари и алкохол: Првата цигара на 9 години, алкохол на 13
Резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје, покажуваат загрижувачки тренд кај македонските ученици – дел од децата ја запалуваат првата цигара уште на деветгодишна возраст, додека првиот контакт со алкохол најчесто се случува околу 13 години.
Истражувањето било спроведено во 96 средни училишта со повеќе од 2.800 ученици и укажува и на значителен пораст на употребата на електронски цигари. Повеќе од една четвртина од учениците пробале е-цигари, а секој десетти ги користел во изминатиот месец.
Алкохолот останува најраспространета психоактивна супстанца меѓу адолесцентите, при што момчињата почесто пријавуваат рана употреба, интоксикација и тешко епизодно пиење. Речиси третина од учениците првпат консумирале алкохол на 13 години или помлади.
Иако помал обем се регистрира и употреба на седативи без рецепт, канабис и коцкање, овие појави се особено присутни кај машката популација. Надлежните институции предупредуваат дека овие трендови бараат засилени и современи превентивни мерки.
Од Министерството за образование и наука информираат дека училиштата веќе спроведуваат програми за превенција на злоупотреба на психоактивни супстанци, а од оваа учебна година е воведен и изборен предмет за здравствена писменост. Институтот за јавно здравје нагласува дека резултатите од ЕСПАД треба да послужат како основа за подобрување на политиките и заштита на здравјето на младите.
АХВ засилено ги контролира детските новогодишни пакетчиња: дел од нив повлечени поради неточни декларации
Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за да ја провери безбедноста на детските новогодишни пакетчиња. Контролите беа извршени во магацини за пакување, маркетите и продавниците кои ги пласираат овие производи.
Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите и непотполни декларации, инспекциските служби издадоа 4 решенија за повлекување на пакетчиња од промет. Дополнително, двајца оператори со храна добија наредби за ставање на комплетни збирни декларации на пакетчињата.
Од спроведените 262 инспекциски надзори, не се изречени парични казни и не е поништена ниту една храна како небезбедна. Во споредба со ланската сезона, кога беа утврдени сериозни неправилности како погрешни ознаки, истечен рок на употреба и промени во својствата на производите, годинава се забележани само минимални недоследности кај операторите.
АХВ најавува дека контролните активности ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се осигура безбедноста на детските пакетчиња.
Итни мерки против аерозагадувањето активирани и во Скопје
По Кичево и Струмица, од денеска итните мерки за справување со аерозагадувањето се активираат и во Скопје, откако мерните станици регистрираа надминување на дозволените концентрации на штетни честички во повеќе скопски општини. Зголемената магла дополнително ја влошува состојбата, а високи нивоа на загаденост се забележани и во други градови низ државата.
Министерството за животна средина и просторно планирање ги активираше протоколите за заштита на јавното здравје, со посебен фокус на заштита на најранливите категории граѓани.
Согласно владините мерки, работодавците имаат обврска да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, како и лицата кои прележале миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.
Лекарите, особено пулмолозите, апелираат граѓаните да го ограничат престојот на отворено на минимум, доколку нема итна потреба. Според нив, најкритични се раните утрински и доцните вечерни часови, кога концентрациите на загадувачки честички се највисоки. Доколку е неопходно движење, се препорачува користење на јавен превоз наместо сопствени возила.
Надлежните институции ги повикуваат граѓаните редовно да ги следат препораките и официјалните соопштенија сè додека трае епизодата на загаден воздух.