Законските измени за репрезентативност на синдикатите: Пратениците и синдикатите на отворена средба за поголема застапеност во Економско-социјалниот совет

Претседателот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Бојан Стојаноски, заедно со пратениците Даниела Велимова и Беким Сали, денеска одржаа отворена средба со претставници на синдикатите во Собранието на Република Северна Македонија. Тема на средбата беа законските измени кои предвидуваат намалување на прагот за репрезентативност на синдикатите од 10 на 5%, со цел поголема застапеност и учество во Економско-социјалниот совет.

Стојаноски истакна дека измените се направени со конзенсус и дека намалувањето на условот за репрезентативност ќе овозможи поголема демократизација на советот и поголем број работници да бидат претставени. „Се надеваме дека со повеќе синдикати ќе може да се врши поголем притисок и врз работодавачите и врз Владата за исполнување на синдикалните барања“, додаде тој.

И покрај отворениот повик, дел од синдикатите, вклучително и претставници од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), не присуствуваа на средбата. Стојаноски посочи дека претседателот на ССМ бил лично поканет и дека поканата останува отворена.

Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), го поздрави предлогот за намалување на прагот, оценувајќи дека тоа ќе донесе поквалитетен социјален дијалог и ќе ги вклучи помалите синдикати во советот. Тој упати повик и до ССМ да се приклучи на дијалогот.

Слободан Антовски, претседател на Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија (УНАСМ), ја поздрави одлуката и изрази надеж дека сега и помалите синдикати ќе можат да бидат дел од советот, што претходно не било возможно поради отпорот на поголемите синдикати.

Благоја Рапалковски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), нагласи дека законските измени се во согласност со препораките на Меѓународната организација на трудот и ќе придонесат за демократизација на синдикалното организирање.

Овие законски промени се очекува да ја подобрат социјалната клима и дијалогот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата, со што ќе се обезбеди подобра заштита на работничките права во земјата.