Американските мировни посредници ѝ порачале на Украина дека како дел од можен договор за завршување на војната ќе мора да се согласи на повлекување на своите сили од источниот дел на Донецката област, изјави функционер запознаен со разговорите одржани во Берлин.
Според изворите, кои зборувале под услов на анонимност по завршувањето на вториот ден преговори меѓу украинските и американските претставници, Киев побарал продолжување на дискусиите, бидејќи и понатаму постојат сериозни несогласувања околу територијалните прашања.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин одржа средби со американскиот изасланик Стив Виткоф, Џаред Кушнер – зет на американскиот претседател Доналд Трамп, како и со повеќе европски лидери. Иако Украина е под зголемен притисок од администрацијата на Трамп да направи отстапки кон Русија, официјален Киев во јавноста настапи со умерен оптимизам.
Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, изјави дека разговорите биле конструктивни и дека е постигнат одреден напредок, нагласувајќи ја улогата на американскиот тим во обидите за наоѓање трајно мировно решение.
Клучните точки на преговорите остануваат статусот на украинската територија и можноста за членство во НАТО. Украина сигнализираше дека е подготвена да се откаже од амбицијата за влез во Алијансата, доколку добие цврсти и обврзувачки безбедносни гаранции од Западот. Сепак, не е јасно дали е постигнат напредок по ова прашање и дали разговорите можат да доведат до прекин на огнот прифатлив и за Москва.
Од Кремљ порачаа дека барањето Украина да не стане членка на НАТО е клучен услов за било каков мировен договор, додавајќи дека Русија очекува дополнителни информации од САД по берлинските разговори.
Во меѓувреме, анкетите во Украина покажуваат дека мнозинството граѓани се подготвени за договор што би ја замрзнал сегашната линија на фронтот, но силно се спротивставуваат на отстапување територии без јасни безбедносни гаранции.
Преговорите во Берлин се одвиваат во рамки на чувствителна дипломатска недела за Европа, во која лидерите на ЕУ, НАТО и клучните европски држави се обидуваат да најдат заеднички пристап кон поддршката на Украина и можните патишта кон мир.