Connect with us

Економија

Нотарите бараат зголемување на тарифите и помал број канцеларии

Поради пораст на материјалните трошоци и повеќе од две децении непроменети тарифи, Нотарската комора на Македонија побара зголемување на цените за одредени услуги и измени во законската регулатива. Во комуникација со Министерството за правда, нотарите посочиле дека моменталната состојба станува неодржлива.

Цената за заверка на документ и натаму изнесува 100 денари, непроменета од 1998 година. „Во таа сума е невозможно да се вклучи сè – од платен налог до чување документи три години и нивно уништување,“ велат од Комората.

Меѓу барањата е и враќање на стариот закон според кој на еден нотар треба да има најмалку 20.000 жители. Денес, Куманово со 70.000 жители има 14 нотари, наместо четири или пет, а Скопје дури 70 на 660.000 жители. Нотарите предлагаат и ограничување на обврзното учество на адвокатите во некои постапки.

Според нив, надоместоците за теренска работа не ги покриваат ни основните трошоци. За споредба, ако цената за заверка се зголеми од 100 на 200 денари, тоа е скромно покачување во однос на реалните потреби, велат тие.

Нотарите укажуваат и на финансиската нерамнотежа во предмети за наплата на комунални услуги, каде добиваат значително помал процент од адвокатите и извршителите. Како илустрација, денес солемизација на купопродажба на стан чини 4.600 денари, додека пред 1998 чинела околу 400 германски марки.

Дополнителен проблем претставува обврската за физичко чување на документите, што значи поголеми трошоци за простор. Комората предлага воведување на електронски архивски систем за олеснување и модернизација на нотарската работа.

Advertisement

Економија

Шведскиот мебелски гигант ја затвори вратата: ИКЕА засега не доаѓа на македонскиот пазар

Интер ИКЕА Груп, глобалниот франшизер на брендот ИКЕА, соопшти дека во моментов не постојат конкретни планови за отворање продавници во Македонија, со што ги демантираше информациите што неодамна се појавија во дел од домашните медиуми за можен влез на компанијата на пазарот.

Од групацијата нагласуваат дека постојано ги анализираат можностите за проширување на ИКЕА концептот, како на постојните така и на нови пазари, со цел да бидат поблиску до што поголем број потрошувачи. Сепак, како што наведуваат, до овој момент не е донесена одлука за инвестирање и отворање продажни капацитети во Северна Македонија.

„Интер ИКЕА Груп континуирано ги разгледува можностите за раст, но заклучно со денес нема планови за отворање ИКЕА во Северна Македонија“, соопшти компанијата во официјална изјава.

Во регионот, ИКЕА веќе има воспоставена мрежа на продавници и е присутна во Хрватска, Словенија, Србија, Романија, Бугарија и Грција, што на македонските потрошувачи им овозможува пристап до брендот преку соседните пазари.

Continue Reading

Економија

Вашингтон гради рударска офанзива за критични минерали, Македонија останува на маргините

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува серија, како што ги нарекува, „историски договори“ со домашниот рударски сектор, со цел значително зголемување на производството на критични минерали неопходни за одбраната, високите технологии и енергетската транзиција. Извори блиски до Белата куќа наведуваат дека фокусот е ставен на зајакнување на домашните капацитети и намалување на зависноста од странски пазари, пред сè од Кина.

Во рамки на оваа стратегија, финансиска поддршка веќе добија компании како MP Materials, Lithium Americas и Trilogy Metals. Преку овие инвестиции, САД настојуваат да воспостават посилна контрола врз синџирите на снабдување со литиум, ретки земни елементи и други стратешки суровини кои се клучни за модерната индустрија.

„Целта е Соединетите Држави да не зависат од противници или од странски субјекти кога станува збор за критичните минерали и синџирите на снабдување“, изјави Џарод Аген, извршен директор на Националниот совет за енергетика при Белата куќа. Според него, во првата година од мандатот на Трамп се создадени услови за уште поголем инвестициски бран во рударството.

Аген најави дека администрацијата планира интензивирање на рударските активности во Аљаска и Аризона, каде што се развиваат некои од најголемите рудници за бакар во светот. Бакарот во меѓувреме е ставен на листата на критични минерали, а одлуката на Трамп да го ограничи неговиот извоз и да ги зголеми државните резерви веќе има сериозно влијание врз глобалниот пазар.

На Лондонската берза на метали, цената на бакарот достигна речиси 12.000 долари за тон, поттикната од загриженоста за слабото снабдување и растечката побарувачка, вклучително и од секторот на вештачката интелигенција. Од почетокот на годината, бакарот поскапе за околу 35 проценти, а аналитичарите прогнозираат недостиг од над 120.000 тони годинава и уште поголем дефицит во 2026 година.

Побарувачката дополнително се зголемува поради глобалните инвестиции во електропреносните мрежи и забрзаната енергетска транзиција, каде бакарот е незаменлив материјал за ветерници, соларни панели и електрични возила.

Наспроти овие глобални трендови, Македонија останува на маргините на рударската мапа. Геолошките истражувања укажуваат на значителни резерви на бакар, што е потврдено и во нацрт-Стратегијата за минерални суровини изработена од МАНУ. Сепак, повеќе најавени инвестиции, како оние во Кожуф и Казандол, останаа нереализирани.

Во моментов, единствена активна инвестиција во рудник за бакар е проектот во Иловица, иако инвеститорот во минатото јавно укажуваше на проблеми со правната сигурност. Во услови кога големите светски економии агресивно инвестираат во стратешки минерали, Македонија сè уште нема јасен и функционален модел како да ги искористи сопствените ресурси.

Continue Reading

Економија

Бакарот на чекор до нов рекорд: Берзите бележат најсилен раст по финансиската криза

Цената на бакарот продолжува со силен нагорен тренд и се доближува до историското ниво од 12.000 долари за тон, заокружувајќи една исклучително турбулентна година на светските берзи. Пазарните движења се одвиваат во услови на засилени геополитички тензии, но и рекордна побарувачка за индустриски метали.

Податоците од Лондонската берза на метали покажуваат дека бакарот е на пат да го оствари најголемиот годишен раст од 2009 година наваму, што дополнително го зголемува интересот кај инвеститорите и индустриските потрошувачи.

Аналитичарите посочуваат дека растот е резултат на повеќе фактори. Глобалната понуда е ограничена, залихите се на ниско ниво, а рударското производство не успева да одговори на зголемената побарувачка. Истовремено, трговските тензии и неизвесноста на меѓународните пазари поттикнуваат забрзано купување на суровини.

Дополнителен притисок врз цената создава и забрзаната енергетска транзиција. Бакарот е еден од клучните метали за електричните возила, обновливите извори на енергија и модерната електроинфраструктура, што го прави незаменлив во процесот на декарбонизација.

Инвеститорите остануваат оптимисти и сметаат дека светската економија допрва влегува во долгорочен „супер-циклус“ на побарувачка на бакар, поттикнат од зелените политики и технолошките промени кои во голема мера зависат од овој метал.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг