Connect with us

Република

Пожарите беснеат низ државата – активни пет жаришта, сериозна состојба кај Дојран и Велес

Пожарот кај село Николич во општина Дојран, кој неколку дена гори на отворен простор, сè уште не е целосно ставен под контрола. Опасноста од негово проширување кон општина Валандово е реална, а теренот е непристапен, што ја отежнува интервенцијата.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, за ТВ 24 изјави дека пожарот можел да биде спречен навреме доколку се интервенирало со воздушни сили.

„Требаше навреме да се реагира. Пожарот е на непристапно место и имаше потреба од воздушно гасење“, рече Ангов.

Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека утрово на терен биле испратени екипи на „Национални шуми“, а со механизација се пробиваат планинските патишта за да се обезбеди пристап до огнената линија.

Во моментов на територијата на државата се активни пет пожари од вкупно девет регистрирани во последните 24 часа. Сериозна е и ситуацијата во општина Велес, каде што гори мешана шума меѓу селата Џидимирци и Крушје. И овој пожар се наоѓа на непристапен терен, а го гаснат пожарникари од Скопје и Велес.

Голем пожар вчера зафати и три куќи во скопската населба Злокуќани. Според Центарот за управување со кризи, огнот започнал во една куќа, но поради силниот ветер и сувата вегетација брзо се проширил и зафатил уште две соседни куќи.

На терен веднаш интервенирале екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје, а по наредба на надлежните, заради безбедност, била исклучена електричната енергија на нисконапонската мрежа. Во пожарот повредени се две лица.

Според податоците на ЦУК, од 1 до 14 јули годинава се регистрирани 411 пожари на отворен простор. Институциите апелираат на крајна внимателност и навремено пријавување на секое сомнително движење или чад.

Advertisement

Република

Уникатни подводни археолошки наоди откриени во Преспанско Езеро

Во Преспанско Езеро, во близина на селото Наколец, за првпат се реализирани подводни археолошки истражувања кои резултираа со откривање редок и исклучително добро зачуван органски материјал од средновековниот период. Истражувањата ги спроведоа НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамки на проектот ACT4PRESPA.

Во првите две фази од проектот, стручниот тим изврши рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Грција до границата со Албанија, при што беа идентификувани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен за понатамошно истражување се издвоил локалитетот кај селото Наколец, каде што потоа биле спроведени и сондажни археолошки истражувања во два циклуси.

По повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегле на копно, што овозможило детални археолошки истражувања. На локалитетот кај Наколец бил откриен простор заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети.

Особено значајно е пронаоѓањето предмети изработени од органски материјали, како дрвени алатки, рачки, чешли и различни конструктивни елементи. Според истражувачите, ваквите наоди се прв и засега единствен пример на сочувани органски предмети од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот се толкува и како прв познат пример на благороднички имот од XIV век во македонската археологија.

Истражувачите објаснуваат дека невообичаеното зачувување на органските материјали се должи на милта и тињата на езерото, кои создаваат средина без кислород и го спречуваат распаѓањето на предметите, овозможувајќи редок увид во животот на средновековните заедници во регионот.

Првичните анализи укажуваат дека жителите на средновековна Преспа главно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што претставува изненадување со оглед на непосредната близина на езерото и фактот дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.

Continue Reading

Република

Утре дел од Тетово и три тетовски села без електрична енергија

Поради планирани работи на електродистрибутивната мрежа, утре (16 декември 2025 година) без електрична енергија ќе останат делови од Тетово и три тетовски села.

Во периодот од 09:00 до 14:30 часот струја ќе немаат делови од селата Долно Палчиште и Мала Речица, додека во селото Камењане прекинот ќе трае од 09:00 до 14:00 часот.

Во град Тетово, планиран прекин на електричната енергија ќе има од 12:30 до 14:30 часот, и тоа кај објектите што се наоѓаат во близина на Стариот технички.

Од надлежните информираат дека прекините се поради редовно одржување на мрежата и апелираат на разбирање од граѓаните.

Continue Reading

Република

Проданоски: Празнична бајка на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“

На плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ во Прилеп денеска се одржа германски Божиќен базар, кој во празнична атмосфера обедини ученици, наставници, граѓани и гости од повеќе општини низ државата. Настанот беше исполнет со божиќни колачиња и переци, рачно изработени празнични украси, песни на германски јазик и креативни изведби на младите учесници.

Германскиот Божиќен базар беше организиран од Здружението на наставници по германски јазик, со поддршка од Гете-институтот од Скопје, Амбасадата на Сојузна Република Германија во Македонија и Општина Прилеп. Голем интерес предизвика активното учество на ученици од основните и средните училишта во Прилеп, кои преку својата креативност придонесоа за автентична празнична атмосфера.

На настанот присуствуваше и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, што, според Проданоски, претставува значајна поддршка и потврда за важноста на ваквите културно-образовни иницијативи.

Проданоски истакна дека ваквите настани им овозможуваат на младите да се запознаат со други култури и традиции, да развиваат почит, толеранција и отвореност кон различностите – вредности кои се основа на современо и европско општество. Тој нагласи дека Прилеп уште еднаш се покажа како град кој ги негува културните настани, ги поддржува младите и живее со празничниот дух.

Упатени беа честитки до организаторите и благодарност до сите деца и млади учесници, кои со својот труд и ентузијазам го направија настанот посебен.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг