Connect with us

Спорт

Ристовски за „Радио Слободна Европа“: Финансиите одат директно кај спортистите – реформите во спортот не се прават преку ноќ

Македонија како домаќин на Европскиот младински олимписки фестивал (EYOF) настапи со 181 млад натпреварувач, но не освои ниту еден медал. Министерот за спорт, Борко Ристовски, во интервју за „Радио Слободна Европа“ се обиде да одговори на јавниот интерес за причините поради кои македонските спортисти ги немаше меѓу најдобрите и најави суштински реформи, кои очекува да влијаат и на спортските успеси на македонските натпреварувачи. Според него, вакви резултати не се променуваат преку ноќ.

„Немањето резултати не може да се смени ниту за една година, ниту за две, ниту за три. Тоа е еден процес којшто барем треба да трае два олимписки циклуса, а тоа е четири до осум години за да направите резултат на Олимпијада. А не е точно дека младите не се поддржани од државата. Јас ќе ви набројам многу факти коишто не се така,“ рече Ристовски.

Средствата кои им се потребни на спортистите за поддршка на нивниот спортски развој сега се добиваат директно – без посредништво од спортските федерации или клубови.

„Направивме да заслужните спортисти ги добиваат средствата директно. Да не оди тоа преку федерациите, затоа што имаме случаи кога ние ги префрламе наменски средствата за одреден спортист и тие средства се држат четири до пет месеци и не му се префрлаат на спортистот,“ рече Ристовски.

На прашањето зошто се случуваат вакви блокади, министерот вели:
„Објаснување нема. Меѓутоа ќе дојдеме и до тоа. Сега директно ќе ги даваме на спортистите и спортистите ќе донесуваат извештај, нормално со фискални сметки, со фактури каде ги потрошиле тие средства, затоа што индивидуалниот спорт е многу различен од колективниот.“

Во однос на програмата за поддршка на млади спортски таленти, министерот објасни дека се потребни промени за да се зголеми поддршката што ја добиваат талентите.
„Ако мене ме прашувате, ние 500 талентирани дечиња во државата немаме. Дали имаме и 250? Затоа размислуваме во иднина бројката да се намали, а помошта во средства да се зголеми. Значи, ако досега земале, не знам, по 8.000 денари, потоа 250 дечиња да земаат по 15.000 денари секој месец и да навистина ја осетат таа помош. Верувајте дека преку ноќ не бива ништо, меѓутоа ве уверувам исто така дека Министерството за спорт, и јас и мојот тим, сме решени да работите ги поставиме онака како што треба.“

Министерот особено се осврна на инфраструктурните инвестиции и изградбата на нови игралишта, кои се основа за вклучување на младите во спортски и здрави навики:
„Во делот на капиталните спортски инфраструктурни објекти мислам дека сум многу горд на сè она што го направивме. Изградивме преку 30 мултифункционални игралишта. Иако мултифункционалните игралишта не значат професионален спорт, значат простор за дечињатаи возрасните можат да рекреираат, како и секој што ќе посака. Што повеќе дечиња играат на тие мултифункционални игралишта, толку повеќе ќе градиме поздрава нација и дечиња базирани на вистински вредности.“

На темата за ревизорскиот извештај за Јавното претпријатие за спортски објекти, кое управува со имот вреден 32 милиони евра, а за кое не постојат точни податоци за користење и управување, министерот беше остар:

„Ревизорскиот извештај е во ред и мислам дека е, мене ако ме прашувате, и премногу блага форма напишан од ревизорите. Тоа јавно претпријатие во изминативе 30-тина години служеше за богатење на одредени луѓе кои што беа блиски до властите. Една, друга или трета, не налагам – генерално ќе зборувам.“

Во однос на спортски објекти дополни:

„Имам некои размислувања, дали ќе бидат прифатени од владата или не, ќе видиме. Меѓутоа, имам некои размислувања Министерството за спорт да земе одредени спортски објекти кои се од национален интерес, да ги реконструира и да се договориме дали да се оди со јавно-приватно партнерство.“

Во однос на обвинувањата од опозицијата за нетранспарентност и доделување субвенции без објавени документи, министерот одговори:

„На „Отворени финансии“ може да ги видите сите трансакции, може да ги видите сите трансакции коишто ги прават сите институции. Можеби сакаат да направат некоја си извртување, но вистината е дека Министерството за спорт немаше официјална веб-страница, што не е по наша вина. Мора да има унифицирана веб-страна и државата ги правеше тие за сите нови министерства.“

Тој истакна дека одговорот на секое барање за информација се обезбедува брзо и целосно: „Сè она што секој оној којшто ќе побара било каква информација од Министерството за спорт, јас гарантирам дека во рок од 12 часа ќе биде одговорено.“

Што се однесува до критериумите за субвенции, министерот потенцира дека тие се прецизни, транспарентни и отпорни на политичко влијание:„Апсолутно ниту јас, ниту било кој од институцијава може да влијае на тоа како се доделуваат тие субвенции во спортот.“

Advertisement

Спорт

Омерагиќ: Конструктивен состанок за избор на нов селектор на македонската А репрезентација

Како Комисија за избор на нов селектор на македонската А репрезентација, денеска имавме конструктивен состанок, изјави Масар Омерагиќ, претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

На состанокот беа разменети размислувања за профилот на македонски тренер кој ќе внесе стабилност, јасна концепција и континуитет во работата со најдобрата селекција.

Предлогот за нов селектор ќе биде доставен до Управниот одбор на ФФМ најдоцна до 25 декември.

Continue Reading

Спорт

„Пелистер“ го слави јубилејот: 90 години планинарска традиција и спортски успех

Најтрофејното и најстарото национално планинарско-спортско друштво во Република Македонија, Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ – Битола, формиран уште во далечната 1935 година, со гордост одбележува импозантни 90 години постоење. Оваа годишнина не е само јубилеј, туку прослава на една богата традиција, која ги постави темелите на организираното планинарење и скијање во земјава.

Во рамките на јубилејната програма, вечерашниот настан во Битола ќе биде вистински магнет за сите љубители на планината. Пред планинарите и рекреативците од градот и државата, во Битолскиот театар ќе гостува д-р Сашко Кедев, кој ќе ја претстави својата презентација „14х8000 метри“.

Прославата кулминира во недела со традиционална планинарска пешачка тура на планината Баба, која ќе ги собере сите генерации на едно место, во природата.

Забележано во архивите како вистинска приказна за успехот, клубот е основан во 1935 година како Туристичко-планинарско друштво „Пелагонија“. ПСК „Пелистер“ е негов правен наследник, како основоположник на македонското национално планинарско движење.

Во текот на своето деветдецениско постоење, ПСК „Пелистер“ ги има најголемите имиња на битолското и македонското планинарство. Невозможно е да се спомене клубот, а да не се истакне името на Димитар Илиевски Мурато – првиот Македонец кој во 1989 година го освои највисокиот врв на светот, Монт Еверест.

Од клубот произлегоа и бројни државни прваци во скијање во сите категории, а нивните планинари ги освоија највисоките точки од Балканот (Мусала, Олимп, Триглав, Кораб…) па сѐ до најдалечните и највисоките врвови на Европа и светот: Елбрус, Матернхорн, Арарат, Монблан, Врвот на Комунизмот, Хималаите, Аконкагва, Килиманџаро…

Дефинитивно, ПСК „Пелистер“ не е само клуб – тој е жива историја и вечна инспирација за сите кои сонуваат за височините.

Continue Reading

Спорт

Пелистер го совлада Вардар: Победа што ја поттикнува надежта за спектакуларна сезона

rk pelister

Во атмосфера за паметење, пред преполната сала „Боро Чурлевски“, Еурофарм Пелистер го совлада вечниот ривал РК Вардар 1961 со убедливи 28-23 (13-10) во дербито на 16. коло од македонската Суперлига. Битолчани одиграа маестрален натпревар, носени од навивачката еуфорија и фантастичната форма на неколку поединци.

Најистакнат играч беше Богдан Радивојевиќ, кој одржа вистинска лекција по реализација. Десното крило постигна неверојатни 9 гола од 9 обиди, заслужено грабнувајќи ја титулата најефикасен и најдобар играч на мечот. До него, голманот Саид Хаидаридад, кој спушти рампа пред „вардарци“ со 12 одбрани. Капитенот Филип Кузмановски исто така имаше извонредна вечер, постигнувајќи шест погодоци.

Кај гостите од Скопје, прв стрелец беше Хориха со шест погодоци, но тоа не беше доволно да се скрши цврстата „зелено-бела“ одбрана.

И покрај поразот, РК Вардар 1961 ја задржува лидерската позиција во домашното првенство со 30 бода, но разликата се намали на само два бода. Пелистер сега има 28 поени, додека РК Охрид и Алкалоид си делат по 23 бода по 16 одиграни кола.

Во следното 17. коло, Еурофарм Пелистер го очекува пеколно гостување кај РК Охрид. Се очекува ракометна драма и возбудлив дуел во „Билјанини Извори“. Вардарци, пак, ќе имаат шанса за поправен пред домашната публика против Радовиш.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг