Connect with us

Економија

Нови закони за рударство во Македонија: Поголеми економски придобивки и засилена заштита на животната средина

Од новите закони поголеми економски придобивки ќе има и државата, зашто се зголемуваат таксите и рударските надоместоци, а воедно се поттикнуваат рударството и одржливите инвестиции. Се очекува и засилена борба против „дивите рудници“ и нелегалната експлоатација на минерални суровини. 

Законот за минерални суровини наскоро ќе замине во историја. Него се очекува да го заменат Законот за рударство и Законот за геологија. Нацрт-текстовите на новите законски решенија веќе се наоѓаат на јавен увид и, како што соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, тие се целосно усогласени со европската регулатива. Од ресорното Министерство истакнаа пет главни цели на новите закони, меѓу кои и подобрена заштита на животната средина, преку строги еколошки стандарди за експлоатацијата и преработката на минералните суровини, како и обврска за санација и рекултивација на теренот.

Се најавува засилена поддршка на локалните заедници, но и поголема контрола и транспрентност, со засилен надзор врз работата на рудниците од страна на државните институции. Од новите закони поголеми економски придобивки ќе има и државата, зашто се зголемуваат таксите и рударските надоместоци, а воедно се поттикнуваат рударството и одржливите инвестиции. Дополнително, се очекува и засилена борба против „дивите рудници“ и нелегалната експлоатација на минерални суровини.

Една од најголемите новини е прифаќањето во домашното законодавство на директивите на Европската Унија, кои се однесуваат на критичните минерални суровини и т.н. стратешки проекти во рударството. Поконкретно, усогласувањето е со минатогодишната директива на ЕУ, која цели кон енергетска независност на Унијата од трети земји, особено за минерали како што се литиумот, бакарот, кобалтот и други минерали кои се неопходни за исполнување на целите од зелена агенда. Односно, за снабдување со критични материјали без кои не би можело да се градат ветерници, електрични возила и генерално да се создава зелена енергија, а за што ЕУ во најголема мера зависи од Кина и од САД. Согласно новото законско решение кај нас, пристапот до стратешките минерални суровини е од суштинско значење за економијата на државата.

„Стратешките минерални суровини се сметаат за критични поради нивната висока економска важност и нивната изложеност на висок ризик за снабдување, често предизвикан од висока концентрација на понуда од неколку трети земји. Со оглед на клучната улога на многу вакви критични суровини во реализацијата на зелените и дигиталните транзиции и во светлината на нивната употреба за одбранбени и воздушни намени, побарувачката веројатно ќе се зголеми експоненцијално во наредните децении. Во исто време, ризикот од прекини во снабдувањето се зголемува во позадината на зголемените геополитички тензии и конкуренцијата во ресурсите“, се наведува во нацрт Законот за рударство.

За оваа цел, со новото законско решение македонските власти исто така се обврзуваат да изработат Листа на стратешки минерални суровини и Листа на критични минерални суровини, кои Владата ќе може да ги ажурира на секои три години.

„Листата на стратешки минерални суровини ќе вклучува, од проценетите суровини, суровини кои се меѓу највисоките во однос на стратешкото значење, предвидениот раст на побарувачката и тешкотијата за зголемување на производството“, се истакнува во новиот нацрт-текст.

По чекорите на Европската Унија, и Македонија ќе се приклучи кон идејата за т.н. стратешки проекти. Брисел годинава веќе утврди 47 стратешки проекти, односно голем број рудници, во 13 земји-членки: Белгија, Франција, Италија, Германија, Шпанија, Естонија, Чешка, Грција, Шведска, Финска, Португалија, Полска и Романија, за ископ на критични минерални суровини и за нив се предвидени забрзани процедури за дозволи. Со новите решенија кај нас, се изготвуваат критериуми за препознавање на стратешки проекти, но ќе се формира и Комисија која ќе постапува по барањата, а во фокусот ќе биде поставена заштита на животната средина.

„…проектот би се спроведувал одржливо, особено во однос на мониторингот, превенцијата и минимизирањето на влијанијата врз животната средина, спречувањето и минимизирањето на социјално негативните влијанија преку употреба на општествено одговорни практики, вклучувајќи почитување на човековите права и работничките права, особено во случај на присилно преселување, потенцијал за квалитетно создавање работни места и релевантен ангажман на локалната заедница адекватни политики за усогласеност за да се спречат и минимизираат ризиците од негативни влијанија врз правилното функционирање на јавната администрација, вклучително и корупција и мито“, се потенцира во Законот.

Покрај Македонија, во утврдувањето на одреден проект како стратешки улога ќе има и Европската комисија.

„Доколку Република Северна Македонија не се согласи предложениот проект да добие статус на стратешки проект, истиот го одбива Европската комисија“, се додава во предлог-текстот.

Покрај двата закона, паралелно се работи и на финализирање на Стратегијата за минерални суровини 2025-2045, на чиј текст работеше МАНУ. Со неа се стимулираат геолошките истражувања, бидејќи, како што се нагласува „Република Северна Македонија има особено значење како производител на метали како што се олово-цинк, бакар и никел и игра значајна улога во поширокиот европски, па и светски контекст како клучен извор на овие критични минерали во регионот“. Засега е неизвесно дали и каков импулс ќе имаат новите законските решенија и Стратегијата на македонското рударство, со оглед на фактот дека оваа гранка има сѐ помало учество во индустриското производство и во Македонија се нема отворено нов значаен рудник за минерални суровини во изминатите 40 години. Од Листата на критични минерални суровини која ја изготви Европската Унија, според геолошките истражувања, Македонија најмногу може да се пофали со бакар, но инвестициите најчесто се соочуваат со низа бариери. Па така, остана нереализирана инвестицијата за рудникот за бакар во Казандол на англиско-украинскиот конзорциум Сардич, кој неофицијално веќе го има добиено спорот против Македонија во меѓународна арбитража. Претходно не се оствари ниту проектот за рудник за бакар на Кожуф на канадската фирма „Резервоар минералс“. Засега единствено тапка во место инвестицијата на „Еуромакс ресоурцес“ во проектот за рудник за бакар во Иловица.

Економија

Иднината со AI е неизвесна: ќе имаме повеќе време за себе, но но работните места ќе исчезнат

Во 2025 година, гигантите на технологијата зборуваат за свет каде што човечкиот труд станува речиси непотребен, а Џефри Хинтон – човекот наречен „Кум на вештачката интелигенција“ – ги потврдува најсмелите предвидувања на Илон Маск и Бил Гејтс.

Додека извршниот директор на Nvidia, Јенсен Хуанг, ветува четиридневна работна недела благодарение на автоматизацијата, Хинтон оди чекор подалеку. Според него, иднината што ја замислуваат технологиските магнати не е научна фантастика – таа е неизбежна. Маск предвидува дека работата ќе стане опционална во следните две децении, а Гејтс тврди дека „повеќето работни места“ наскоро ќе исчезнат. Сега Хинтон додава: ова не е само можност, туку веројатност.

Хинтон, кој го напушти Google во 2023 година за да ја предупреди јавноста за ризиците од вештачката интелигенција, остро ја критикува индустријата за нејзините мотиви. На неодамнешна дискусија на Универзитетот Џорџтаун, тој предупреди дека масовните инвестиции во центри за податоци и суперкомпјутери имаат една јасна цел: замена на човечки работници со машини.

„Ако се прашувате од каде ги добиваат трилионите долари што ги вложуваат во инфраструктурата, дел од парите ќе дојдат од продавање на вештачка интелигенција што ќе ги извршува работите на луѓето за многу помалку пари. Ова е облог на замена на човечки работници,“ рече Хинтон.

Иако HSBC прогнозира дека OpenAI нема да биде профитабилен пред 2030 година, притисокот за краткорочни финансиски добивки ги тера технолошките компании да фаворизираат профит пред етика, што Хинтон го критикува како опасен тренд.

Влијанието на вештачката интелигенција нема да се ограничи само на едноставни задачи. Берни Сандерс предупреди дека скоро 100 милиони работни места во САД се во опасност во следната деценија. Не се штедат ниту „белите јаки“: сметководителите, програмерите, па дури и медицинските сестри се на удар.

Сенаторот Марк Ворнер предупредува за особено тешка иднина за младите дипломирани: стапката на невработеност би можела да скокне до 25% во следните две-три години. „Работата, без разлика дали сте чистач или неврохирург, е составен дел од тоа да се биде човек,“ додава Сандерс. „Што се случува кога овој витален аспект на човечкото постоење е отстранет од нашите животи?“

Едно е сигурно: вештачката интелигенција нема да исчезне. Работниците немаат луксуз да ја игнорираат. Единствената опција е адаптација – да ги користат овие технологии за да ги зголемат своите вештини и да преживеат во свет кој радикално го менува концептот на работа.

Иднината на трудот не е само економска дилема – тоа е егзистенцијално прашање за човештвото.

Continue Reading

Економија

Финансиските пазари во исчекување: Што ќе одлучат Федералните резерви?

Глобалните пазари се во исчекување. Денешната одлука на американските Федерални Резерви за каматните стапки ја стави светската економија во состојба на претпазлива неизвесност. Инвеститорите чекаат да видат дали централната банка ќе попушти под политичките притисоци или ќе остане цврсто на својата монетарна стратегија.

Тргувањето на Волстрит беше забавено и резервирано, со мали, речиси симболични движења. Dow Jones падна за 0,38%, а S&P 500 за 0,09%. Само технолошкиот Nasdaq успеа да зајакне за скромни 0,13%.

Обемот на тргување беше значително под просекот, што е јасен знак дека големите играчи ги држат картите додека не се објави пресудата од Вашингтон.

Ниту европските берзи не поминаа подобро. Лондонскиот FTSE (пад од 0,88%), франкфуртскиот DAX (шок пад од 1,77%!) и парискиот CAC (пад од 1,0%) се бореа со негативните трендови, а претпазливоста го зарази и азискиот пазар.

Неизвесноста околу каматните стапки му даде крилја на американскиот долар. Вредноста на „зелената банкнота“ зајакна во однос на главните светски валути: Курсот на еврото падна на 1,1630 долари. Доларот се зацврсти во однос на јапонскиот јен, достигнувајќи 156,65 јени.

Златото е под силен притисок, бидејќи повисоките каматни стапки ја намалуваат атрактивноста на благородниот метал. Дури и Биткоинот не остана имун на оваа пазарна треска, падна на околу 90.000 долари, реагирајќи на генералната неизвесност.

Над целата финансиска драма се надвиснува сенката на политичкиот притисок. Претседателот Доналд Трамп отворено бара од ФЕД да ги намали каматните стапки, потег кој многумина го гледаат како директен напад врз независноста на централната банка.

Меѓутоа, податоците се сурова реалност. Инфлацијата сѐ уште е околу 3 отсто. Пазарот на трудот е цврст.

Овие показатели ги притиснуваат Федералните Резерви. Дали ќе се оддалечат од својата цел за контрола на инфлацијата и ќе попуштат пред Белата куќа, или ќе го зачуваат својот кредибилитет и ќе ја одржат или зголемат стапката?

Недостатокот на клучни економски податоци за октомври, предизвикан од неодамнешното затворање на федералната влада, ја замати сликата. Инвеститорите сега се потпираат исклучиво на проценката на Федералните Резерви за иднината, правејќи ја денешната одлука критична за насоката на светските пазари.

Continue Reading

Економија

Кратово, Кочани и пет други града со 100% неправилности во УЈП контролите: Каде е најцрно на фискалната мапа на Македонија?

Управата за јавни приходи ги објави резултатите од 266 теренски контроли спроведени во периодот од 1 до 30 ноември 2025 година, насочени кон угостителски објекти, трговци, такси-компании, производствени капацитети, казина и други субјекти. Од вкупниот број контроли, кај 104 субјекти се утврдени неправилности, што претставува сериозен сигнал за ниско ниво на фискална дисциплина во повеќе градови низ државата.

Најновите податоци откриваат драматични разлики по региони: дел од градовите покажуваат исклучително висока дисциплина, додека други буквално „паѓаат“ на секоја контрола. Пресметката на процентуалната успешност – односно соодносот меѓу бројот на контроли и откриените неправилности – покажува дека во неколку општини ситуацијата е алармантна.

Градови со најлоша фискална дисциплина – 100% неправилности

Во седум македонски градови секоја извршена контрола завршила со констатирана неправилност. Тоа се:

Кратово (100%) – 1 контрола, 1 неправилност
Кочани (100%) – 6 контроли, 6 неправилности
Свети Николе (100%) – 1 контрола, 1 неправилност
Дојран (100%) – 1 контрола, 1 неправилност
Делчево (100%) – 3 контроли, 3 неправилности
Берово (100%) – 4 контроли, 4 неправилности

Овие податоци покажуваат дека во повеќе региони системските пропусти се хронични, а непочитувањето на законските обврски е речиси правило, а не исклучок.

Градови со висок ризик – над 70% неправилности

Штип – 81.8%
Гевгелија – 71.4%
Радовиш – 71.4%
Неготино – 66.7%
Струмица – 57.1%

Овие средини не се во категоријата најлоши, но процентите укажуваат дека фискалната недисциплина е распространета и потребни се засилени контроли и поостри мерки.

Средна зона – меѓу 30% и 50% неправилности

Овде се наоѓаат градови со мешана слика, каде дел од субјектите ги почитуваат правилата, но сè уште постои значителен број прекршувања:

Куманово – 46.2%
Гостивар – 41.7%
Кичево – 40%
Охрид – 38.5%
Тетово – 35.3%
Ресен – 33.3%

Овие проценти сугерираат дека дисциплината е далеку од задоволителна, но позитивната страна е што постои значајна група субјекти кои работат според законот.

Градови со ниско ниво на неправилности

Битола – 25%
Прилеп – 20%
Велес – 15.4%
Кавадарци – 15.4%
Скопје – 14.9%

Иако и овие градови имаат утврдени прекршоци, процентите се значително пониски во споредба со останатиот дел од државата, што укажува на подобро усогласување со фискалните правила.

Градови со најдобри резултати – 0% неправилности

Два града се издвојуваат како целосно позитивни примери:
Дебар – 7 контроли / 0 неправилности
Росоман – 3 контроли / 0 неправилности

Овие резултати покажуваат дека фискалната дисциплина може да биде целосно почитувана кога има добра едукација, контрола и соработка меѓу бизнисите и институциите.

Што следува?

УЈП најавува засилени контроли во регионите со највисок процент на неправилности. Санкциите за прекршоците во ноември вклучуваат над 100 глоби за неиздавање фискални сметки, непоседување на фискална опрема, ненаведување дневни извештаи и други сериозни прекршувања.

Фактот што повеќе градови бележат 100% неправилности јасно покажува дека недисциплината е системски проблем, а не поединечен случај.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг