Connect with us

Економија

„Чистата“ струја низ филтерот на бројките за малите хидроцентрали

Малите хидроцентрали (МХЕ) се еден од најдискутираните, силно критикувани, но и најмалку разбраните извори на обновлива енергија. Постојано набљудувани низ црно-белата призма на добро и лошо, ја имаме ли реалната претстава за малите хидроцентрали?

Струјата од обновливи извори на енергија, меѓу кои и од малите хидроцентрали во Македонија е скап производ затоа што ова се извори на зелена енергија. Иако ова е „чиста“ струја од аспект на емисии на загадувачи на животната средина, мали хидроцентрали се мета на силни критики поради влијанието што може да го имаат врз биодиверзитетот во средините каде работат.

 

МХЕ низ „филтерот“ на бројките

Официјалните податоци од Регулаторната комисија за енергетика и МЕМО покажуваат дека во 2024 година над стотина мали хидроцентрали испорачале околу 180,7 GWh струја во системот. За таа услуга, како производители со повластени тарифи, наплатиле околу 906 милиони денари или околу 14,7 милиони евра. Ако се споредат просечните исплатени цени на производителите кои имаат повластени тарифи, се доаѓа до заклучокот дека најевтиниот киловат-час електрична енергија произведен од обновливи извори на енергија, е токму оној од малите хидроцентрали. Можеби тоа не е случај секоја година, но лани производството наспроти просечната исплатена цена изгледа вака:

МХЕ со 180,7 GWh исплатена просечна цена – 5,01 ден/kWh

Ветерните централи со 163,2 GWh – 5,48 ден/kWh

Фотоволтаичните централи за 16,8 GWh – 14,38 ден/kWh

Биогасните централи за 38,9 GWh – 11,08 ден/kWh.

Слична е состојбата и во 2023 година кога за еден киловат-час електрична енергија на малите хидроцентрали им е исплатена просечна годишна цена од 4,72 ден/kWh, на ветерните централи – 5,48 ден/kWh, на фотоволтаични централи – 14,32 ден/kWh и на биогасни централи – 10,58 ден/kWh.

Иако се мали и не се доминантна алка во миксот од производители МХЕ се важни затоа што даваат стабилно производство. Односно, можат да придонесат кога ветерниците и фотоволтаиците не можат да одговорат на потрошувачката. Во 2024 година, 55,72 одсто од вкупниот инсталиран капацитет во државата е од обновливи извори на енергија. Од нив уделот на хидроцентралите во инсталираната можност изнесува 24,13%.

Колку враќаат во државниот и општинските буџети?

Малите хидроцентрали плаќаат и концесии и надомест за концесии за користење на вода за производство на електрична енергија. И тоа, според Законот за водите концесискиот надоместок за користење вода за производство на електрична енергија се дели 50:50 меѓу државниот буџет и буџетот на општината на чија територија е концесијата. Висината на годишниот надоместок се пресметува како процент од просечната цена на произведената електрична енергија.

На пример Општина Дебрца за 2024 година наплатила 510 илјади денари надоместок, слично како и општина Демир Хисар, додека Кичево во годишниот Буџет има прилив од 1,8 милиони денари или речиси 30 илјади евра од двете мали хидроцентрали кои работат на нејзината територија. Општина Маврово и Ростуше очекува и годинава да има приход од користењето на водата за производство на електрична енергија од околу 550 илјади денари.

Уште толкав износ е уплатен и на сметката на државниот Буџет.

Проектирани и управувани според современи еколошки стандарди, МХЕ можат да обезбедат локална струја, стабилност на мрежата и приходи за општините.

Домашно законодавна рамка

На платформата ЕНЕР е објавен Предлог-закон за користење на енергија од обновливи извори, кој поставува нова рамка и за малите хидропроекти. Со законот се регулираат нето-мерење и нето-шеми за потрошувачи-производители (просумери), што е особено важно за локалните енергетски заедници и мали објекти, како и гаранции на потекло на енергијата и постапки за обезбедување на севкупната документација за проектот.

Еколошките услови за МХЕ, пак, се пропишани со Законот за животна средина и со дозволите што се издаваат. Проектите за хидроенергија подлежат на постапка за оцена на влијание врз животната средина со јавен увид или јавна расправа, а надлежното министерство носи решение врз основа на студијата, експертскиот извештај и вградените мислења од јавноста. Ова е „филтерот“ низ кој мора да помине секој проект пред да добие зелено светло.

Европски искуства

Иако во 2020 година дел од европските невладини организации ја доведоа во прашање користа од новите хидроенергетски проекти, податоците зборуваат поинаку: дури 91% од постојните и планираните хидроцентрали во Европа се токму мали, односно имаат инсталиран капацитет под 10 MW. Оваа бројка потврдува дека технологијата е клучен дел од енергетската транзиција.

Примери има многу. Во Австрија, каде што планинските региони се тешко достапни, МХЕ обезбедуваат стабилно производство на електрична енергија и дополнителен извор на приходи за локалните заедници. Во Норвешка и Шведска, пак, ваквите централи се дел од поширок микс на обновливи извори и често се користат за брзо балансирање на системот кога соларните и ветерните постројки не испорачуваат доволно енергија.

Вредноста на „малото“ за целата мрежа

Во оддалечени планински места каде што проширувањето на дистрибутивната мрежа е скапо, МХЕ даваат 24/7 предвидливо производство на електрична енергија, што е основна предност на овие производители. Ресурс што може брзо да „влезе“ во мрежата, да ја избалансира побарувачката и производството и да го зголеми или намали производството за неколку минути.

Дури и Американското Министерство за енергетика ја нотира оваа флексибилност како суштинска причина за поддршка на изградбата на хидроцентралите. Додека според студиите на Американската хидропауер асоцијација, МХЕ имаат уште една клучна предност: можат да помогнат во повторно ставање во функција на електроенергетскиот систем по голем прекин, што ги прави важен столб за енергетската безбедност.

Во комбинација со солар и ветер, МХЕ делува како „еластична врска“: брзо ја пополнува празнината кога облаците ја намалуваат фотоволтаичната генерација или кога ветерот стивнува. Во екстремни настани на прекин на производството на електрична енергија кај носителите на системот, како што се големите термоцентрали, МХЕ може да помогне при повторно вклучување на системот по прекин. Токму оваа брза променливост е причината поради која хидроенергијата се третира како клучен извор за сигурност и резерви во модерните електроенергетски системи.

Атрактивни се и за инвеститорите бидејќи нема потреба од изградба на големи брани и акумулации, што го намалува трошокот, но и влијанието врз животната средина.

Економија

Странски „хај-тек“ инвестиции од Германија и Турција: 80 милиони евра и илјада нови работни места

Македонската економија влегува во нова фаза на развој со најавата за две значајни странски инвестиции во областа на високата технологија. Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека германска и турска компанија ќе инвестираат околу 80 милиони евра, носејќи свеж капитал надвор од досега доминантната автомобилска индустрија.

Според најавите, двата проекта ќе имаат силен извозен карактер и значајна додадена вредност. Се очекува годишен извоз од над 200 милиони евра, како и отворање на приближно 1.000 нови работни места, главно во сегментот на високо квалификуван кадар.

Мицкоски истакна дека ваквите инвестиции го потврдуваат стратешкото насочување на државата кон високо-технолошки индустрии, со цел диверзификација на економијата и намалување на зависноста од еден сектор. Тој изрази оптимизам дека до крајот на годината ќе следат уште нови странски вложувања.

Најавените проекти се оценуваат како јасен сигнал за подобрена инвестициска клима и дел од пошироките напори за привлекување современи технологии, повисоки плати и одржлив економски раст.

Continue Reading

Економија

Димитриеска – Кочоска: 97 милиони евра за клучни енергетски проекти

Денеска беа потпишани договори за државна гаранција и заеми во вкупна вредност од 97 милиони евра, со кои ќе се реализираат стратешки енергетски проекти што значително ќе ја променат енергетската слика на државата.

Министерството за финансии, преку издавање државна гаранција, овозможи финансирање од 87 милиони евра за проектот „Фотонапонска електроцентрала Битола 3“. Од оваа сума, 50 милиони евра се обезбедени од КфВ, а 37 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Дополнително, обезбедени се и 10 милиони евра за ревитализација на хидроелектраните.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска изрази благодарност до меѓународните финансиски институции за континуираната поддршка, како и до тимот на АД ЕСМ за нивната посветеност во реализацијата на проектите.

Според неа, овие капитални инвестиции ќе придонесат за зајакнување на домашното производство на електрична енергија, ќе обезбедат посигурно и постабилно снабдување и ќе дадат силен поттик за економска стабилност и одржлив развој на државата.

Continue Reading

Економија

Божиновска: Нема енергетска криза, државата има резерви од мазут!

Граѓаните нема да почувствуваат никакви прекини во снабдувањето со топлинска енергија, иако ЕСМ побара прогласување кризна состојба. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, денеска на брифинг со новинарите порача дека државата има доволно резерви на мазут за да ги покрие потребите.

Барањето за кризна состојба ќе се разгледува на утрешната владина седница, но Божиновска нагласи дека тоа е технички чекор за да се активираат државните резерви. Причина за ова е триесетдневната неможност за редовна набавка на мазут од Грција поради тамошните протести.

„Нема да има никаква криза. Постои мазут во државата – ако не го земат од Грција, ЕСМ ќе го земе од државните резерви. За граѓаните ова нема да значи апсолутно ништо“, истакна министерката.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг