Connect with us

Економија

Водата како енергетска стратегија: Австрија го живее хидропотенцијалот

Во срцето на европската енергија, меѓу прекрасните планински пејсажи и брзите реки, Австрија ја создава својата електрична енергија. Водата тука не е само ресурс, туку задолжително гориво кое снабдува со енергија цели генерации. Речиси 60 % од електричната енергија што Австрија ја генерира доаѓа од нејзините хидроцентрали. Државата располага со околу сто големи хидроцентрали и илјадници мали постројки што ја обезбедуваат најстабилната основа на електричната мрежа. Во комбинација со ветер, биомаса и сонце, обновливите извори покриваат над 83 % од целата електрична енергија во Австрија.

Ова не е само импресивна моментална слика, туку и дел од стратешки развој и план, со кој земјата веќе ги исполнува целите за учеството на обновливата енергија во вкупното домашно производство.

Малите хидроцентрали, со капацитет до 10 MW, се суштински дел од производството на струја. Милиони евра се инвестираат редовно, а според проценките хидропотенцијалот сè уште не е исцрпен и до 2030 година може да се прошири со дополнителни 6 до 8 TWh.

Енергијата во симбиоза со екологијата – австрискиот модел

Кога ќе погледнеме кон Австрија, пред нас се отвора мозаична слика на комплексни проекти кои успеваат да го соединат енергетското производство со екологијата и локалниот развој. Во Горна Австрија, уште пред две децении беше започната амбициозна програма за ревитализација на старите мали хидроцентрали. Со инвестиции од десетици милиони евра, повеќе од двесте постројки беа реновирани и модернизирани. Резултатот не беше само зголемување на енергетското производство за над 40 проценти, туку и враќање на реките во нивната природна динамика: регулирани корита, изградени премини за рибите и технологијата се прилагоди на биодиверзитетот. Така, енергијата и природата почнаа да живеат во симбиоза.

Виртуелни централи и складишта на енергија

Државното претпријатие Bundesforste управува со осум мали хидроцентрали, а четири од нив се вклучени во „виртуелна електрична централа“ што тргува со енергијата директно на пазарот, без субвенции. Интересно во овој случај е што со тргувањето управува приватна компанија.

Истовремено, најголемиот оператор Verbund добива околу 90 % од својата енергија од хидрокапацитети. Со 20 складишни постројки и 88 хидроцентрали на падините на Алпите и реките Дунав и Драва. Тоа е модел кој покажува дека со паметно комбинирање на складирање и производство, хидроенергијата може да обезбеди речиси целосна сигурност на снабдувањето.

Хидропотенцијал што чека визија

Во Македонија, сликата е поскромна, но не и без тежина – особено ако ги разгледаме резултатите на малите хидроцентрали. Во земјата има 124 мали хидроцентрали со вкупно 133 MW инсталиран капацитет.

Според Годишниот извештај на РКЕ за 2024 година, вкупното производство на електрична енергија изнесувало 6.129 GWh, што е за 6,47 % помалку од 2023 година, но за 8,79 % повеќе во однос на 2022. Домашното производство покрило 88,97 % од бруто-потрошувачката, додека 11,03 % било обезбедено од увоз.

Во вкупната инсталирана моќност од 2.983,9 MW, обновливите извори, меѓу кои се и малите хидроцентрали, учествуваат со 1.663 MW или 55,72 %. Во структурата на производството, обновливите извори дале 2.514 GWh, што е 41,03 % од вкупното производство.

Според технологијата обновливите извори во 2024 година произвеле: големите хидроцентрали – 1.108 GWh, малите хидроцентрали – 308 GWh, ветерните централи – дале 194 GWh, фотоволтаиците – 851 GWh, а биогасните централи – 53 GWh.

Сликата што ја даваат бројките од РКЕ за 2024 година открива дека малите хидроцентрали имаат повисок факторот на искористеност од останатите обновливи извори. Малите хидроцентрали во 2024 година имаат фактор на искористеност од приближно 26 проценти. Факторот се пресметува според бројот на капацитети и вкупното производство од нив. Тоа значи дека, иако нивниот удел во инсталираниот капацитет е релативно скромен, тие произведуваат стабилно и сигурно, користејќи го потенцијалот на реките во речиси секој час од годината.

Фотоволтаиците, пак, и покрај тоа што во 2024 година достигнаа 848 мегавати инсталирана моќност и произведоа 851 гигаватчас, покажуваат далеку понизок фактор на искористеност – околу 11,5 проценти. Ова е природна последица оти панелите произведуваат струја само кога има сонце.

Кога ќе се споредат овие две технологии станува очигледно дека малите хидроцентрали остануваат значително поефикасни по секој мегават инсталирана моќност, обезбедувајќи повеќе енергија во киловатчасови од своите сончеви „соперници“.

Оваа споредба ја враќа темата кон суштината на хидропотенцијалот: не станува збор само за инсталирана моќност или број на постројки, туку за тоа колку од тој капацитет реално работи и колку сигурна е енергијата што се добива.

Системот во Македонија, исто така, полека се отвора кон модели кои во Австрија одамна се пракса. „Виртуелни производители“, односно правни субјекти што технички и комерцијално ги интегрираат повеќе мали извори приклучени на дистрибутивната мрежа и настапуваат како една „електрана“ се дел од регулаторната архитектура и кај нас. Д0 крајот на 2023 година биле регистрирани петнаесет вакви учесници на пазарот. Тоа е мост кон подобра пазарна логика за малите производители, но и алатка за балансирање на мрежата без да се притиска сопирачката на еколошките стандарди.

Мостот меѓу потенцијалот и реалноста

Австрија го користи својот хидропотенцијал како интегриран енергетски и еколошки ресурс, додека Македонија сè уште ја гледа водата низ бројките на концесиски договори и субвенции. Имаме и вода и има потенцијал, но ни недостига долгорочна визија. Неискористените можности не се слабост, туку шанса. Со соодветно изработени политики, со раст и модернизација, малите хидроцентрали може да донесат енергетска отпорност и еколошки интегритетност.

Advertisement

Економија

МБИ10 со пад од 0,32%, без активности на обврзничкиот пазар

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

На трговската сесија од 12 декември 2025 година, индексот МБИ10 забележа пад од 0,32%, спуштајќи се на 10.190,89 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 129,44 поени. Вкупниот промет изнесуваше 13,77 милиони денари, при што најголем дел од тргувањето се реализираше со акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Гранит, кои повторно беа меѓу најликвидните на официјалниот пазар.

Најтргувани хартии од вредност

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 3.530.810 денари

● Гранит АД Скопје (GRN) – 2.135.470 денари

● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 4.255.040 денари

Топ добитници

● Реплек АД Скопје (RPK) +1,00%

● Гранит АД Скопје (GRN) +0,08%

Топ губитници

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) –1,28%

● Алкалоид АД Скопје (ALK) –0,47%

● Стопанска банка АД Скопје (STB) –0,27%

Обврзнички пазар

Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници, при што индексот ОМБ остана стабилен на 129,44 поени без промени во цените. На берзанската сесија од 12 декември 2025 година, активноста беше умерена, со доминација на финансискиот и градежниот сектор.Индексот МБИ10 продолжи со благо негативно движење од –0,32%, при што Комерцијална банка повторно ја предводеше трговијата по обем, а Реплек беше најголем добитник на денот. Обврзничкиот пазар остана без активности, а вкупниот дневен промет достигна 13,77 милиони денари.

Continue Reading

Економија

Царина без редици: Потврдите за долгови веќе не се чекаат лично

Хартиените потврди за царински долг, неопходни за упис и промени во Централниот регистар, заминуваат во историјата. Со револуционерен чекор, Централниот регистар (ЦР) отсега ги добива сите потребни податоци директно од Царинската управа (ЦУ) – електронски и во реално време, со само еден клик.

Оваа дигитална трансформација е огромен потег кон намалување на административниот товар. На заедничка прес-конференција, директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова, ја промовираа новината што ветува заштеда на време и ресурси за фирмите и граѓаните низ целата држава.

„На годишно ниво издававме меѓу седум и девет илјади хартиени потврди. Секое барање бараше од пет до десет дена за обработка – вистински административен маратон. Сега, граѓаните нема да мораат да патуваат до Скопје или да ангажираат скапи адвокати за да ја завршат оваа обврска“, истакна Николовски.

Тој е дециден: „Со овој чекор, јасно ја демонстрираме нашата посветеност за создавање подобри услови за водење бизнис, преку драстично намалување на бирократските процедури. Бизнисот нема време за чекање! Како институции, сме должни да работиме кон одржливо општество каде што економскиот раст е движен од зголемената ефикасност и довербата во системот.“

Дигитализацијата носи не само брзина, туку и сигурност. „Истовремено, овозможуваме безбедност, интегритет и точност на податоците, со што активно делуваме во насока на сузбивање на можни измами“, додаде Николовски.

Директорката на ЦР, Анита Стамнова, потврди дека е успешно завршена првата фаза од проектот – надградба на Едношалтерскиот систем за автоматско обезбедување на доказ за платени царински давачки во постапките за упис на промена – пренос на удел.

„Централниот регистар и Царинската управа остануваат посветени на трансформација на услугите, фокусирани на корисниците и нивните потреби, користејќи модерни дигитални технологии. Ги охрабруваме сите институции да продолжат со меѓусебна соработка за имплементација на поефикасни електронски услуги, односно за градење на функционален систем на јавни услуги како основа за враќање на довербата во институциите на нашата држава“, заклучи Стамнова.

Continue Reading

Економија

Министерката Божиновска: Енергетиката не смее да остане сектор со најмалку жени

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на конференцијата „Родовата еднаквост во фокусот на пристапувањето кон ЕУ: Патоказ за Северна Македонија“, одржана во Скопје во организација на Министерството за европски прашања и UN Women. Настанот обедини високи претставници на институциите, експерти и партнерски организации во заедничка цел – интегрирање на родовата еднаквост како централна компонента на европската интеграција.

Во своето воведно обраќање, министерката Божиновска истакна дека родовата рамноправност е темелна европска вредност и јасен услов за членство во ЕУ, но пред сè – е инвестиција во стабилноста, економскиот раст и одржливата иднина на државата.

„Европа јасно стави до знаење дека еднаквоста не е избор, туку стандард. А ние тој стандард го прифаќаме затоа што веруваме во држава без привилегирани и непривилегирани граѓани,“ нагласи министерката.

Таа потсети дека токму енергетиката – како стратешки сектор и политички столб на европската интеграција – останува област со најниско учество на жени, што не претставува само општествена неправда, туку и пречка за успешно водена зелена транзиција.

„Жените се најмалку застапени во техничките професии, енергетските иновации и лидерските позиции. Тоа е ограничување што мора да го надминеме ако сакаме модерна, европска и конкурентна економија, Рамноправноста не се случува сама од себе – таа се гради. Во сектор како енергетиката, каде жените често мора двојно да се докажуваат, моја обврска како лидер е да ја отворам вратата за други жени. Ако институциите создадат фер правила и јасни можности, талентот ќе се истакне,“ порача Божиновска.

Министерката го истакна и фактот дека Министерството за енергетика денес е институција со целосен родов баланс – 50% жени и 50% мажи – што, како што нагласи, е доказ дека институциите можат и мора да бидат двигател на еднаквоста.

Во обраќањето беше најавено дека принципите на еднаков третман, еднаква плата, недискриминација и родово вклучување ќе бидат интегрирани во сите клучни енергетски реформи.

Министерката ја поздрави соработката со UN Women и изработката на десетте родови GAP анализи, кои ќе бидат основа за нови мерки, статистички показатели и политики засновани на докази.

„Зелената транзиција нема да успее ако половина од населението остане надвор од процесот. Нашата обврска е да креираме систем кој е стабилен, европски и праведен – систем во кој секоја жена има пристап до образование, технологија, иновации и лидерски позиции во енергетиката, Европа не гради нов енергетски систем за да ја повтори неправдата од стариот. Европа гради систем во кој секој добива шанса да придонесе – и ние мора да бидеме дел од таа визија,“ подвлече Божиновска.

Конференцијата заврши со повик за засилена координација меѓу институциите, донаторите и граѓанскиот сектор, како и со заедничка оценка дека Северна Македонија има потенцијал да стане регионски лидер во создавањето инклузивна и родово еднаква зелена транзиција.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг