Connect with us

Економија

Компании и граѓани со поддршка за „Макпрогрес“ – производството на наполитанки и вафли се враќа за два месеца

По големиот пожар кој минатата недела ги зафати производствените погони на „Макпрогрес“ од Виница, бројни компании, маркети, институции, медиуми и поединци понудија помош и солидарност за компанијата. Поддршката ја потврди првиот човек на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, на работен состанок во Стопанската комора, каде беше најавена и кампања за засилена продажба на производите под брендовите „Винчини“, „Сончева долина“, „Натура“, „Дониа“, „Фантазија“ и приватните трговски марки на водечките синџири.

Цветанов истакна дека над 100 вработени директно погодени од пожарот нема да бидат отпуштени, туку прераспределени во други погони. Компанијата веќе преговара за набавка на нова опрема и кредит, а привремено решение ќе биде производна хала во близина на фабриката која е 80% подготвена и со половна опрема ќе може да работи шест месеци.

„Очекуваме за два месеца повторно да почнеме со производство на наполитанки и вафли. Новата швајцарска опрема треба да пристигне до крајот на декември, а на пазарот ќе бидеме најдоцна во јануари. За шест месеци ќе бидеме целосно комплетни“, изјави Цветанов, додавајќи дека во наредниот период ќе се фокусираат на домашниот пазар со пониски и акциски цени.

„Макпрогрес“ моментално извезува во 62 држави, со силно присуство во Централна и Југоисточна Европа, а во последните години се проширува и на германскиот пазар. Цветанов нагласи дека истрагата за пожарот е во тек и дека компанијата има обемна документација која ќе ја достави до надлежните.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, истакна дека Комората „стопроцентно стои зад Макпрогрес“ и ќе иницира конкретни мерки за поддршка, а заменик-министерот за економија Марјан Ристески упати апел до сите компании за солидарност.

Advertisement

Економија

Триглав Осигурување организираше инспиративна средба со Светислав Пешиќ

Триглав Осигурување на 15-ти декември, 2025г. во кафе „Литература“ организираше настан со панел-дискусија и промоција на книгата „Моја игра, мој пут – Живот тренера није бајка“ од Светислав Пешиќ, еден од најуспешните и најценетите кошаркарски тренери на денешницата.

Настанот предизвика голем интерес кај деловната и медиумската заедница, нудејќи ретка можност за директна средба и разговор со говорник, чие искуство и животна филозофија се подеднакво применливи во спортот, деловниот свет и секојдневниот живот. Преку лични примери и размислувања, Пешиќ зборуваше за предизвиците на лидерството, значењето на дисциплината, стратегијата, континуираното учење и потребата од рамнотежа помеѓу самодовербата и скромноста.

„Во спортот успехот не лежи во тоа да го работиш само она што го сакаш, туку да го сакаш тоа што го работиш. Животот се менува и јас учам да се менувам. Треба да знаеш како да учиш и да бидеш скромен, да прифатиш дека некој нешто прави подобро од тебе. Тоа не е едноставно, но е најдобриот пат до успехот“, истакнува г. Пешиќ во својата книга, нагласувајќи дека токму таа рамнотежа е клучна и за долгорочни резултати.

Главниот извршен директор на Триглав Осигурување, г. Војновиќ, го претстави Светислав Пешиќ, истакнувајќи ги неговите исклучителни професионални достигнувања, како и значењето и привилегијата Триглав Осигурување да биде домаќин на ваков настан, кој што има поширока општествена релевантност.

„Имавме можност да поминеме навистина драгоцено време со светски реномираниот тренер Светислав „Кари“ Пешиќ, кој на исклучително автентичен начин ги сподели своите долгогодишни искуства, кои што лесно и директно можат да се применат во деловен контекст. Токму од таа причина ја организиравме и оваа панел-дискусија. Цврсто верувам дека принципите на комуникација, дисциплина, колектив, тимска игра и почитување на конкуренцијата, длабоко втемелени во спортот, се неразделно поврзани и со секојдневниот деловен живот. Да се слушнат неговите пораки беше вистинско уживање и моќна инспирација“, истакна г. Војновиќ.

Панел-дискусијата ја водеше Љубомир Николовски, долгогодишен реномиран познавач на спортот, кој со внимателно насочени прашања овозможи динамичен и суштински разговор, близок и разбирлив за публиката од различни професионални профили.

Со организацијата на овој настан, Триглав Осигурување уште еднаш ја потврди својата посветеност кон создавање платформи за размена на знаење, инспирација и вредности, кои ја надминуваат рамката на една индустрија. Компанијата овозможи деловната заедница во земјата да слушне исклучителен говорник, чии искуства и пораки нудат практични насоки за личен и професионален развој, за носење одлуки, градење тимови и одржлив успех.

Настанот испрати јасна порака дека принципите на успехот – без разлика дали во спортот, бизнисот или животот – се универзални кога се темелат на работа, визија, учење и вистински вредности.

Continue Reading

Економија

МБИ10 со пад од 0,40%, вкупен промет над 255 милиони денари

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

Нa трговската сесија од 17 декември 2025 година, индексот МБИ10 забележа пад од 0,40%, спуштајќи се на 10.123,78 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 129,44 поени. Вкупниот промет изнесуваше 255,78 милиони денари, при што тргувањето беше поттикнато од неколку големи блок-зделки со акциите на Комерцијална банка и Македонијатурист .

Најтргувани хартии од вредност

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 70,7 милиони денари (вклучува блок-зделка)

● Македонијатурист АД Скопје (MTUR) – 115,2 милиони денари (вклучува блок-зделка)

● Карпош АД Скопје (KARP) – 62,7 милиони денари (вклучува блок-зделка)

Топ добитници

● Реплек АД Скопје (RPK) +0,93%

● РЖ Услуги АД Скопје (RZU) +8,89%

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) +0,12%

Топ губитници

● Гранит АД Скопје (GRN) –2,82%

● Стопанска банка АД Скопје (STB) –2,68%

● Македонски Телеком АД Скопје (TEL) –0,64%

Обврзнички пазар

Во текот на денешната сесија не беа реализирани значајни трансакции со државни или корпоративни обврзници. Индексот ОМБ остана стабилен на 129,44 поени, без промени во цените. Сите државни обврзници котираа во опсег од 90 до 112 евра, без регистриран промет .

На берзанската сесија од 17 декември 2025 година, пазарната активност беше значително зголемена, со вкупен промет од над 255 милиони денари, пред сè поради големите блок-зделки со акциите на Комерцијална банка, Македонијатурист и Карпош.

Индексот МБИ10 забележа пад од 0,40%, под влијание на негативните движења кај Гранит, Макпетрол и Стопанска банка. Најголем раст во редовното тргување имаше Реплек, додека Комерцијална банка остана најликвидна акција. Обврзничкиот пазар остана без активности, со стабилен индекс ОМБ.

Continue Reading

Економија

Николоски најавува нов државен просторен план за инфраструктура и развој

Скопје – Во тек е подготовка на нов просторен план на државата, документ кој треба да ја дефинира долгорочната насока на просторниот и инфраструктурниот развој, информираше вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Според неговите најави, новиот план ќе биде усогласен со современите потреби на државата и ќе ги земе предвид демографските промени, економскиот развој, инфраструктурните приоритети и заштитата на животната средина. Целта е да се воспостави јасна рамка за идни инвестиции и рационално користење на просторот на целата територија на државата.

Николоски истакна дека изработката на просторниот план ќе се одвива транспарентно, со вклучување на стручната јавност, институциите и локалната самоуправа. Очекувањата се дека документот ќе придонесе за подобра координација меѓу различните сектори и ќе овозможи поефикасно планирање на капиталните проекти.

Новиот просторен план треба да биде основа за одржлив развој, подобрување на инфраструктурата и рамномерен регионален напредок, со јасно дефинирани приоритети за наредните децении.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг