Над триесетина средношколци и десетина студенти годишно посетуваат пракса во „Булмак 2016“ во Пробиштип. Компанијата, која управува со двата поголеми рудници за оловно-цинкова руда Злетово и Тораница, има потпишано договори со средните училишта во Пробиштип, Штип и Крива Паланка, како и со Универзитетот „Гоце Делчев“ за одржување на практична настава. Последните три години се реализираат и научни екскурзии со студенти од Хрватска и Норвешка, кои во двата македонски рудници се запознаваат со рударските техники и пракса.Секоја година имаме посета од Uit The Arctic University of Norway кои имаат интернационални студенти од цела Европа, како и колеги од Prirоdnoslovno-matematicki fakultet Zagreb, заедно со Хрватското геолошко друштво.„Булмак 2016“ и годинава ја отвара вратата за нови генерации на инженери, техничари и рудари, кои не се само наследници на рударската традиција, туку се и креатори на модерни инженерски и технички решенија.
„Студентите од Факултет за природни и технички науки при Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во текот на годината реализираат научни екскурзии и работат на разни проекти. Тие ги вршат лабораториските испитувања и учествуваат во самото производство. Студентите и средношколците кај нас за прв пат ја облекуваат рударската униформа и ја закачуваат рударската ламба, која додека свети за нас претставува единствен алат за осветлување на патот во рударските простории. Успешно завршената практична настава и успешно преставување на менторите со современи предавања и обуки има големо влијание што речиси сите студенти кои успешно ги завршиле студиите, а потекнуваат од општините Крива Паланка и Пробиштип останале да работат во нашите рудници“, објаснува еден од менторите во „Булмак 2016“, Давор Тоневски.
Практичната настава се реализира со ментори од повеќе областите. Менторот инженер Давор Тоневски е одговорен за Припремата на минералните суровини, практичната настава по Рударство е со менторот инженер Дарко Начковски и делот од практичната настава по Геологија е со менторот инженер Денис Ѓоргиев. За работа со практикантите во областа Електротехника и енергетика е задолжен ментор инженерот Роберт Златков и за Машинство и автоматика ментор е инженерот Влатко Атанасов.
Во регионот на Осоговието, рударството отсекогаш било повеќе од работа, со длабоки корени кои прераснале во дел од локалниот идентитет. Приказните за традиционалното рударство во овие краишта се пренесува од поколение на поколение, но патот до кариерен напредок во рударството во Пробиштип и Крива Паланка започнува во средношколските училишни клупи и продолжува на универзитетските катедри.
Технологија, менторство и рудари од иднината
Средните училишта „Наум Наумовски-Борче“ во Пробиштип и СОУ Коле Нехтенин од Штип се првите допирни точки каде младите од регионот се запознаваат со рударството. Во партнерство со „Булмак 2016“ училиштето запишува околу 75 ученици годишно на геолошко-рударската и машинската струка. Вистинската вредност не е во бројките на запишани ученици, туку во практичното искуство кое учениците го добиваат. Преку сертифицираните ментори за дуално образование, дел од наставата се одвива практично во просториите на „Булмак 2016“, каде училницата и индустрискиот процес стануваат едно.
„Ова се стручни средни училишта и за учениците им е приоритет да организираат пракса во реални услови и во технички опремени училници, а ние тоа го овозможуваме. Затоа што тоа е првата точка каде младите, како идни инженери, за првпат се среќаваат со производствени погони во случакот “рударството“, велат од компанијата.
Слично изгледа и студирањето. На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, студентите од Факултетот за Природни и технички науки на одделот за Рударство и Геологија за рударството не учат само од учебниците, туку редовно посетуваат и практична настава во рудникот Тораница и погоните во склоп на рудникот Злетово и флотацијата. Во реални услови учат за безбедноста, техники на подградување, бушење, транспорт и флотација. За нив тоа е училница без ѕидови, а за компанијата, тоа е начин да ги препознае идните инженери и техничари.
Научните посети во „Булмак 2016“ имаат и интернационален карактер.
„Веќе трета година нѐ посетуваат студенти од Норвешка и Хрватска, кои доаѓаат заедно со нивни ментори. Научните екскурзии, и од двете држави, се во групи од по десетина студентите, кои кај нас остануваат по неколку дена. За нас е задоволство што посетите од средните училишта и домашниот факултет, како и посетите од странство, не се еднократни, туку се дел од континуирана програма. За студентите тоа е единствена можност да ја видат одблизу технологијата за која учат, а за нас – начин да мотивираме и изградиме кадар,“ вели менторот Тоневски.
Праксата интегрирана и во училниците
„Булмак 2016“ го поддржува и оспособување на стручни кабинети за настава во образовните институции. За учениците во средното училиште компанијата овозможува и стипендии за школување, додека за апсолвентите и студентите по третата година вонредно студирање им се овозможува вработување. Како компанијата која не вложува само во производство, туку и во долгорочна иднина на заедницата, ги подржуваат магистерските и докторските трудови на постипломците финансиски или со отстапување на опрема за работа во зависност од барањето. Финансиски се поддржуваат и стручните изданија.
„Булмак 2016“ покажува дека рударската индустрија може да биде сојузник на образованието, и традиционалната приказна прераснува во современа перспектива за младите што растат таму.
Кинескиот канал Солун–Дунав повторно актуелен: Македонија би била клучна транзитна точка
Кина повторно го разгледува амбициозниот план за изградба на воден канал кој би го поврзал Егејското Море со Дунав преку реките Вардар и Морава – проект што би можел драматично да го скрати транспортот на стоки од Азија кон Европа за околу 1.000 километри. Иницијативата, вредна околу 17 милијарди долари, се разгледува како дел од глобалната стратегија „Еден појас, еден пат“, пишува N1 БиХ.
Каналот би минувал низ Грција, Македонија, Косово и Србија, што го прави регионален проект од извонредно геостратешко значење. Воедно, завршувањето на ваквиот воден пат би претставувало силен удар за Турција, бидејќи голем дел од меѓународниот транспорт би се одвивал надвор од Босфорот и Дарданелите.
Според досегашните студии што ги изработи China Gezhouba Group, проектот е технички изводлив. Предложениот коридор би го поврзал Солун со Дунав преку Вардар и Морава, со потреба од значителни градежни интервенции, продлабочување на коритата и отворање нови канали, вклучително и делници во региони како Прешевската Долина.
Клучни аспекти на проектот:
Стратешка вредност: Каналот би овозможил алтернативен европски воден пат, со значително намалени трошоци и време на транспорт. Инфраструктура: Бара огромни инженерски зафати – проширување на постојните речни корита, нови канали и современи водени патишта. Регионална соработка: Кина води разговори со Србија, Косово, Македонија и Грција, но конечна согласност сè уште нема. Еколошки предизвици: Промените во природните речни текови и потенцијални дислокации на население се меѓу најконтроверзните прашања. Геополитика: Проектот би го зајакнал кинеското влијание на Балканот и би ја намалил улогата на Турција во регионалниот транспорт.
Концептот за водна врска меѓу Дунав и Егејското Море не е нов – идејата постои уште од 19 век. Во 1907 година американска инженерска комисија го разгледувала истиот проект, но војните и политичките кризи во Европа повеќепати го одложуваа.
Денес, Солун се смета за најлогична точка за влез во овој замислен воден коридор кон Централна Европа. Доколку планот се реализира, Грција би добила значајна логистичка предност, а Балканот би станал клучна раскрсница за копнен и воден транспорт меѓу Истокот и Европа.
Разговорите продолжуваат, а судбината на проектот зависи од политичката волја на балканските земји и геополитичката рамнотежа во регионот.
УЈП изрече забрани за работа на 113 фирми поради неиздавање фискални сметки
Секоја четврта контрола на Управата за јавни приходи открива дека даночните обврзници не издаваат фискални сметки. Од околу 4.000 спроведени контроли, изречени се повеќе од 2.500 казни, а кај 113 правни субјекти е изречена мерка забрана за вршење дејност.
„Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет“, информираат од УЈП.
Инспекциските служби утврдиле и други неправилности, меѓу кои неуплаќање на дневниот промет на банкарска сметка и неводење книга на дневни финансиски извештаи.
ВЛЕН: Економскиот раст ја покажува ефективноста на работата на министерот Бесар Дурмиши
ВЛЕН ја поздравува објавената стапка на раст на Бруто домашниот производ од 3,8 проценти во третото тримесечје, соопштена од Државниот завод за статистика, оценувајќи дека овој резултат е јасен показател дека економијата се консолидира и се движи во вистинска насока.
Според партијата, ваквиот раст ја позиционира државата меѓу економиите со солидни перформанси и ги одразува позитивните ефекти од политиките насочени кон економска стабилност, привлекување инвестиции и создавање нови можности за вработување.
ВЛЕН посочува дека постигнатите резултати се тесно поврзани со работата на Министерството за економија и труд под раководство на министерот Бесар Дурмиши, кој од првиот ден се фокусирал на подобрување на условите за бизнис-заедницата и стимулирање на инвестициите. Овие чекори, велат од партијата, веќе даваат резултати преку отворање нови работни места и постепено зајакнување на економијата.
„Растот го покажува променетиот пристап. ВЛЕН ќе осигури оваа промена да продолжи да се продлабочува секој ден“, стои во партиското соопштение.