Connect with us

Балкан

Илинден-Тирана го застапува македонското малцинство во Европа преку ФУЕН

Федералната унија на европските националности е организација што дава значајна можност за промовирање на македонските малцински права кај соседите.

Членувањето во ФУЕН ги зголемува легитимитетот и видливоста на македонското малцинство во Албанија и во Грција на европската сцена, но динамично ја зголемува и веројатноста за видливост на македонското малцинство во Бугарија. Добро упатени лица во оваа проблематика ни посочија дека претставниците на македонското малцинство кај нашиот источен сосед треба сериозно да размислат за приклучување во Федералната унија на европските националности, затоа што оваа организација е значајна можност за промовирање на нивните македонски малцински права, но и на нарушувањето на нивните човекови права, како што е правото за здружување.

Во западниот свет малцинските права се унапредуваат преку лобирањето како што е примерот со Федералната унија на европските националности, позната и како ФУЕН. Конкретно, ФУЕН ги претставуваа европските национални малцинства пред Европската Унија, Советот на Европа и соодветните национални влади, како што е германската или италијанската влада. Македонското друштво “Илинден“-Тирана е долгогодишен член на ФУЕН, а тоа се одразува позитивно во промовирањето на човековите и малцинските права на Македонците во Република Албанија. Доколку се земе предвид тоа, особено е важно и други македонски здруженија и организации, како што е ОМО “Илинден“–Пирин, да станат членки на оваа европска организација бидејќи лобирањето е начинот на кој функционира европската политика.

Лобирањето е неразделен дел од заштитата на малцинските права

Постои општа согласност во експертските кругови дека европското политичко битисување е невозможно без лобирање, особено ако станува збор за унапредување и зајакнување на првата на малцинствата во Европската Унија. Досегашната пракса потврдува дека лобирањето е клучно за обезбедување директно влијание врз европските политики, како и дека лобирањето им овозможува на организациите и здруженијата што застапуваат одредени малцинства да ги пренесат своите потреби и приоритети директно до носителите на европските одлуки.

На овој начин малцинските организации учествуваат во креирањето и подобрувањето на европските законодавни рамки што ги заштитуваат малцинските јазици, култура и традиции, а со лобирањето се создава и долгорочно партнерства со европските институции и креаторите на европските политики. Покрај влијанието врз европското законодавство, лобирањето овозможува и директен пристап до европските функционери, пристап до европските фондови и зголемување на јавната свест преку јавните настапи и медиумските кампањи, како и создавање коалиции со други невладини организации и академски институции.

Совршен пример за тоа е Федералната унија на европските националности, позната и како ФУЕН, меѓународна невладина организација основана во 1949 година, по формирањето на Советот на Европа. ФУЕН функционира како чадор-организација, која обединува над сто невладини организации членки од сите делови на Европа. Седиштето е во Фленсбург, на германско-данската граница, а активностите се координираат преку тимови. Мрежата на членки опфаќа организации од Франција, Германија, Белгија, Брисел, Италија, Грција, Литванија, Албанија и многу други европски држави. Конкретно, ФУЕН работи на заштита и унапредување на идентитетот, јазикот, културата, правата и традициите на националните малцинства и јазичните групи низ Европа – велат нашите соговорници.

Во октомври 2023 година ФУЕН за првпат објави официјален документ на македонски јазик, што ја истакна посветеноста на организацијата да ги вклучи сите европски малцински заедници со материјали на нивните мајчини јазици. Ова издание ги презентираше информативните и програмските цели на ФУЕН, како и начинот на учество и пристап до поддршка за зајакнување на малцинските права во Европа. Во подготовката на официјалните документи на македонски јазик учествуваа Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво “Илинден“-Тирана, и Лизбет Ѓурѓај, меѓународен координатор на македонското друштво „Илинден“-Тирана, како и Роберт Кленкоски, претседател на Централниот совет на Македонците во Германија.

Во ситуација кога одредени ирационални и екстремистички политики го негираат постоењето на македонскиот јазик, официјалниот документ на македонски јазик што произлезе од ФУЕН е голема симболична победа за сите припадници на македонскиот народ без разлика на место на раѓање или живеење. Не смееме да забораваме дека овој документ е резултат на македонските претставници во оваа организација, како што е македонското друштво “Илинден“-Тирана – истакнуваат нашите соговорници.

Значајни бенефиции од членството во ФУЕН

Факт е дека ФУЕН собра повеќе од 1,1 милион потписи преку лобирање во цела Европа, ја создаде иницијативата „Малцински безбедносен пакет“ (Minority SafePack) и поведе официјална дебата во Европската комисија. Притоа не смее да се заборави дека резолуциите на конгресите на ФУЕН, во кои учествуваат и македонски претставници, се директно упатени до Европскиот парламент за создавање обврзувачки механизми за заштита на регионалните јазици, а ФУЕН исто така учествува во работни групи при Советот на Европа каде што се предлагаат амандмани на Европската повелба за регионални или малцински јазици.

Очигледно е дека ФУЕН е најголема европска организација што се залага за заштита на малцинските права и јазици, но останува непознаница зошто на пример организациите и здруженијата на македонското малцинство во Република Бугарија не се нејзини членки. Во овој момент членки на ФУЕН се македонското друштво “Илинден“-Тирана од Република Албанија, „Виножито“ и Центарот за македонски јазик од Република Грција, но само македонското друштво “Илинден“-Тирана има право на глас во ФУЕН. Во ситуација кога на дневна основа се прекршуваат човековите и малцинските права на Македонците во Република Бугарија, навистина не е јасно зошто македонските организации како ОМО “Илинден“–Пирин или Здружението на репресираните Македонци во Бугарија не се членки на ФУЕН – објаснуваат нашите соговорници.

Придобивките од членството во ФУЕН се очигледни, а конкретен пример за тоа се значајните бенефиции на македонското друштво “Илинден“-Тирана од членството во Федералната унија на европските националности. Преку ФУЕН, македонското друштво “Илинден“–Тирана има платформа за застапување на правата на македонското малцинство во Албанија, а резолуциите што ги поднесува на конгресите на ФУЕН се прифатени и проследени до меѓународни тела, вклучувајќи ги и албанските државни институции, како што е резолуцијата усвоена на Конгресот во Леуварден, Холандија, во која меѓу другото беа осудени обидите на бугарската држава да ги претстави Македонците во Албанија како Бугари.

Како рамноправен член, македонското друштво “Илинден“–Тирана учествува во работната група за словенски малцинства, каде што се отвораат прашања за македонската заедница (вклучувајќи ја и положбата на македонското малцинство во Бугарија) на европско ниво, а преку ФУЕН споменатото македонско друштво има глас во европските дебати за малцинските права, културната автономија и јазичната заштита – посочуваат нашите соговорници.

Потребна е работна група на македонските друштва и организации при ФУЕН

Членувањето во ФУЕН ги зголемува легитимитетот и видливоста на македонското малцинство во Република Албанија и Република Грција на европската сцена, но може да ја зголеми и видливоста на македонското малцинство во Бугарија. Добро упатени лица во оваа проблематика ни посочија дека претставниците на македонското малцинство кај нашиот источен сосед треба сериозно да размислат за приклучување во Федералната унија на европските националности затоа што оваа организација е значајна можност за промовирање на нивните македонски малцински права.

Пред неколку години Никола Ѓурѓај, во својство на претседател на македонското друштво “Илинден“-Тирана, поведе инцијатива за создавање работна група на македонските малцинства при ФУЕН. Ѓурѓај конкретно предложи македонските здруженија и организации од Србија, Грција и Бугарија да станат членки во ФУЕН, со што можностите за лобирање во полза на правата на македонското малцинство ќе зголемат. Секоја членка има право на шест гласа, а вкупниот број на право на гласови со влегувањето на други македонски друштва и здруженија би можел да се зголеми на повеќе од 30 гласа. На овој начин може да се создаде македонска работна група во ФУЕН и поуспешно да се лобира во интересен на македонското малцинство – велат нашите соговорници.

Оваа иницијатива наиде на одобрување, но најголемиот проблем е членарината, која секоја година треба да се плаќа во ФУЕН. Поради одредени причини Виножито, единствената македонска политичка партија во Грција, не ја плаќа членарината, поради што нема право на глас, а од друга страна поради пречките на грчката држава за регистрација и Центарот за македонски јазик како невладина организација или здружение нема право на глас.

Поради забраните на грчките државни институции, Центарот за македонски јазик во Лерин е регистриран како приватна фирма, што е пречка за полноправно членство во ФУЕН и право на глас – посочуваат соговорниците.

Идејата за создавање македонска работна група при ФУЕН наиде на одобрување, но од непознати причини не беа направени сериозни напори за реализирање на оваа инцијатива. Ако се земе во предвид дека лобирањето за заштита и промовирање на македонските малцински права е континуиран процес, процес што бара постојана анализа на политичкиот контекст, идентификација на новите можности, обука за ефикасна комуникација и аргументација и градење широка коалиција, тогаш ФУЕН е совршена можност за тоа, според нашите соговорници.

Досега неколкупати беше посочено дека сега е моментот за промовирање на македонските малцински права во европските институции, а членувањето на македонските здруженија и организации од Бугарија или Србија е во тој правец – велат добро информираните за оваа проблематика.

Advertisement

Балкан

Рама поддржува ограничување на правото на вето за новите членки на ЕУ

Албанскиот премиер Еди Рама оцени дека предложената идеја на Европската Унија за ограничување на правото на вето на новите членки на почетокот од нивното членство е „добра“. Предлогот има за цел да ги смири скептичните главни градови кон проширувањето на Унијата.

„Мислам дека е добра идеја“, изјави Рама за „Политико“ пред самитот ЕУ-Западен Балкан. Тој додаде дека несогласувањата во ЕУ се неизбежни, но дека пристапот на Албанија ќе се разликува од оној на Унгарија кога станува збор за блокирање на политиката на Унијата.

Рама потенцираше дека новите членки треба отворено да ги искажуваат своите ставови, но на крајот да се придржуваат кон колективните одлуки. Албанија се смета за еден од фаворитите за полноправно членство, со цел да стане членка на ЕУ до 2030 година.

Continue Reading

Балкан

ЕУ ја укинува блокадата кон Косово: 205 милиони евра помош наскоро достапни

Европската Унија одлучи да ги укине сите санкции против Косово до крајот на јануари 2026 година, што ќе овозможи на земјата да добие 205 милиони евра помош на почетокот на новата година. Одлуката следи по мирната транзиција на локалната власт во северните општини со мнозинство Срби.

Санкциите, кои досега предизвикаа штета од над 613 милиони евра, се однесуваа на клучни сектори како животната средина, енергетиката, дигитализацијата и културата.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, преку социјалните мрежи изрази благодарност до лидерите на ЕУ и сите партнери на Косово за признавањето на посветеноста на земјата во овие процеси.

Continue Reading

Балкан

Масовни дојави за бомби во училишта низ БиХ, учениците евакуирани

Утрово повеќе основни и средни училишта во Тузланскиот кантон во Босна и Херцеговина добија дојави за бомби, што доведе до прекин на наставата и итна евакуација на учениците и персоналот. Полициските екипи се на терен и преземаат мерки за проверка на заканите. Според неофицијални информации, пријавите главно биле испраќани преку електронски адреси.

Владата на Тузланскиот кантон и Министерството за образование и наука соопштија дека сите активности се спроведуваат во согласност со законските и безбедносните протоколи. „Училишните администрации и наставниот кадар дејствуваат одговорно, а безбедноста на учениците, наставниците и другите вработени е апсолутен приоритет“, велат од Владата. Учениците беа безбедно евакуирани и испратени во своите домови.

Покрај Тузла, дојави за бомби беа пријавени и во училишта во Република Српска, вклучувајќи градови како Бања Лука, Приједор, Прњавор, Лакташи, Требиње и Добој. Полицијата веднаш започна контрасаботажен преглед и обезбедување на објектите.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг