Connect with us

Економија

Божиновска: Отвораме простор за младите инженери во енергетиката

Скопје. 3 октомври 2025 – Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, потпиша Меморандум за соработка со Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со цел зајакнување на врските меѓу институциите, отворање на нови можности за студентите и унапредување на практичната настава. Документот го потпишаа министерката Божиновска и деканот на Факултетот, проф. д-р Златко Петрески.

„Нашата заедничка цел е младите инженери да добијат што повеќе реални искуства уште за време на студиите. Вратите на Министерството се отворени за нив – преку пракси, проекти и дијалог сакаме да создадеме генерации кои ќе бидат подготвени да одговорат на предизвиците на енергетската иднина,“ истакна министерката Божиновска.

Со овој Меморандум се создаваат услови за студентски пракси во Министерството, заедничко учество во проекти, како и организирање на работилници, обуки и конференции. Дополнително, документот отвора пат за долгорочна соработка во областа на енергетиката, машинството и иновациите, како и поголема вклученост на студентите во процесите кои ја обликуваат иднината на енергетскиот сектор.

Деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Златко Петрески, ја нагласи важноста на ваквиот чекор, посочувајќи дека ова е силен импулс за факултетот и за студентите, кои сега ќе имаат повеќе можности за практична надградба на знаењата.

По повод почетокот на академската година, на Машинскиот факултет беше одржан и мини академски час, на кој министерката Божиновска имаше прилика да се сретне и разговара со студентите. Студентите изложија кои се нивните очекувања од студиите, што би сакале да се подобри во практичниот дел на наставата и на кој начин институциите можат да им помогнат за полесно да се вклучат во реалниот пазар на трудот. Студентите отворено споделија идеи и предлози, а министерката ја нагласи подготвеноста на Министерството активно да им овозможи повеќе практични можности, стажирања и учество во проекти. Таа ги охрабри да бидат активни и да го користат секој простор што им се нуди за практично знаење, но и да ги изнесат своите идеи и очекувања.

„Вашиот глас е важен – вие сте идните двигатели на енергетскиот и индустрискиот развој, а наша задача е да ви дадеме простор да растете и да создавате,“ порача Божиновска.

Министерката Божиновска изрази посебно задоволство од фактот што на Машинскиот факултет сè поголем број девојки ја гледаат својата иднина и избираат инженерски насоки. Таа нагласи дека токму ваквите примери се доказ дека стереотипите во образованието и професиите се надминуваат, а младите жени се сè поактивни во областа на технологијата и енергетиката. „Посебно ме радува што сè повеќе девојки одлучуваат да станат дел од машинството и енергетиката – тоа е силен сигнал дека иднината е во рацете на нови генерации кои ќе внесат свежа енергија и еднакви перспективи,“ истакна министерката.

Со овој Меморандум, Министерството и Машинскиот факултет отвораат ново поглавје во заедничката соработка, кое треба да резултира со силна поддршка на образованието, иновациите и одржливиот развој во земјата.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доследно ја гради својата соработка со академската заедница, бидејќи токму вложувањето во младите кадри е најважна и само со ваков ангажман можеме да ги задржиме младите инженери во земјата и да ја изградиме новата генерација експерти што ќе ја движи енергетиката напред.

Освен меморандум со Машинскиот факултет, Министерството веќе има воспоставено партнерство и со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Преку овие соработки се создаваат услови студентите да добијат повеќе практични знаења, можности за истражувања и директно вклучување во развојни проекти.

Економија

Што ќе се случува со бензински и дизел автомобили од 2035 година?

Европската унија го ревидира својот план за целосна забрана на нови бензински и дизел автомобили од 2035 година. По предупредувањата од индустријата, слабата продажба на електрични возила и загриженост за работните места, Комисијата сега предвидува моторите со внатрешно согорување да продолжат да се користат, но само со горива со ниски емисии.

Комесарот за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас, истакна дека ЕУ сака „економски одржлив и социјално праведен“ премин кон климатски неутрални технологии и дека се разгледуваат „сите технолошки решенија“ за намалување на емисиите. Тоа вклучува синтетички горива и биогорива како HVO100, кои ја намалуваат јаглеродната емисија до 90 проценти, како и е-горива од Porsche со речиси безјаглероден отпечаток.

Во меѓувреме, пазарот се менува: електричните автомобили сочинуваат 18,3% од продажбата во Европа, хибридите 34,7%, а приклучно-хибридните возила со 9,4% за првпат ги надминаа дизелите.

Дел од производителите, како „Волво“ и „Полестар“, сè уште се залагаат за задржување на првичниот рок, додека мнозинството европски и американски компании ја поздравуваат новата, пофлексибилна насока. Новиот пакет мерки, кој требаше да се презентира на 10 декември, ќе биде објавен до крајот на месецот.

Continue Reading

Економија

Лукоил Македонија продолжува со нормално работење, санкциите немаат влијание

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, денеска оцени дека санкциите не влијаат врз работењето на Лукоил Македонија, додавајќи дека бензинските пумпи на компанијата продолжуваат да функционираат нормално.

„Нема никакви проблеми во снабдувањето со нафтени деривати и се одвива нормално. Македонија е најмалку засегната од санкциите, пред се поради тоа што во земјата нема рафинерија ниту на Лукоил, ниту на друга компанија во сопственост на Руската Федерација. Новата одлука на САД сигурно ќе ја подобри ситуацијата“, изјави Бислимоски на прес-конференција.

Тој додаде дека Лукоил Македонија се однесувала коректно во изминатиот период, не отпушти ниту еден вработен и презеде сите неопходни мерки за нормално функционирање.

„Според информациите кои ги имам, компанијата обезбедува нафтени деривати од трговците во земјата, поради што немаше прекин во снабдувањето“, заклучи Бислимоски.

Continue Reading

Економија

МБИ10 со раст од 0,11%, вкупен промет над 143 милиони денари

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

На трговската сесија од 5 декември 2025 година, индексот МБИ10 бележи раст од 0,11%, достигнувајќи ниво од 10.255,62 поени, при вкупен промет од 143,01 милиони денари. Најголем дел од прометот беше резултат на неколку големи блок-зделки, пред сè со акциите на Комерцијална банка, Макпетрол и Градски Институт Македонија. Индексот ОМБ остана непроменет на 128,73 поени, без активности на обврзничкиот пазар .

Најтргувани хартии од вредност

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 59.850.000 денари (вклучува блок-зделка)

● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 7.192.000 денари (вклучува блок-зделка)

● Градски Институт Македонија АД Скопје (GIM) – 64.337.550 денари (вклучува блок-зделка)

Топ добитници

● Гранит АД Скопје (GRN) +1,80%

● ТТК Банка АД Скопје (TTK) +2,99%

Топ губитници

● Алкалоид АД Скопје (ALK) –0,16%

● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) –0,14%

● Стопанска банка АД Скопје (STB) –0,12%

Обврзнички пазар

Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници. Индексот ОМБ остана стабилен на 128,73 поени, без промена.

Трговијата на Македонската берза на 5 декември 2025 година се одвиваше со вкупен промет од 143 милиони денари, при раст на индексот МБИ10 од 0,11%. Најголем удел во прометот имаа Комерцијална банка, Макпетрол и Градски Институт Македонија, благодарение на реализираните блок-зделки. Меѓу добитниците се издвојуваат Гранит и ТТК Банка, додека Комерцијална банка и Алкалоид бележат минимален пад. Обврзничкиот пазар остана без активности, а вкупната пазарна динамика беше стабилна со ограничени ценовни движења.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг