Connect with us

Економија

Европската рударска треска за критични минерали – можност за Македонија да влезе во новата индустриска карта на Европа

Вториот повик на Европската унија за Стратешки проекти според Законот за критични суровини (CRMA) го става рударскиот сектор во центарот на европската геополитичка и економска стратегија. Брисел вети револуционерно скратување на административните процедури и забрзан пристап до финансии за проекти од „преовладувачки јавен интерес“ со цел да се забрза пристапот до критичните минерални суровини кои се неопходни за зелената и дигиталната транзиција. Новиот повик се смета за еден од најзначајните чекори во создавањето на европска самостојност во снабдувањето со метали како литиум, бакар, никел и ретки земјени елементи.

До 15 јануари 2026 година, сите заинтересирани компании и институции може да аплицираат со проекти кои го зголемуваат капацитетот на Европа за екстракција, преработка или рециклирање на критични суровини. Новите правила нудат значителни предности – скратени рокови за издавање дозволи, олеснет пристап до финансии и поддршка од европските институции во секоја фаза на реализацијата.

Европскиот пат кон ресурсна независност

За Европската комисија вториот повик е продолжение на европската визија за обезбедување сопствени ресурси за иднината. После првиот бран на стратешки проекти кои го зголемуваат домашното производство, преработка и рециклирање во рамките на Унијата, со нови проекти ќе се опфатат сите 17 стратешки суровини и ќе се намали зависноста од трети земји.

Во рамките на Законот за критични суровини (Critical Raw Materials Act – CRMA), Европската Унија ги постави конкретните цели: до 2030 година 10% од потребите да се обезбедуваат со домашна екстракција, 40% со преработка и 25% преку рециклирање.

Овие цели ја потврдуваат амбицијата на Европа да стане глобално конкурентна и самостојна во снабдувањето со минерали што се клучни за батерии, електрични возила, соларни панели и дигитална технологија.

Финансиска поддршка и нови фондови

Во рамките на CRMA, Европската комисија воспоставува и механизми за финансиска поддршка преку грантови, гаранции и поволни заеми. Секој признат проект добива пристап до финансиски пакет во партнерство со Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој.

Само во првиот круг беа мобилизирани инвестиции во вредност од над 22 милијарди евра, а новиот повик предвидува уште поголем обем на поддршка. ЕБОР и ЕУ најавија и дополнителен фонд од 100 милиони евра за критични суровини наменет за земји-партнери. Каде е тука позицијата на Македонија?

Македонија се подготвува за новиот европски циклус

Во Македонија, процесот на усогласување со европското законодавство за рударство и минерални суровини е веќе започнат. Новите закони за геологија и рударство ќе овозможат модерна, транспарентна и ефикасна рамка за инвеститорите и институциите. Фокусот во новите закони е одржлив развој на индустриската гранка, односно, овозможување на фер услови за работа, со максимална заштита на ресурсите и животната средина.

Модернизацијата на рударството го подржува и Македонската асоцијација за рударство (МАР), затоа што одржување на современиот начин на живот значи и побарувачка за сè повеќе минерали и ресурси.

Потенцијал за бакар и стратешки ресурси

Македонија лежи на геолошки разновиден терен, што ѝ овозможува значајно рудно богатство со долга традиција на експлоатација. Иако не располага со големи резерви на минералите кои ЕУ ги смета за критични суровини, како литиум, кобалт или ретки земјени елементи, таа има геолошка основа за бакар, злато и оловно-цинкови руди. Покрај историски важните рудници за олово и цинк, кои со децении беа столб на индустријата, особено во источните делови на земјата, денешниот фокус е насочен кон критичните суровини неопходни за зелената транзиција.

Бакарот претставува најголем адут на земјата, со потврдени резерви од светски ранг во југоисточниот регион, кои се од суштинско значење за електрификација, обновливи извори на енергија и електрични возила.

Дополнително, земјата располага со наоѓалишта на никел и кобалт, клучни компоненти во производството на батерии за електрични автомобили, што ја става на мапата на европскиот синџир за снабдување. Геолошките истражувања укажуваат и на потенцијал за литиум и други ретки земјени елементи, чија важност во модерната технологија постојано расте.

Антимонот, кој е на пошироката листа на ЕУ со 34 критични суровини, во Македонија е присутен во областа Алшар и поранешниот рудник Лојане. Алшар е ретко и уникатно наоѓалиште каде е потврдено умерено збогатување со ретки земјени елементи, но тоа го отвора прашањето за потребата од дополнителни истражувања. Во областа има присуство на антимон, арсен, талииум и злато. Додека Лојане, во близина на границата со Србија во минатото се ваделе антимон, арсеник и хром. Иако рударската активност е запрена пред повеќе децении, во депониите и старите рудни слоеви и денес постои значителна количина на минерали што може повторно да се обработат со современи и еколошки технологии.

Оваа комбинација на традиционални и модерни метали креира потенцијал за македонското рудно портфолио да си најде место во новите европски индустриски политики.

Рециклирањето – идниот правец на одржливо рударство

Една од најиновативните насоки во новата европска политика е циркуларната економија – идејата дека минералите не мора секогаш да доаѓаат од нови рудници, туку и од рециклирање на постојните материјали.

Тоа отвора можност за создавање мали, специјализирани погони за рециклирање на електронски отпад, батерии и индустриски компоненти, кои ќе обезбедат критични суровини на локално ниво.

Во тој контекст, Македонија може да ја искористи својата географска позиција и техничка експертиза за да стане регионален центар за собирање и обработка на секундарни минерали – еден вид нова, „чиста“ гранка на рударството која ќе ја комбинира технологијата со одговорноста кон животната средина.

Обезбедувањето на европска поддршка за вакви проекти ќе значи и домашна економска вредност и отворање на работни места за младите. Искуството од земјите-членки покажува дека секој нов рударски проект од стратешки интерес создава локална додадена вредност – нови патишта, обуки, инфраструктура и извозни можности.

Македонија пред нова развојна етапа

Вториот европски повик за стратешки рударски проекти е повеќе од технички конкурс, тој е отворена можност за учество во иднината на европската индустрија. За Македонија, тоа е можност да покаже дека може да комбинира природен потенцијал, модерна визија и европски стандарди.

Со новите закони, активна улога на државата и партнерства со европските институции, земјата може да стане дел од мапата на европскиот рударски суверенитет.
А тоа не е само економска, туку и стратешка придобивка – бидејќи во свет каде енергијата и суровините се новата валута, одржливото рударство е билетот за иднината.

Економија

Шведскиот мебелски гигант ја затвори вратата: ИКЕА засега не доаѓа на македонскиот пазар

Интер ИКЕА Груп, глобалниот франшизер на брендот ИКЕА, соопшти дека во моментов не постојат конкретни планови за отворање продавници во Македонија, со што ги демантираше информациите што неодамна се појавија во дел од домашните медиуми за можен влез на компанијата на пазарот.

Од групацијата нагласуваат дека постојано ги анализираат можностите за проширување на ИКЕА концептот, како на постојните така и на нови пазари, со цел да бидат поблиску до што поголем број потрошувачи. Сепак, како што наведуваат, до овој момент не е донесена одлука за инвестирање и отворање продажни капацитети во Северна Македонија.

„Интер ИКЕА Груп континуирано ги разгледува можностите за раст, но заклучно со денес нема планови за отворање ИКЕА во Северна Македонија“, соопшти компанијата во официјална изјава.

Во регионот, ИКЕА веќе има воспоставена мрежа на продавници и е присутна во Хрватска, Словенија, Србија, Романија, Бугарија и Грција, што на македонските потрошувачи им овозможува пристап до брендот преку соседните пазари.

Continue Reading

Економија

Вашингтон гради рударска офанзива за критични минерали, Македонија останува на маргините

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува серија, како што ги нарекува, „историски договори“ со домашниот рударски сектор, со цел значително зголемување на производството на критични минерали неопходни за одбраната, високите технологии и енергетската транзиција. Извори блиски до Белата куќа наведуваат дека фокусот е ставен на зајакнување на домашните капацитети и намалување на зависноста од странски пазари, пред сè од Кина.

Во рамки на оваа стратегија, финансиска поддршка веќе добија компании како MP Materials, Lithium Americas и Trilogy Metals. Преку овие инвестиции, САД настојуваат да воспостават посилна контрола врз синџирите на снабдување со литиум, ретки земни елементи и други стратешки суровини кои се клучни за модерната индустрија.

„Целта е Соединетите Држави да не зависат од противници или од странски субјекти кога станува збор за критичните минерали и синџирите на снабдување“, изјави Џарод Аген, извршен директор на Националниот совет за енергетика при Белата куќа. Според него, во првата година од мандатот на Трамп се создадени услови за уште поголем инвестициски бран во рударството.

Аген најави дека администрацијата планира интензивирање на рударските активности во Аљаска и Аризона, каде што се развиваат некои од најголемите рудници за бакар во светот. Бакарот во меѓувреме е ставен на листата на критични минерали, а одлуката на Трамп да го ограничи неговиот извоз и да ги зголеми државните резерви веќе има сериозно влијание врз глобалниот пазар.

На Лондонската берза на метали, цената на бакарот достигна речиси 12.000 долари за тон, поттикната од загриженоста за слабото снабдување и растечката побарувачка, вклучително и од секторот на вештачката интелигенција. Од почетокот на годината, бакарот поскапе за околу 35 проценти, а аналитичарите прогнозираат недостиг од над 120.000 тони годинава и уште поголем дефицит во 2026 година.

Побарувачката дополнително се зголемува поради глобалните инвестиции во електропреносните мрежи и забрзаната енергетска транзиција, каде бакарот е незаменлив материјал за ветерници, соларни панели и електрични возила.

Наспроти овие глобални трендови, Македонија останува на маргините на рударската мапа. Геолошките истражувања укажуваат на значителни резерви на бакар, што е потврдено и во нацрт-Стратегијата за минерални суровини изработена од МАНУ. Сепак, повеќе најавени инвестиции, како оние во Кожуф и Казандол, останаа нереализирани.

Во моментов, единствена активна инвестиција во рудник за бакар е проектот во Иловица, иако инвеститорот во минатото јавно укажуваше на проблеми со правната сигурност. Во услови кога големите светски економии агресивно инвестираат во стратешки минерали, Македонија сè уште нема јасен и функционален модел како да ги искористи сопствените ресурси.

Continue Reading

Економија

Бакарот на чекор до нов рекорд: Берзите бележат најсилен раст по финансиската криза

Цената на бакарот продолжува со силен нагорен тренд и се доближува до историското ниво од 12.000 долари за тон, заокружувајќи една исклучително турбулентна година на светските берзи. Пазарните движења се одвиваат во услови на засилени геополитички тензии, но и рекордна побарувачка за индустриски метали.

Податоците од Лондонската берза на метали покажуваат дека бакарот е на пат да го оствари најголемиот годишен раст од 2009 година наваму, што дополнително го зголемува интересот кај инвеститорите и индустриските потрошувачи.

Аналитичарите посочуваат дека растот е резултат на повеќе фактори. Глобалната понуда е ограничена, залихите се на ниско ниво, а рударското производство не успева да одговори на зголемената побарувачка. Истовремено, трговските тензии и неизвесноста на меѓународните пазари поттикнуваат забрзано купување на суровини.

Дополнителен притисок врз цената создава и забрзаната енергетска транзиција. Бакарот е еден од клучните метали за електричните возила, обновливите извори на енергија и модерната електроинфраструктура, што го прави незаменлив во процесот на декарбонизација.

Инвеститорите остануваат оптимисти и сметаат дека светската економија допрва влегува во долгорочен „супер-циклус“ на побарувачка на бакар, поттикнат од зелените политики и технолошките промени кои во голема мера зависат од овој метал.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг