Connect with us

Економија

Божиновска: Скопје ќе биде домаќин на 14-тиот Меѓународен енергетски форум за одржлив развој

Скопје ќе биде домаќин на 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) од 28 до 30 октомври 2025 година, на кој ќе учествуваат стотици креатори на политики, експерти и бизнис лидери за да дискутираат за тоа како да се забрза глобалната транзиција кон чисти и инклузивни енергетски системи, најави на денешниот брифинг Сања Божиновска, министерка за енергетика и рударство.

„Скопје со овој настан ќе се најде на европската и на светската мапа“, рече министерката Божиновска. „Ќе потпишеме и една заедничка декларација со обеднитетите Нации, Декларација Скопје, со која ќе се дефинираат основните насоки кои се однесуваат на целите за идниот глобален одржлив развој на енергетскиот сектор, за да имаме сите почиста и поодржлива енергија“.

Настанот на високо ниво е заеднички организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси на Северна Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) и петте регионални комисии на ОН – Економските комисии на Обединетите нации за Африка (UNECA), за Европа (UNECE), за Латинска Америка и Карибите (UNECLAC), за Азија и Пацификот (UNESCAP) и за Западна Азија (UNESCWA).

Лансиран во 2010 година од UNECE и UNESCAP, Форумот, кој се одржува еднаш годишно во различни држави во светот, еволуираше во една од водечките глобални платформи за дијалог за политиката за одржлива енергија. Со текот на времето, се прошири и ги вклучи сите пет регионални комисии, одразувајќи го неговиот вистински меѓународен карактер и растечкото влијание во обликувањето на политиките за енергетска транзиција низ целиот свет.

Под темата „Од цели до акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“, овогодишното издание ќе се фокусира на преточување на глобалните обврски во конкретни резултати. Организаторите велат дека дискусиите ќе обезбедат сеопфатна перспектива за енергетската трансформација, истражувајќи начини за споделување на национални и регионални стратегии, мобилизирање на финансирање и промовирање на иновации.

Божиновска најави присуство на околу 700 реномирани учесници од повеќе од 60 земји, вклучувајќи претставници на влади, меѓународни организации, финансиски институции, приватниот сектор, академијата и граѓанското општество. Настанот ќе вклучува тридневна програма што ќе комбинира пленарни сесии и тематски работилници кои ќе се занимаваат со најитните предизвици на денешниот енергетски пејзаж.

Форумот ќе се отвори со пленарна сесија на високо нивокоја ќе понуди стратешки преглед на глобалните и регионалните енергетски трендови, рамки за распоредување на чиста енергија и нови пристапи за финансирање на одржлив развој. Следните денови ќе бидат посветени на интерактивни дискусии на теми како што се енергетската безбедност и отпорност, дигитализација на енергетските системи, одржливо управување со критични суровини, финансирање на проекти за обновлива енергија и енергетска ефикасност и праведна транзиција на работната сила погодена од отстапувањето од фосилните горива.

Сведоци сме дека во Северна Македонија најголем дел од енергијата доаѓа од термоелектраните, но исто така сме и сведоци на тренсформативните промени. На овој форум ќе имате можност да се запознаете со повеќе од 300 светски експерти од областа на енергетиката и тоа е одлична можност за Министерството за енергетика да научи нешто од нив и да склучи и партнерства со нив, истакна Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП во Северна Македонија на денешниот брифинг во Министерството за енергетика.

Посебно внимание ќе се посвети и на улогата на младите и жените во енергетскиот сектор, како и на новите модели за управување со врската храна-вода-енергија – сè поитно прашање во контекст на климатските промени и растечката побарувачка за ресурси, велат од организаторите.

Организаторите нагласуваат дека Форумот има за цел не само да размени најдобри практики, туку и да им помогне на владите и индустриите да идентификуваат практични чекори кон постигнување на Целта 7 за одржлив развој за прифатлива и чиста енергија. Дискусиите ќе се осврнат и на клучните пречки за напредок, вклучувајќи ги ниските тарифи за енергија, ограничениот пристап до финансии и потребата од посилна дигитализација и иновации во енергетските системи.

Со собирање на меѓународните носители на одлуки и технички експерти на едно место, IFESD-14 се стреми да ја зајакне соработката, да го олесни трансферот на технологија и да ги поттикне прекуграничните инвестиции во инфраструктурата за одржлива енергија, истакнуваат од Министерството. Според претставниците на ОН, состанокот во Скопјe ќе послужи како клучна пресвртница за усогласување на регионалните и глобалните напори во поддршка на Агендата 2030 за одржлив развој.

Економија

Божиновска од Белград: Гасниот интерконектор со Србија е клучен за енергетската стабилност на регионот

Македонска делегација, предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со тимот од Секторот за нафта и гас во Министерството и раководните лица од Номагас, МЕМО и МЕПСО, престојуваше во Белград по покана на српската министерка за рударство и енергетика.

Дел од делегацијата беа и директорот на Номагас, г-дин Недим Рама, заменик директорот на МЕПСО, г-дин Александар Пауновски, директорот на МЕМО, г-дин Зоран Ѓеорѓиевски и раководителот на Секторот за нафта и гас при МЕРМС, г-дин Горан Николовски. Главниот фокус на посетата беше забрзаната реализација на гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Србија – проект од стратешко значење за регионалната поврзаност и долгорочната енергетска безбедност.

На работната средба беа разгледани клучните технички, финансиски и институционални чекори потребни за продолжување на активностите за изградба на интерконекторот. Овој инфраструктурен проект, со вкупна должина од околу 67 километри (23 km на територијата на Северна Македонија и 44 km во Србија), ќе ги поврзе гасните системи на двете земји – на македонска страна со приклучување кај Клечовце, а во Србија со националната гасоводна мрежа во близина на Врање.

За финансирањето на интерконекторот има интерес и од Светската банка и други комерцијални банки, бидејќи претставува дел од пошироката визија за интегриран, диверзифициран и сигурен регионален пазар на гас.

Министерката Сања Божиновска истакна дека проектот напредува согласно утврдена и усогласена динамика меѓу двете работни групи . 

„Интерконекторот со Србија е клучниот проект што ќе ја отвори нашата земја кон нови извори на гас и ќе ја засили регионалната енергетска стабилност. Но ова е и една од најважните инфраструктурни врски за целиот регион – значајна не само за Северна Македонија и Србија, туку и за цела Европа. Имаме завршени студии, усогласена рута и координирана акција која веќе се спроведува. Нашата цел е интерконекторот да стане реалност во најскоро време, затоа што секој ден е важен за сигурноста на граѓаните и економијата.“ истакна Божиновска.

Од своја страна, српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Хандановиќ Ѓуровиќ, ја нагласи важноста на заедничката регионална визија:

„Гасниот интерконектор со Северна Македонија е проект што има значење подалеку од нашите граници. Тој е дел од визија за регион кој е енергетски поврзан, стабилен и усогласен со европските цели. Соработката со министерката Божиновска и македонскиот тим е интензивна и конструктивна. Со поддршка од ‘Транспорт гас Србија’ и ‘Номагас’ ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Се согласивме на интензивни редовни средби, со цел интерконекторот да стане реалност во најскоро време.“

Очекуваната динамика и следните чекори

Двете делегации ја потврдија целосната посветеност за интензивна координација и навремено исполнување на сите обврски. Согласно усогласената динамика:

  • Изградбата на интерконекторот се очекува да биде завршена во текот на 2027 година.
  • Во 2028 година низ новиот гасовод се очекува да протече и првиот гас.
  • Интерконекторот е предвиден и да биде технички подготвен за идниот транспорт на водород, усогласено со долгогодишните европски енергетски цели и зелените политики.

На крајот од средбата, беше потврдена заедничката определба за силна институционална и техничка координација со јасна цел – гасниот интерконектор Северна Македонија – Србија да стане функционална, модерна и безбедна енергетска врска која ќе обезбеди поголема сигурност, диверзификација и регионална интеграција, во интерес на граѓаните, економијата и целиот регион.

Continue Reading

Економија

Стопанска банка Битола започна ново поглавје како АЛТА банка

Од денес, 12 декември 2025 година, Стопанска банка а.д. Битола и официјално работи под новото име АЛТА банка АД Битола, по усвојувањето на измените и дополнувањата на Статутот на Собранието на акционери.

Промената на името следува по успешно завршената аквизиција од страна на АЛТА банка АД Белград, која беше финализирана во октомври годинава. Со ова, АЛТА банка АД Белград стана нов мнозински акционер, поседувајќи, заедно со поврзаните субјекти, 93,2571 проценти од акциите.

Со ребрендирањето, АЛТА банка АД Битола станува дел од АЛТА Група – регионална финансиска групација со седиште во Белград, која ги обединува банкарските, платежните и инвестициските услуги. Групацијата работи според европски стандарди и има силен фокус на иновации, дигитализација и унапредување на квалитетот на услугите.

АЛТА банка АД Белград, како една од клучните членки на групацијата, во 2024 година беше прогласена за најбрзорастечка банка во Србија. Усогласувањето на работењето на битолската банка со стандардите на групата се очекува да овозможи воведување нови производи, современи дигитални решенија и подобрување на корисничкото искуство.

Од АЛТА банка АД Битола наведуваат дека амбицијата е банката да стане значаен фактор во македонскиот банкарски сектор, со активна поддршка на локалната економија и развој на регионалната соработка.

За клиентите и деловните партнери, најважно е дека работењето на банката продолжува непречено. Сите експозитури остануваат на истите локации, со воведување нов визуелен идентитет, а постојните сметки, картички, договори и електронски услуги остануваат целосно валидни.

„Не се потребни никакви дополнителни активности од страна на клиентите. Сите услуги продолжуваат без промени, податоците се целосно заштитени, а клиентите навремено ќе бидат информирани за сите идни активности насочени кон подобро банкарско искуство“, соопштуваат од АЛТА банка АД Битола.

Continue Reading

Економија

МБИ10 со пад од 0,32%, без активности на обврзничкиот пазар

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

На трговската сесија од 12 декември 2025 година, индексот МБИ10 забележа пад од 0,32%, спуштајќи се на 10.190,89 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 129,44 поени. Вкупниот промет изнесуваше 13,77 милиони денари, при што најголем дел од тргувањето се реализираше со акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Гранит, кои повторно беа меѓу најликвидните на официјалниот пазар.

Најтргувани хартии од вредност

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 3.530.810 денари

● Гранит АД Скопје (GRN) – 2.135.470 денари

● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 4.255.040 денари

Топ добитници

● Реплек АД Скопје (RPK) +1,00%

● Гранит АД Скопје (GRN) +0,08%

Топ губитници

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) –1,28%

● Алкалоид АД Скопје (ALK) –0,47%

● Стопанска банка АД Скопје (STB) –0,27%

Обврзнички пазар

Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници, при што индексот ОМБ остана стабилен на 129,44 поени без промени во цените. На берзанската сесија од 12 декември 2025 година, активноста беше умерена, со доминација на финансискиот и градежниот сектор.Индексот МБИ10 продолжи со благо негативно движење од –0,32%, при што Комерцијална банка повторно ја предводеше трговијата по обем, а Реплек беше најголем добитник на денот. Обврзничкиот пазар остана без активности, а вкупниот дневен промет достигна 13,77 милиони денари.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг