Недостигот на квалификувани кадри станува најголемиот предизвик на индустријата. Компаниите насочени кон одржлив развој сè повеќе сфаќаат дека вистинската инвестиција не е само во опрема и технологии, туку во луѓе.
Денес, кога индустријата се соочува со хроничен недостиг на квалификуван кадар, вложувањето во младите не е само општествена одговорност тоа е прашање на опстанок. На панелот „Патот кон одржлив развој во рударството“, во рамки на конференцијата „Подекс – Повекс 2025“, претставниците на индустријата потенцираа дека образованието е клучот за одржливо производство и за задржување на младите во земјата.
Инвестиција што останува дома
„Социјалната одговорност е исто толку важна колку и еколошката“, изјави Ивица Карапетров, заменик генерален директор на Рудникот за бакар Бучим. „Ние вложуваме во образованието, даваме стипендии, овозможуваме практична настава и креираме кадар во локалната заедница. Тоа е вистинската одржливост кога младите остануваат во земјата и се вклучуваат во индустријата.“
Недостигот на кадар, додава Карапетров, е сериозен предизвик со кој се соочува целиот сектор: „Голем е недостигот на кадар и тоа многу нè погодува. Последниве години започнавме со програми што имаат конкретен резултат. Прво воведовме дуално образование, потоа почнавме со доделување стипендии, а веќе три години по ред ученици доаѓаат кај нас на пракса во текот на годината. Лани тоа беа ученици не само од средно, туку и од основно училиште.“
Резултатот, според него, веќе е видлив младите се мотивирани да останат и да се развиваат професионално дома: „И годинава четири деца практикуваат геологија кај нас. Ги земавме да работат затоа што завршуваат средно образование и сакаме да создадеме кадар во заедницата кој ќе им помогне не само на нас како компанија, туку и на другите локални заедници. Да, важно е да се помага, но образованието во моментов треба да го добие целото внимание. Треба да ги задржиме младите во Македонија, затоа што имаме одлив на кадар буквално се ’тепаме‘ со компаниите кој кого ќе земе.“
Од училишна клупа до инженерски професии
Истата грижа ја сподели и Андреј Кепески, менаџер за експлоатација на каменоломи и развој на минерални суровини во Цементарница Усје: „Ивица е во право и ние се соочуваме со истиот проблем. Затоа го започнавме проектот ‘Иноваториум: клуб на напредни знаења и вештини’, каде што вклучуваме деца од седмо и осмо одделение,“ објасни Кепески. „Им покажуваме инженерски вештини, процеси на производство и им го приближуваме светот на индустријата на начин што ќе им биде интересен. Целта е да им го привлечеме вниманието додека се млади, за кога ќе дојде време за избор на професија – да размислат за насоките што ги нуди техничкото образование.“ Проектот, според него, е вистински пример за корпоративна општествена одговорност со долгорочно влијание: „Имаме наша работилница и секој што сака може слободно да дојде.“
Образованието како темел на одржливоста
Двете компании, Бучим и Усје, покажуваат дека индустријата и образованието мора да одат рака под рака. Преку дуално образование, стипендии и иновативни програми со младите, тие го градат кадарот што ќе го движи рударството, градежништвото и производството во следните децении.
Општествено одговорните компании вложуваат во иднината во знаењето и во љубопитноста на децата. Не можеме да очекуваме квалификувани инженери ако не почнеме да го градиме интересот уште од мали нозе.
Затоа, можеби највредната инвестиција денес не се машините туку знаењето што останува дома.
Профитите на германските автомобилски гиганти паднаа на најниско ниво од 2009 година
Германската автомобилска индустрија бележи најтежок квартал во последните 15 години. Според анализа на консултантската фирма EY, оперативните профити на Volkswagen, BMW и Mercedes-Benz меѓу јули и септември се намалиле за 76%, достигнувајќи околу 1,7 милијарди евра.
Ова претставува најниско ниво на профит од 2009 година, иако вкупниот приход и продажба останале релативно стабилни. Ниту една друга земја со значајна автомобилска индустрија не забележала толку слаби резултати.
Продажбата на германски автомобили падна најмногу во Кина, за 9%, додека уделот на кинескиот пазар во вкупната продажба се намали од 39% на 29%. Продажбата на премиум модели се намалува, а во сегментот на електрични возила купувачите се повеќе се одлучуваат за локални брендови.
Во Германија, компаниите Bosch, Mercedes и Volkswagen веќе најавија намалување на бројот на вработени. EY предупредува дека ваквите мерки се болни, но неизбежни.
Историски удар за германската автомобилска индустрија: Волксваген ја затвора фабриката во Дрезден
Германската автомобилска индустрија се соочува со сериозни предизвици откако Волксваген најави дека ќе ја запре производството во својата фабрика во Дрезден. Ова е прво затворање на фабрика во Германија во 88-годишната историја на компанијата, што означува историски момент за индустријата која долго време беше мотор на германската економија.
Причините за затворањето се поврзуваат со структурните промени во автомобилската индустрија, особено транзицијата кон електрични возила и потребата за намалување на трошоците. Од Волксваген соопштуваат дека ќе преземат мерки за поддршка на вработените, вклучително и понуди за пренасочување кон други објекти и програми за обука.
Експертите предупредуваат дека ова затворање може да има пошироки последици врз германската економија и добавувачите во автомобилскиот сектор, особено во регионот околу Дрезден. Автомобилската индустрија во Германија, која долго време беше симбол на технолошка извонредност и економска стабилност, сега се соочува со потреба од брзи адаптации за да остане конкурентна на глобалниот пазар.
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година. Поевтинуваат горивата од полноќ.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат. Поевтинуваат горивата за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.
Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: