Connect with us

Економија

Како малиот бизнис „Сакаш“ преку Wolt го забрза својот развој

Пет години постои палачинкарата „Сакаш“, бизнис што започна скромно, во мал дрвен киоск од пет квадрати. Гордан Миленковски, тогаш само 19-годишен, ја имал идејата за сезонски бизнис во летните месеци, но наместо тоа „Сакаш“ многу брзо прерасна во постојан дел од скопската гастрономска сцена. „Никогаш не мислевме дека ова ќе стане целогодишна приказна. Почнавме од љубов кон палачинките и желбата да направиме нешто поразлично. Но луѓето реагираа веднаш – и така малата идеја стана голема обврска“, вели Гордан.

Иако почетната замисла беше нешто мало и привремено, палачинките на „Сакаш“ станаа вистински хит, производ што не е „само обична палачинка“, туку must try, must eat, must have искуство за различни генерации потрошувачи. „Нашата цел отсекогаш била да направиме палачинка што ќе биде доживување. Не само вкусна, туку и искуство што се памети“, додава Гордан.

Токму квалитетот и креативноста во понудата, комбинирани со искрена енергија и посветеност, овозможија „Сакаш“ да создаде лојална база на купувачи кои се враќаат повторно и повторно. Дополнително на тоа, беше фактот што „Сакаш“ од самиот почеток работи на дигитална промоција. Брендот почна да користи социјални мрежи како главна маркетинг алатка за да допре до младата публика и да изгради препознатлива заедница околу себе. Но, ни тоа не беше доволно да се излезе од микро-локалните рамки на првиот капацитет на „Сакаш“ во населба Илинден, иако многумина патуваат и до Илинден за да ги вкусат нивните палачинки.

Иако побарувачката постоела од самиот почеток, „Сакаш“ долго време не се осмелувал да воведе достава, чекор што бара сериозна логистика и организација. Пресвртниот момент дојде со партнерството со Wolt, кој ја презеде таа улога и овозможи палачинките да стигнуваат до поширока публика. „Ние знаеме да направиме одлична палачинка, но достава не беше нешто што можевме да го изведеме сами. Кога се појави Wolt, сфативме дека тоа е можност за раст без ризик – ние се фокусираме на вкусот, тие на брзината и сигурноста“, раскажува Гордан.

Резултатите не доцнеа – дневниот обем на продажба се зголеми за 20%, а бројот на испечени палачинки порасна. „Откако ќе ја примиме нарачката од Wolt, за девет минути таа е готова и уште за толку време е веќе кај потрошувачот. Верувам дека заедно создадовме најбрза достава во Скопје“, вели тој.

Оваа динамика и сигурноста што му ја овозможи доставата, го охрабрија тимот да оди чекор понатаму. „Сакаш“ веќе се подготвува за отворање на нов локал во голем трговски центар, со што и бројот на вработени порасна над 40 млади луѓе, со планови за дополнително проширување на понудата. „За нас ‘Сакаш’ не е само бизнис, ние градиме енергија и култура. Тимот е млад, мотивиран и знае да работи, но и да се дружи. Сакаме луѓето да доаѓаат на работа со насмевка, затоа често организираме тим билдинзи. Веруваме дека кога тимот е среќен, и палачинките имаат поубав вкус“, вели Гордан со насмевка.

Приказната на „Сакаш“ е пример како мал бизнис, со вистинска идеја, квалитет и соодветна поддршка, може да израсне во перспектива за поширок раст. Од мал киоск до бренд со препознатливо име, од сезонски план до целогодишен успех, „Сакаш“ докажа дека кога зад производот стои визија и љубов, палачинките можат да бидат многу повеќе од обичен десерт – тие стануваат дел од културно искуство што градот го прифаќа како свое.

Advertisement

Економија

Што ќе се случува со бензински и дизел автомобили од 2035 година?

Европската унија го ревидира својот план за целосна забрана на нови бензински и дизел автомобили од 2035 година. По предупредувањата од индустријата, слабата продажба на електрични возила и загриженост за работните места, Комисијата сега предвидува моторите со внатрешно согорување да продолжат да се користат, но само со горива со ниски емисии.

Комесарот за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас, истакна дека ЕУ сака „економски одржлив и социјално праведен“ премин кон климатски неутрални технологии и дека се разгледуваат „сите технолошки решенија“ за намалување на емисиите. Тоа вклучува синтетички горива и биогорива како HVO100, кои ја намалуваат јаглеродната емисија до 90 проценти, како и е-горива од Porsche со речиси безјаглероден отпечаток.

Во меѓувреме, пазарот се менува: електричните автомобили сочинуваат 18,3% од продажбата во Европа, хибридите 34,7%, а приклучно-хибридните возила со 9,4% за првпат ги надминаа дизелите.

Дел од производителите, како „Волво“ и „Полестар“, сè уште се залагаат за задржување на првичниот рок, додека мнозинството европски и американски компании ја поздравуваат новата, пофлексибилна насока. Новиот пакет мерки, кој требаше да се презентира на 10 декември, ќе биде објавен до крајот на месецот.

Continue Reading

Економија

Лукоил Македонија продолжува со нормално работење, санкциите немаат влијание

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, денеска оцени дека санкциите не влијаат врз работењето на Лукоил Македонија, додавајќи дека бензинските пумпи на компанијата продолжуваат да функционираат нормално.

„Нема никакви проблеми во снабдувањето со нафтени деривати и се одвива нормално. Македонија е најмалку засегната од санкциите, пред се поради тоа што во земјата нема рафинерија ниту на Лукоил, ниту на друга компанија во сопственост на Руската Федерација. Новата одлука на САД сигурно ќе ја подобри ситуацијата“, изјави Бислимоски на прес-конференција.

Тој додаде дека Лукоил Македонија се однесувала коректно во изминатиот период, не отпушти ниту еден вработен и презеде сите неопходни мерки за нормално функционирање.

„Според информациите кои ги имам, компанијата обезбедува нафтени деривати од трговците во земјата, поради што немаше прекин во снабдувањето“, заклучи Бислимоски.

Continue Reading

Економија

МБИ10 со раст од 0,11%, вкупен промет над 143 милиони денари

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

На трговската сесија од 5 декември 2025 година, индексот МБИ10 бележи раст од 0,11%, достигнувајќи ниво од 10.255,62 поени, при вкупен промет од 143,01 милиони денари. Најголем дел од прометот беше резултат на неколку големи блок-зделки, пред сè со акциите на Комерцијална банка, Макпетрол и Градски Институт Македонија. Индексот ОМБ остана непроменет на 128,73 поени, без активности на обврзничкиот пазар .

Најтргувани хартии од вредност

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 59.850.000 денари (вклучува блок-зделка)

● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 7.192.000 денари (вклучува блок-зделка)

● Градски Институт Македонија АД Скопје (GIM) – 64.337.550 денари (вклучува блок-зделка)

Топ добитници

● Гранит АД Скопје (GRN) +1,80%

● ТТК Банка АД Скопје (TTK) +2,99%

Топ губитници

● Алкалоид АД Скопје (ALK) –0,16%

● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) –0,14%

● Стопанска банка АД Скопје (STB) –0,12%

Обврзнички пазар

Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници. Индексот ОМБ остана стабилен на 128,73 поени, без промена.

Трговијата на Македонската берза на 5 декември 2025 година се одвиваше со вкупен промет од 143 милиони денари, при раст на индексот МБИ10 од 0,11%. Најголем удел во прометот имаа Комерцијална банка, Макпетрол и Градски Институт Македонија, благодарение на реализираните блок-зделки. Меѓу добитниците се издвојуваат Гранит и ТТК Банка, додека Комерцијална банка и Алкалоид бележат минимален пад. Обврзничкиот пазар остана без активности, а вкупната пазарна динамика беше стабилна со ограничени ценовни движења.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг