Connect with us

Економија

Божиновска за еМагазин: Скопската декларација ја преведува енергетската агенда во обврски, со јасни чекори за сигурно и еколошки одржливо снабдување

Во современото живеење, отпорен енергетски систем не значи само повеќе производство, туку паметна комбинација од безбедност на снабдувањето, економска достапност и еколошка одржливост. 

Токму оваа зелена транзиција беше во фокусот на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) во Скопје, организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини заедно со петте регионални комисии на Обединетите нации – Економска комисија на ОН за Африка (UNECA), Економска комисија на ОН за Европа (UNECE), Економска комисија на ОН за Латинска Америка и Карибите (ECLAC), Економска и социјална комисија на ОН за Азија и Пацифик (ESCAP) и Економска и социјална комисија на ОН за Западна Азија (ESCWA) и УНДП.

Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој (IFESD) за првпат е организиран 2010 година на иницијатива од UNECE и ESCAP, и прерасна во водечка глобална платформа за унапредување на одржливата енергија. Со текот на времето, сите пет регионални комисии на ОН се приклучија како коорганизатори.

Годинава форумот се одржуваше под мотото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“ и привлече над 800 учесници од 70 држави, додека над 150 експерти дебатираат на 35 панел сесии.

Како да изградиме поврзан и отпорен енергетски систем, како и кои се предизвиците кои на ова патување нѐ очекуваат разговаравме со Сања Божиновска, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини.

Што точно претставува Скопската декларација — и зошто е важна за Македонија?

– Камен-темелникот за одржлива и зелена енергетска иднина е поставен и веќе поминуваме на конкретна имплементација, односно процесот на транзиција. Целта е  достижна само ако работиме заедно. Токму тука се вклопува Скопската декларација, која е заедничката рамка која ги кондензира трите столба на транзицијата — поврзаност, отпорност и финансирање. Потписници сме нашето Министерство заедно со УНДП и UNECE во име на учесниците и ја акцентира потребата од поголема регионална поврзаност, отпорност на системите и мобилизација на капитал за енергетска ефикасност и обновливи извори.

Таа е алатка која дава насоки кои  интерконекции и балансирачки капацитети ќе добијат приоритет, кои регулаторни бариери мора да се отстранат за ефикасни инвестиции и како јавниот и приватниот капитал се спојуваат во одржливи модели. За Македонија, тоа значи дека ќе го користиме овој консензус за побрзо структурирање на конкретни финансиски инструменти со банки и меѓународни финансиски институции, насочени и кон домаќинства и кон малите и средни претпријатија (МСП) и кон индустријата. 

Паралелно, формираме работни групи за регионални интерконекции и услуги на балансирање, за да го намалиме трошокот за врвното оптоварување, да интегрираме повеќе ветер и солар и да ја засилиме енергетската безбедност. Ова не е само добронамерна изјава — тоа е оперативна мапа која ја усогласивме со нашите партнери во рамките на Форумот. Нам дома, пак ни дава јасен редослед на чекори од дигитализација на мрежата и олеснет приклучок за обновливи извори, до нови механизми за енергетска ефикасност во зградите. Со други зборови, декларацијата ја претвора агендата во план на работа.

Kои се следните чекори и можно ли е уште следните години граѓаните да почувствуваат разлика?

– Нашата енергетска транзиција е во тек. Обновливите извори на енергија во земјата сочинуваат повеќе од половина од вкупно инсталираниот капацитет за електрична енергија. На пример во 2024 година тоа изнесува 56 проценти. Нашиот фокуе е на инвестиции во нови соларни и ветерни енергетски проекти. 

Со новите закони во енергетиката ги групиравме и обврските во три групи, и тоа за домаќинствата и МСП поедноставени и побрзи постапки за приклучок на покривни фотоволтаици, јасни правила за нет-билинг и пристап до поволно финансирање за изолација, прозорци и паметни мерни уреди.

Вториот сет обврски се кон системот со цел засилување на балансирачките капацитети и пилот-решенија за складирање, заедно со подобрено прогнозирање и управување во реално време. Ова е и предуслов за да креираме можности да интегрираме повеќе солар и ветер без нестабилности. 

Трето е социјалната димензија, односно реализираме програми за заштита на ранливите потрошувачи и таргетирани мерки за енергетска сиромаштија, за транзицијата да биде праведна и инклузивна. Целта е за граѓанинот да обезбедиме енергија по предвидливи цени во долг рок и да обезбедиме повисока сигурност на снабдувањето и подобра услуга.

Целото интервју може да го прочитате на емагазин

Економија

МБИ10 бележи раст од 0,04%, обврзничкиот индекс ОМБ посилен за 0,55%

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

На трговската сесија од 11 декември 2025 година, индексот МБИ10 бележи раст од 0,04%, достигнувајќи ниво од 10.223,91 поени, додека индексот ОМБ се зголеми за 0,55%, на 129,44 поени. Вкупниот дневен промет изнесуваше 79,0 милиони денари, со зголемена активност и неколку поголеми блок-зделки. Најликвидни беа Комерцијална банка, Макпетрол и НЛБ Банка, кои придонесоа за најголем дел од вкупниот пазарен промет.

Најтргувани хартии од вредност

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 58.425.000 денари (вклучува блок-зделка)

● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 5.750.350 денари (вклучува блок-зделка)

● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) – 2.445.000 денари

Топ добитници

● Стопанска банка АД Скопје (STB) +1,98%

● Реплек АД Скопје (RPK) +0,19%

● Алкалоид АД Скопје (ALK) +0,18%

Топ губитници

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) –0,30%

● Гранит АД Скопје (GRN) –0,71%

● РЖ Услуги АД Скопје (RZU) –10,00%

Обврзнички пазар

На обврзничкиот пазар беше реализирана една трансакција со државната обврзница „Р. Македонија – денационализација 23“, по цена од 93 евра, во вредност од 112.840 денари. Сите останати државни и корпоративни обврзници останаа без промена во цените.

Тргувањето на Македонската берза на 11 декември 2025 година беше умерено активно, со доминација на банкарскиот сектор и присуство на неколку големи зделки. Индексот МБИ10 бележи минимален раст, при што Комерцијална банка, Макпетрол и НЛБ Банка беа најтргувани хартии од вредност. Најголем пораст имаше кај Стопанска банка, додека Комерцијална банка забележа благ пад. Обврзничкиот пазар беше ограничен по обем, но индексот ОМБ порасна за 0,55%, означувајќи стабилен крај на трговската сесија.

Continue Reading

Економија

ЏАМБО пристигнува во Гевгелија: Нова голема инвестиција во локалната економија и реализација на ветената експанзија

Европскиот реномиран бренд ЏАМБО (JUMBO) продолжува со успешна реализација на својата долгорочна стратегија за интензивен развој и пошироко позиционирање на македонскиот пазар. Оваа сабота, 13 декември 2025 година, компанијата пишува ново поглавје во својата деловна приказна со свеченото отворање на својот нов, најсовремен маркет во Гевгелија, сместен во рамките на новоотворениот трговски центар „Gevgelija Mall“. Оваа значајна инвестиција доаѓа како природен и логичен след на исклучително успешните деловни приказни кои компанијата веќе ги изгради во Скопје, Тетово и Битола, и претставува директно исполнување на ветувањата дадени пред македонските потрошувачи за континуирано проширување на модерната продажна мрежа низ целата територија на државата.

Пристигнувањето на ЏАМБО во јужниот регион на земјава има многу пошироко значење од самото збогатување на трговската понуда во градот. Со овој стратешки потег, компанијата јасно ја потврдува својата цврста позиција на сериозен странски инвеститор кој верува во потенцијалот на домашниот пазар и активно вложува во неговиот напредок. Како докажана општествено одговорна компанија, ЏАМБО со оваа инвестиција директно ја стимулира локалната економија и влијае врз подобрување на животниот стандард.

Отворањето на новиот објект значи и отворање на нови работни места, со што компанијата создава нови професионални можности и стабилни кариери за жителите на Гевгелија, потврдувајќи ја својата грижа за заедницата во која делува. Дополнително, новиот ЏАМБО маркет е проектиран со визија да функционира како силен регионален магнет кој ќе привлекува купувачи не само од градот, туку и од пошироката околина и соседството, со што значително ќе се зголеми економскиот проток и ќе се зајакне статусот на Гевгелија како клучна трговска дестинација во регионот.

Новиот продажен простор, кој се простира на импресивна површина од 3.000 метри квадратни, е дизајниран и уреден според највисоките светски стандарди за да понуди врвно шопинг искуство и да прерасне во новата омилена дестинација за целото семејство. Посетителите ќе имаат ексклузивен пристап до богат асортиман од над 20.000 артикли, вклучувајќи играчки, декорации, производи за домот и сезонски изненадувања.

Концептот на маркетот доследно го следи препознатливиот корпоративен идентитет и популарниот слоган на брендот „За сѐ што ви треба и не сте знаеле дека ви треба“, нудејќи креативни решенија и радост за секој дом.

Како посебна новина и значајна додадена вредност за купувачите во Гевгелија, во рамките на овој маркет интегриран е и широко препознатлив асортиман од брендот ВЕРО, кој е внимателно селектиран да го задоволи сечиј вкус. Оваа стратешка синергија на двата силни бренда им овозможува на потрошувачите уникатна привилегија, да ги задоволат сите потреби за домаќинството и семејството на едно место, штедејќи драгоцено време и уживајќи во квалитетот на докажаните производи.

По повод ова големо отворање, Петар Денковски, генерален директор на ЏАМБО маркетите во Македонија, ја истакна важноста на овој момент за компанијата и заедницата. Тој нагласи дека пристигнувањето во Гевгелија е моментот кога долгорочните стратешки планови стануваат реалност и претставува важен чекор во стратегијата на компанијата да биде поблиску до своите потрошувачи. Според Денковски, успехот на компанијата не се мери само преку ширењето на квадратурата на маркетите, туку првенствено преку конкретниот придонес кон општеството и заедницата. Тој изрази гордост што преку оваа капитална инвестиција, компанијата директно влијае на развојот на локалната заедница преку отворање на нови работни места, инвестирање во човечкиот потенцијал и создавање на нов економски импулс кој ќе го раздвижи целиот регион. Денковски порача дека динамиката на развој на компанијата нема да запре тука и со задоволство најави дека успешната експанзија ќе продолжи и во текот на следната година со планираното отворање на нов, современ маркет во Струмица, со што ќе се заокружи присутноста на брендот во овој дел од државата.

Свеченото отворање на новиот ЏАМБО маркет е закажано точно на пладне, во 12:00 часот, на 13 декември 2025 година, паралелно со отворањето на „Gevgelija Mall“.

Компанијата ги поканува сите граѓани да бидат дел од овој настан, каде ги очекува целодневна семејна атмосфера исполнета со богата забавна програма. За најмладите се подготвени специјални изненадувања, дружење со маскоти, цртање на лице и игри со сапунени меури, со цел денот на отворањето да прерасне во вистински празник и незаборавно доживување за целиот град.

Continue Reading

Економија

Трамп воведе „златна виза“: Американски престој за 1 милион долари

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска предизвика вистинска сензација објавувајќи го воведувањето на таканаречената „Златна картичка на Трамп“ – револуционерна програма за имиграција која ветува брз пат до американско државјанство за најбогатите странци.

„Златната картичка на владата на Соединетите американски држави на Трамп пристигна денес. Директен пат до државјанство за сите квалификувани и проверени лица. Нашите одлични американски компании конечно можат да го задржат својот непроценлив талент. Страницата ќе биде објавена за 30 минути! trumpcard.gov“, изјави американскиот претседател на неговата омилена платформа, Truth Social.

Официјалната веб-страница веднаш ги шокираше потенцијалните апликанти со високата цена: „Со надомест за обработка и, по верификација од страна на Министерството за внатрешна безбедност (DHS), исплата од 1 милион долари, ќе имате право да останете во САД за рекордно време преку програмата „Златна картичка на Трамп“.

Оваа виза е наменета за елитата која може да обезбеди „значајна корист“ за САД. Процесот на аплицирање е забрзан, но не е евтин: неповратна такса од 15.000 долари се плаќа на DHS, а милионската донација се бара дури по завршување на безбедносната проверка – како доказ за „значајна корист“.

Трамповата администрација нуди уште поексклузивна опција: Платинумската картичка на Трамп. Оваа програма е резервирана за ултра-богатите странци и нуди највисоко ниво на пристап – како што го нарекуваат американските власти.

„Аплицирајте сега и обезбедете го вашето место на листата на чекање за Трамп Платинум картичката,“ стои на веб-страницата. Со надомест за обработка и придонес од неверојатни 5 милиони долари, апликантот добива можност да престојува во САД до 270 дена годишно без да плаќа американски даноци за својот приход остварен надвор од САД.

Не се заборавени ниту компаниите. „Златната корпоративна картичка на Трамп“ е наменета за корпоративно спонзорирање на вработени. Почетната такса е 15.000 долари по вработен (неповратна).

Шокантни 2 милиони долари по вработен по безбедносната проверка, докажувајќи дека тие ќе „донесат значителна корист“.

Корпоративниот спонзор може да ја пренесе картичката на друг вработен доколку првичниот си замине, притоа плаќајќи само годишна такса за одржување од 1 процент и такса за пренос од 5 проценти (вклучувајќи нова безбедносна проверка).

Трамп уште во февруари најави дека оваа програма е замислена како „нешто како зелена карта, но на повисоко ниво на софистицираност“. Но најголемата контроверза ја предизвика изјавата во која сугерираше дека дури и некои руски олигарси – многу од нив под американски санкции – би можеле да се квалификуваат.

„Познавам некои руски олигарси кои се многу добри луѓе“, изјави тој, одговарајќи на новинарско прашање со едноставно: „Можно е“.

Овие „златни билети“ ја заменуваат контроверзната програма EB-5, која им даваше постојан престој на странските инвеститори. Американскиот министер за трговија, Хауард Лутник, претходно ја нарече EB-5 „евтин начин за добивање зелена карта“ и програма отворена за злоупотреба. Се чини дека Трамп има намера да ја подигне цената на американскиот сон.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг