Најмладиот син на покојниот либиски лидер Моамер Гадафи, Ханибал Гадафи, во понеделникот беше ослободен по речиси десет години притвор, поради случај поврзан со исчезнувањето на шиитскиот муслимански свештеник, објави Либанската национална новинска агенција.
Ханибал Гадафи беше киднапиран во 2015 година од вооружени групи во Сирија, каде што живееше во егзил со сопругата и децата по убиството на неговиот татко за време на востанието во Либија во 2011 година. Истата година либанските власти го притворија и го обвинија дека поседува информации за судбината на имамот Муса ал-Садр, шиитски верски водач кој исчезна во 1978 година за време на посетата на Либија. Тогаш Ханибал имал само две години и никогаш не извршувал високи државни функции во зрелоста.
Организациите за човекови права ги осудија околностите на неговото задржување, оценувајќи дека обвиненијата се неосновани. Во 2023 година, Ханибал започна штрајк со глад во знак на протест, по што неговата здравствена состојба се влоши и беше хоспитализиран.
Минатиот месец либанското правосудство наложи негово ослободување и одреди кауција од 11 милиони долари. По жалба на неговите адвокати, судот ја намали сумата на околу 900.000 долари, а во новата одлука беше укината и забраната за патување.
„Ослободувањето на Гадафи следеше откако неговите адвокати ја платија кауцијата“, соопшти државната новинска агенција. Владата на национално единство на Абдул Хамид ал-Дбејба со седиште во Триполи изрази благодарност до либанскиот претседател и претседателот на парламентот за „соработката што доведе до ослободувањето на Ханибал Гадафи“.
Таинственото исчезнување на имамот Садр пред речиси половина век предизвика децении обвинувања меѓу Либија и Либан. Во своето соопштение, либиската влада ја поздрави „искрената намера на либанското раководство да ги обнови дипломатските односи и да ја продлабочи соработката меѓу двете земји на политички, економски и безбедносен план“.










