Британскиот „Гардијан“ објави дека американски и руски претставници тивко изработиле план за завршување на војната во Украина, кој фактички би значел капитулација на Киев. Планот од 28 точки, за кој се смета дека е инспириран од сличен предлог развиен од администрацијата на Доналд Трамп за војната во Газа, првпат беше објавен од „Аксиос“ (Axios). Белата куќа, како што се наведува, не одговорила на барањето на „Гардијан“ за повеќе информации.
Според украинското Министерство за внатрешни работи, 25 лица – меѓу кои и три деца – биле убиени, а 73 повредени (15 деца) во денешниот руски ракетен напад врз градот Тернопол.
„Гардијан“ пишува дека нацрт-планот, изготвен од Стив Виткоф – претставник на Трамп – и Кирил Дмитриев, советник на Кремљ, предвидува крај на војната под услови што значително би го ограничиле политичкиот и воениот суверенитет на Украина. Според текстот, планот би бил доживеан како форма на предавање во Киев.
Планот предвидува Украина да се откаже од територијата што моментално ја контролира на истокот, како и да ја преполови големината на својата армија – услови што претседателот Володимир Зеленски претходно ги нарече апсолутно неприфатливи. Дополнително, би се ограничила американската воена помош и категориите на оружје достапни за украинските сили.
„Фајненшл тајмс“ и „Ројтерс“ известуваат дека за ова прашање постои неофицијален канал на комуникација меѓу Вашингтон и Москва, но не е познато дали администрацијата на Трамп формално го поддржала предлогот.
Во меѓувреме, Русија започна нов масовен напад врз западна Украина, погодувајќи станбени згради во Тернопол и енергетски објекти во Ивано-Франкивск и Лвив. Русија продолжува со систематска кампања за уништување на украинската енергетска инфраструктура пред зимата.
Украинското Министерство за енергетика објави дека во повеќе региони има прекини на електричната енергија. Зеленски изјави дека Русија испукала повеќе од 470 беспилотни летала и 47 ракети, предизвикувајќи „значајна штета“. Тој предупреди дека под урнатините во Тернопол може да има луѓе кои сè уште чекаат спасување.
Објавени видеа и фотографии покажуваат како една од погодените повеќекатници целосно се урива.
Трамп најави шокантен потег: Може целосно да се повлече од преговорите за Украина!
Американскиот претседател Доналд Трамп може да се повлече од мировните преговори за Украина поради обвинувања за корупција против блиски сојузници на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави неговиот син, Доналд Трамп помладиот.
На форум во Доха, Трамп помладиот рече дека Украина е „многу покорумпирана од Русија“ и го нарече Зеленски „еден од најголемите маркетери на сите времиња“. На прашањето дали неговиот татко ќе се повлече, тој одговори: „Мислам дека можеби ќе се повлече“.
Ова следува по тридневен состанок во Мајами меѓу претставници на Киев и Вашингтон, кој официјално беше оценет како продуктивен, но без конкретни решенија за клучните прашања околу безбедносните гаранции и територијалните спорови.
Сега светот внимателно ги следи следните потези на Трамп, кои може драстично да ја променат динамиката на мировните преговори.
Маск под удар: ЕУ ја казни „X“, конфликтот се прошири на меѓународна сцена
Европската Унија за прв пат го спроведе Законот за дигитални услуги, казнувајќи ја мрежата „X“ на Илон Маск со 120 милиони евра (приближно 140 милиони долари). Регулаторите се незадоволни од „синиот знак за проверка“, за кој тврдат дека не ја потврдува автентичноста на профилите (претходно достапен само за официјални профили, а сега може да се купи за 7 евра месечно, со што ЕУ верува дека го олеснува ширењето на лажни профили), како и одбивањето на платформата да обезбеди пристап до јавни податоци. На „X“ му беа дадени 60 дена да ги исправи проблемите со верификацијата и 90 дена да ги реши проблемите со рекламирањето и податоците.
Маск изјави дека пред казната, ЕУ побарала тајно да цензурира политичари и блогери, заканувајќи му се со санкции. Тој тврди дека други платформи, вклучувајќи го и Фејсбук, се согласиле со таквите услови. Маск потсети дека социјалните мрежи веќе издале директни забрани, вклучувајќи ги и оние на профили на американскиот претседетел Доналд Трамп.
Владата на САД се придружи во јавната расправија околу цензурата, притисокот врз платформите и мешањето во политиката. Државниот секретар Марко Рубио ги нарече постапките на Европската комисија напад врз Америка и „удар врз сите американски технолошки платформи и американскиот народ од страна на странски влади“.
Белата куќа, исто така, се изјасни против казната, поврзувајќи ја со обидите на Европа да ги наметне своите стандарди за регулирање на дигиталните платформи врз САД и да ги контролира американските социјални медиуми.
На Конфликтот се приклучи и основачот на палтформата „Телеграм“, Павел Дуров. Тој го поддржа Маск и изјави дека ЕУ го бара невозможното за да изврши притисок врз компаниите кои не сакаат да ја ограничат слободата на говорот.
Дуров потсети на кривичната постапка против него во Франција и понудите на француските разузнавачки служби да „помогнат“ околу тужбата доколку „Телеграм“ тајно цензурира содржина и се вмеша во изборите во Романија и Молдавија.
Како што соопшти Дуров, шефот на француската надворешна разузнавачка служба, преку посредник, „го замолил да забрани конзервативни гласови“ во Романија и да отстрани неколку молдавски канали во замена за поволна судска одлука во неговиот случај. Маск ја реобјави таквата изјава на Дуров.
Како одговор, европските политичари порачаа дека „ЕУ не е американска колонија и нема да им дозволи на САД да ги диктираат своите закони“.
Во јавната расправа, Маск го зеде последниот збор, предлагајќи распуштање на Европската Унија.
ЕУ треба да се укине, а нејзините земји треба да го вратат својот суверенитет за подобро да ги претставуваат интересите на своите народи“, порача Маск.
Шпанија под лупа: мистериозна свинска треска со вирус што не потекнува од Европа
Шпанските власти спроведуваат интензивна истрага за изворот на африканската свинска треска откриена кај диви свињи во Каталонија, откако необичната генетска структура на вирусот отвори сомнежи дека е можно негово потекло од лабораторија. Досега се регистрирани 13 заразени диви свињи во околината на Барселона, што предизвика сериозна загриженост за индустријата за свинско месо во Шпанија – сектор вреден 8,8 милијарди евра годишно, пренесува „Гардијан“.
Иако првичните претпоставки укажуваа дека заразата се проширила преку контаминирана храна, новите анализи ја сменија насоката на истрагата. Министерството за земјоделство откри дека вирусот не се совпаѓа со соевите што моментално циркулираат во Европската Унија. Наместо тоа, генетски е сличен на сојот „Грузија 2007“, кој често се користи во лабораториски истражувања и развој на вакцини.
„Овој наод не ја исклучува можноста вирусот да има потекло од објект за биолошка изолација“, соопшти министерството. Одделот истакна дека засега не постојат докази дека вирусот е внесен од земји каде што болеста активно циркулира.
Регионалниот претседател на Каталонија, Салвадор Иља, најави ревизија на пет научни објекти кои работат со вирусот и се наоѓаат во радиус од 20 километри од жариштето. „Ниту една хипотеза не е исклучена. Потребно е најпрво да утврдиме што точно се случило,“ порача тој.
Властите досега потврдија 13 случаи кај дивите свињи, а дополнителни 37 трупови се тестирани со негативен резултат. Проверени се и 39 фарми во поширокиот регион, при што не е пронајден ниту еден случај на зараза. Над 100 припадници на воената единица за итни интервенции се распоредени на терен заедно со полицијата и ловочуварските служби.
Африканската свинска треска не претставува ризик за луѓето, но е фатална за свињите и може да предизвика сериозни економски последици. Вирусот се прошири низ Азија во 2018 година, а во Европа беше повторно потврден во Германија во 2021 година.
Шпанија, како најголем производител на свинско месо во Европската Унија, внимателно ја следи ситуацијата. Земјата годишно извезува свинско вредно над 8,8 милијарди евра, а само во 2021 година беа заклани околу 58 милиони свињи – бројка што бележи раст од 40% во последните десет години.