Вкупниот промет на компаниите коишто се во сопственост на косовски државјани лани бил 299,4 милиони евра. Тие заеднички направиле добивка од 11,7 милиони евра. Податоците од Бизнис мрежа покажуваат дека приходот на компаниите бил помал отколку во 2023 година, но од друга страна направиле поголема добивка, или нивната профитна маржа се зголемила. Во компаниите се зголемил бројот на вработени од 2.420 во 2023 година на 2.529 лани, а пораснале и платите.
Портфолиото на косовски фирми во Македонија е богато. На врвот од табелата по приход и по добивка е трговскиот синџир Кит-го. Екс фис авијација обезбедува снабдување со гориво за авијација и услуги за полнење во авиони за многу клиенти на различни локации на Балканот. Апетит гроуп е главен производител и продавач на месни производи на територијата на Косово, а има своја фирма и во Скопје. Футуре енерџи трајдинг енд ексчајнџ динамикс е од енергетскиот сектор, но и покрај тоа што има приход од 22,8 милиони евра е во загуба и има блокирана сметка. Рецкосс-транс е од дејноста транспорт, Океан ком трејд е дистрибутивна компанија со храна и средства за чистење.
Вива Фреш Сторе е друштво кое се занимава со продажба на мало на стоки во неспецијализирани продавници-супермаркети каде преовладуваат храна, пијалоци и тутун. Сепак, прометот од 10,3 милиони евра не можел да ја спречи загубата произлезена од минатогодишното работење, која изнесува 117 илјади евра.
Услугите што ги нуди Ескаватори-Мк се: производство на сите видови асфалт, изградба на нови патишта, рехабилитација на патишта, мостови и други патни објекти. Елкос гроуп има трговски комплекс во Гостивар. Блу чип е познат по салоните Комодита.
Десетте најголеми компании по приход според остварените резултати се значајни играчи на македонскиот пазар. Нивните приходи се движат од 6,7 милиони евра до 99,7 милиони евра. Она што особено се истакнува е дека сите овие фирми, освен Ескаватори-Мк, во 2024 година имаат поголем приход отколку во 2023 година. Но, тоа не е случај и со добивките.
Кит-го имала најголем приход (99,7 милиони евра) и годишен раст од 14,7 насто. Шампион е и по добивка (2,8 милиони евра), но таа е намалена за 28,2 насто во однос на 2023 година.
ЧЕТИРИ КОМПАНИИ ИАКО НЕ СЕ НАЈГОЛЕМИ ПО ПРИХОД СЕ МЕЃУ НАЈГОЛЕМИТЕ ПО ДОБИВКА
Листата на најголеми компании по добивка ја дополнуваат 4 нови компании коишто не успеале да влезат во шампионската листа по приход. Едноставно, тие успеале да направат подобри профитни маржи.
Кај десетте најголеми работодавачи во 2024 година имало 1.680 вработени, речиси 100 повеќе отколку во 2023 година, кога имало 1.585 вработени. Шампион и по вработеност, како и по приход и по добивка е трговскиот синџир КИТ-ГО со 966 вработени. Таму лани имало 901 вработен.
Кога станува збор за највисоки плати се појавуваат сосем нови играчи. Во косовските фирми може и многу да се заработи. Во фирмата Новус има 6 вработени, а просечната нето-плата лани била 145.761 денар, што е речиси 30 отсто помалку од просекот во 2023 година. Во Друштвото за трговија и услуги Интерпроект-гроуп од Врапчиште има слично висок просек, но всушност и не станува збор за просек – туку за плата на еден вработен, а таа изнесувала 138.252 денари, додека во 2023 година просекот бил само 18.043 денари. Другите плати во првата десетка во просек се движат од 58.251 денар до 75.074 денари.
МБИ10 со раст од 0,11%, вкупен промет над 143 милиони денари
Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.
На трговската сесија од 5 декември 2025 година, индексот МБИ10 бележи раст од 0,11%, достигнувајќи ниво од 10.255,62 поени, при вкупен промет од 143,01 милиони денари. Најголем дел од прометот беше резултат на неколку големи блок-зделки, пред сè со акциите на Комерцијална банка, Макпетрол и Градски Институт Македонија. Индексот ОМБ остана непроменет на 128,73 поени, без активности на обврзничкиот пазар .
Најтргувани хартии од вредност
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 59.850.000 денари (вклучува блок-зделка)
● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 7.192.000 денари (вклучува блок-зделка)
● Градски Институт Македонија АД Скопје (GIM) – 64.337.550 денари (вклучува блок-зделка)
Топ добитници
● Гранит АД Скопје (GRN) +1,80%
● ТТК Банка АД Скопје (TTK) +2,99%
Топ губитници
● Алкалоид АД Скопје (ALK) –0,16%
● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) –0,14%
● Стопанска банка АД Скопје (STB) –0,12%
Обврзнички пазар
Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници. Индексот ОМБ остана стабилен на 128,73 поени, без промена.
Трговијата на Македонската берза на 5 декември 2025 година се одвиваше со вкупен промет од 143 милиони денари, при раст на индексот МБИ10 од 0,11%. Најголем удел во прометот имаа Комерцијална банка, Макпетрол и Градски Институт Македонија, благодарение на реализираните блок-зделки. Меѓу добитниците се издвојуваат Гранит и ТТК Банка, додека Комерцијална банка и Алкалоид бележат минимален пад. Обврзничкиот пазар остана без активности, а вкупната пазарна динамика беше стабилна со ограничени ценовни движења.
Министерството за енергетика објави список на корисници на субвенции за ранливи потрошувачи во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е завршена постапката за обработка, евалуација и верификација на сите пристигнати пријави за финансиска поддршка преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година. По деталните проверки спроведени од комисиите и вкрстувањето на податоците со надлежните институции, јавно e објавен списокот на сите лица и домаќинства кои се стекнаа со право на субвенција.
Решенија за финансиска поддршка се донесени за следните категории: домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, домаќинства со едно или повеќе лица со најтешка телесна попреченост, домаќинства со едно или повеќе потполно слепи лица и домаќинства со едно или повеќе потполно глуви лица.
Комисиите ја завршија постапката на увид и проверка во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија. Согласно резултатите, утврдени се корисниците кои ги исполнуваат критериумите предвидени со Програмата, при што субвенцијата ќе се пресметува како месечно намалување на сметката за електрична енергија во износ од 1.000 денари, во траење од 12 месеци сметано од денот на поднесување на барањето.
Објавениот список е достапен на веб-страницата на Министерството за енергетика (www.energy.gov.mk).
Од министерството потсетуваат дека неплаќање на две последователни сметки за електрична енергија доведува до укинување на решението за финансиска поддршка, согласно правилата на Програмата.
Финансиската поддршка се распределува според принципот најниски приходи и согласно определените буџетски средства. Програмата за 2025 година, која обезбедува вкупно 42.300.000 денари државна поддршка, има за цел да обезбеди достапна и сигурна енергија за домаќинствата кои се соочуваат со енергетска сиромаштија, со особен фокус на лицата со попреченост и корисниците на гарантирана минимална помош. Дополнително, мерките опфаќаат и ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритетно отстранување на дефекти и заштита од исклучување во зимскиот период.
Министерството останува целосно посветено на унапредување на енергетската сигурност и социјалната заштита на граѓаните.
Димитриеска-Кочоска: Македонија трета во Европа по раст на БДП
Македонија зазема третата позиција во Европа по растот на бруто-домашниот производ (БДП), веднаш по Ирска и Данска, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција. Според податоците на Државниот завод за статистика, реалниот раст на БДП во третиот квартал од 2025 година изнесува 3,8%, што е забрзување во споредба со 2,9% во првиот и 3,5% во вториот квартал годинава. Кумулативниот раст за првите три квартали е 3,4%.
Главен двигател на економскиот раст се бруто-инвестициите, кои бележат зголемување од 30,6%, благодарение на растот на инвестициите во основни средства. Димитриеска-Кочоска истакна дека тоа е показател за високата доверба на инвеститорите во домашната економија, со значителен придонес од домашните компании и поддршката од Владата преку поволни кредитни линии.
„Високиот раст на инвестициите во овој период е резултат на комбинација на позитивни трендови, вклучувајќи капиталните инвестиции на Владата и оптимизацијата на нивните трошоци, како и интензивна реализација на инфраструктурни проекти како коридори 8 и 10“, рече министерката. Дополнително, значајна е и поддршката на општините за реализирање капитални проекти, со цел рамномерен регионален развој.
Освен инвестициите, растот на економијата го поддржува и финалната потрошувачка со зголемување од 1,8%. Во градежништвото растот изнесува 21%, услугите се зголемиле за 2,9%, секторот за информации и комуникации за 7,4%, стручните, научните и техничките дејности за 6,1%, додека трговијата и транспортот растат за 2,6%. Индустријата бележи раст од 1,3%, при што преработувачката индустрија се зголемува за 2,5%, а земјоделството бележи раст од 4,0%.
Министерката Димитриеска-Кочоска го оцени ова тримесечје како едно од најуспешните во последните години, подвлекувајќи дека Македонија покажува стабилен економски развој и раст на инвестициите и продуктивноста.