Во денешната ера на мобилната телефонија егзотично, но и поучно, дејствуваат податоците за првите телефони во Скопје.
Таа приказна е толку интересна што треба повторно да потсетиме на неа, бидејќи е речиси комплетно заборавена.
Наједноставните индукторски телефонски апарати се користени уште во турскиот период, но и подоцна, по завршувањето на Првата светска војна, кога тие се усовршуваат, односно се заменуваат.
Индукторските телефони се со поедноставена мануелна употреба и мини-централа од само 12 волти. Тие во Скопје се користени долго време, а во дваесеттите години на минатиот век е воведен нов ЦБ-систем во телефонската комуникација (кратенка од централна батерија).
Овој телефонски апарат немал бројченик, туку функционирал само со кревање на слушалката. Со кревањето на слушалката се јавувала телефонистка, која веднаш ве поврзувала со бројот што го барате. Бидејќи во Скопје тогаш немало многу телефонски корисници, поврзувањето најпрвин било со двоцифрени или трицифрени броеви: 12, 15, 113. Веднаш на линија сте го добивале бројот од корисникот што сте го барале.
Веќе кон средината на 30-те години од минатиот век била внесена вистинска револуција во телефонијата во Скопје. Во 1935/1936 година е инсталирана првата автоматска телефонска централа, (АТЦ). Таа била германска, произведена во „Сименс“.
Иако била посовремена, во тоа време во Скопје немало многу телефони (капацитет од 400 броја). Нив главно ги користеле побогатите слоеви, луѓето од политиката и трговијата, но и болниците и војската.
Со тој период од развитокот на телефонијата во градот е поврзан и еден куриозитет. Дали знаете кога е отворена првата јавна телефонска говорница во Скопје? Првата јавна говорница е отворена точно на 28 ноември 1936 година.
Станува збор за две јавни телефонски говорници. Каде биле лоцирани? Првата се наоѓала на плоштадот, пред Стопанскиот дом, односно ресторанот „Метропол“. Втората говорница била во чаршијата, која тогаш особено била прометна. Говорницата била лоцирана точно пред влезот на „Капан-ан“.
Трагајќи по историјата на првите телефони во Скопје, сосема случајно открив еден запис што многу сликовито зборува како некои од скопјаните тогаш го нарекувале телефонот. Самото име „телефон“ не било многу фреквентно, па затоа често доаѓало и до неговото искривување при изговорот и до различни комични ситуации.
Имено, еден од ретките сопственици на телефонски апарат во периодот меѓу двете светски војни, поточно во 1935 година, бил Беќир-ефенди, еден од познатите браќа Шабан-паша. Тие биле меѓу најбогатите скопјани, а нивната мелница се наоѓала на реката Вардар, под Калето, кај електродистрибуција.
Еден новинар дошол да направи репортажа за мелницата и за браќата, ако сето тоа функционирало во Скопје.
Среде разговорот, влегол еден од вработените и му се обратил на газдата со зборовите: „Беќир-ефенди, тилифон“. Со тоа го известил дека итно го бараат на телефонскиот апарат. Беќир-ефенди веднаш слегол во долните простории за да се јави на „тилифон“.
По Втората светска војна, сименсовата автоматска АТЦ, во 1948 година, била заменета со унгарската „ротари“ како понова и посовршена. Според некои податоци, старата централа ѝ била подарена на Тирана, Албанија. Новата автоматска централа овозможувала на почетокот од 3.000 до 4.000 приклучоци, а бројката постојано се зголемувала.
Во скопскиот земјотрес таа е оштетена, а веќе во 1964 година е заменета со автоматската централа „Искра“ од Крањ. Томе Николовски, некогашен управник на телефонската мрежа и централа во Скопје, своевремено ми раскажуваше за пресвртните мигови во телефонијата во градот.
Во тие години по земјотресот се отворени можности за нови приклучоци, со што се остварија дамнешните желби на многумина жители да дојдат до телефонска линија. Со отворањето на новата пошта, направена е и децентрализација, со што повеќето населби или делови од Скопје ги користат услугите од автоматски централи (Ѓорче Петров, Маџари, Чаир) што работат како една. Николовски велеше дека и во меѓународните линии се следени истите современи трансформации во телефонијата.
Подоцна, електронските централи и компјутерските системи доведуваат до најсовремените телекомуникациски трендови и фаќање чекор со светот. Многумина скопјани се сеќаваат на времето по земјотресот и првите вселувања во новите населби, веќе во почетокот на 1964 година. Треба да се каже дека пред земјотресот малкумина имаа телефонски апарати и приклучоци, а првпат добија телефони токму во тие нови населби.
И тие се сметаат за први телефони. Телефоните станаа хит (и насушна потреба), иако во еден период сето тоа беше по изгор цени, на кои се сеќаваме и денес. Не треба да заборавиме дека телефонијата е дел од општата историја на поштите во Скопје и во Македонија.
Тоа е традиција што е многу богата. Таа особено се интензивира со поштенските кочии уште од Наполеоновото време, кога тие крстосуваат низ Скопје во почетокот на 19 век. Првата пошта и телеграфана во Скопје е отворена во 1899 година, но, според многуте патописци, некои од поштенските услуги функционирале и порано, во високите државни установи на администрацијата, во седиштето на скопскиот валија или во општинската управа. Данило Коцевски
„Стар манастир“ се смета за еден од најстарите сакрални објекти за кого први записи се пронајдени во 1326 година
ТЕТОВО – На локалитетот Лешочко Кале започнуваат археолошки истражувања на стар манастирски комплекс од пред повеќе векови. Истрагите што ги иницираше Музејот на тетовски крај, а се реализираат преку Националниот конзерваторски центар, финансирани од Министерството за култура, се насочуваат кон објекти што во 14 век претставувале епископски центар, но истовремено црквата „Св. Атанасиј“ која се’ уште опстојува, ќе се утврдува дали била градена на стар црковен објект од 6 век. Подготовките за почеток на археолошките истражувања веќе се завршени, па според најавите од Националниот конзерваторски центар наскоро ќе започнат. Годинава се планирани сондажни истражувања кои ќе траат околу еден месец. Во наредни фази кои според проектот би се одвивале од наредната година, ќе се пристапи кон конзервација. На овој комплекс забележани биле и поранешни истражувања во два-три наврати, а тогашните и сегашните наоди ќе послужат за поставување сонди до самата здравица, заради заштита и создавање услови на некогаш подигнатите објекти.
Со организираните археолошки истражувања ќе се стави крај и на беснеењето на дивите копачи од кои една група откриени минатата година, им беше судено и им беа изречени затворски казни.
Манастирскиот комплекс „Стар манастир“ се смета за еден од најстарите сакрални објекти за кого први записи се пронајдени во 1326 година. Јеромонахот Јоаникиј како единствен ктитор најнапред ја подигнал манастирската црква со пари, што ги обезбедил продавајќи го целиот имот на својот татко. Црквата била подигната на стари темели и градба од шестиот век, што е потврдено со пронаосот, на кој на десниот ѕид до неодамна биле видливи фреските. Во двориштето Јоаникиј изградил и конаци, келии и други објекти, а манастирот „Св. Атанасиј“ останал седиште на Полошката епископија како управен, духовен и културен центар на 14 век под јурисдикција на Охридската архиепископија. Создадени биле услови за живот на монаси и членови на манастирското братство, но и како место каде се школувале свештеници. Манастирскиот комплекс под разни влијанија неколку пати бил разурнуван, а најмногу последици имал во наездата на турските башибозуци во 1689 година. Први ископини биле вршени во 1927 година, кога биле откриени остатоци од разурнатата црква, три саркофази од кои еден бил на јеромонахот Јоаникиј, осамен гроб, две гробници и други објекти.
Од фрескоживописот очигледни биле делови на свети маченици, свети војници како и фреската насловена како „Угостувањето на праведниот Аврам“, но и делумни истраги биле вршени во 1981 година.Меѓутоа, очигледно е дека целиот простор бил оставен и запуштен, објектите оштетувани и од луѓе, но и од забот на времето, а свое влијание извршиле и дивите копачи кои во потрага по закопаното благо, нанеле огромни штети на просторот.
Револуционерен третман го поништува досега неизлечивиот рак на крвта кај деца и возрасни
Лондон, 9 декември 2025 – Научниците развија нов третман кој кај дел од пациентите целосно ја поништува акутната лимфобластна Т-клеточна леукемија, една од најагресивните и досега неизлечиви форми на рак на крвта.
Терапијата се базира на прецизно уредување на ДНК во белите крвни клетки, трансформирајќи ги во „жив лек“ што активно го напаѓа туморот. Првата пациентка што го примила третманот, девојче со тешка форма на леукемија, денес нема никакви знаци на болеста и според британските медиуми планира да се посвети на научни истражувања за малигни заболувања.
Во следната фаза од клиничките испитувања, осум деца и двајца возрасни биле третирани со генетски модифицирани клетки. Резултатите се охрабрувачки: 64 проценти од пациентите влегле во ремисија, што претставува најдобар исход досега кај оваа група болни.
Т-клетките, кои обично го штитат организмот од инфекции и тумори, кај оваа форма на леукемија стануваат неконтролирани и сами го предизвикуваат ракот. Кај испитаниците, класичните терапии како хемотерапија и трансплантација на коскена срцевина биле неуспешни, а единствената друга опција била палијативна грижа.
Овој медицински напредок отвора надеж дека гено-терапијата може да понуди реална шанса за излекување на пациенти со една од најагресивните детски малигни болести.
Лабораторијата за соларна астрономија при рускиот Институт за вселенски истражувања (ИКИ) соопшти дека изминатата ноќ на Сонцето е забележана црна дамка предизвикана од експлозија на водород.
Експлозијата се случила околу полноќ, московско време, и резултирала со црна дамка која се проширила на дијаметар од околу милион километри, пренесуваат руските медиуми.
Сончевите дамки се класифицираат во пет групи според јачината на рендгенското зрачење: A, B, C, M и X. Појавата на големи дамки може да предизвика магнетни бури на Земјата, кои, пак, влијаат на енергетските мрежи, краткобрановата комуникација, навигациските системи, како и на миграционите рути на птиците и животните.
Научниците нагласуваат дека сè уште нема цврсти докази за директно влијание на магнетните бури врз здравјето на луѓето, но следењето на Сонцето и понатаму останува од клучно значење за заштита на технологијата и инфраструктурата на Земјата.