Музиката не познава граници, исто како љубовта и добриот збор – Зарина Првасевда ве поканува на „Кадифено “ музичко патување во Филхармонија на 20 декември!
Многу брзо по нејзиното појавување на македонската музичка сцена вокалистката Зарина Првасевда стана популарна кај домашната публика, која го препозна нејзиниот моќен вокал и силната страст за изворниот етно звук. Музичката инспирација ја црпи од секојдневието, од разни ситуации, природата и нејзините звуци, емоциите и луѓето, но сепак нејзината најголема инспирација се децата и младината, оние на кои нејзината генерација им должи иднина во мир, радост, сигурност и најбитно – квалитетни музички содржини. За нив вреди да се бориме, за нив вреди да создаваме, за нив вреди да се едуцираме и надоградуваме и секојдневно да се стремиме да стануваме подобри луѓе – искрено споделува Зарина.
Патиштата на музиката понекогаш се среќаваат на најнеочекувани и најмагични места. Така и нејзиниот пат се вкрсти со оној на музичките виртуози Џенк Ердоган и Ахмет Али, токму во срцето на Турција, на Универзитетот во Кападокија каде 5 дена биле дел од меѓународен семинар – Музичко село за едукација на студенти од целиот свет. Токму тука се родило нивното музичко пријателство, а гостопримството што го почуствувала таму, во неа разбудило искрена желба истото чувство да го пренесе дома. За време на концертот, овие музичари ќе споделат дел од својата култура и традиција пред македонската публика, која пак, секогаш умее да отвори срце и слух за новото и убавото. Можност за заеднички да се вкрстат традициите, да се слушне како различни народи ја толкуваат душата преку звук, и да се види како македонската традиционална музика продолжува да живее, да се менува и да се пренесува низ генерациите.
„Често пати напоменувам и кажувам дека доколку мојата музика успее да растрепери барем едно срце, а особено на јазик кој не го разбира, тогаш јас сум најсреќниот човек на светот. За време на музичкото патување „Кадифено“, нема да се случи само обичен концерт, туку и можност за едукација, за ново различно музичко патување и вечер за паметење. Со нетрпение го очекувам денот, а исто така сум и љубопитна да видам кој ќе ни се приклучи на таа кадифена магија“ – вели Зарина.
Таа додава дека со македонската Филхармонија е нераскинливо врзана, и тоа поради нејзиниот прв солистички концерт оддржан таму за првиот албум ,, Ехо ’’, за кое вели дека е едно од најубавите искуства во нејзиниот живот. Овој пат, на 20 декември 2025 во Филхармонија со почеток од 19:30 часот, посетителите ќе имаат можност премиерно да уживаат во интимно, мелодиско и „Кадифено“ музичко доживување исполнето со тивка магија и уникатни вокали предводени од фантастичната Зарина Првасевда.
КУД ‘Орце Николов’ го слави својот 80. роденден со ревија на народни носии и креативни работилници
КУД „Орце Николов“ ја започнува прославата на својот голем 80-годишен јубилеј со тридневен културен маратон наречен „Фолклорот низ генерации живее“, чија цел е да ја воскресне и доближи македонската традиција до секого!
Веќе вечерва (5 декември), точно во 18 часот, скопскиот трговски центар „Сити мол“ ќе се претвори во сцена за величествена ревија на македонски народни носии. Посетителите ќе имаат уникатна можност да ги видат богатствата од најразличните етнографски целини на Македонија.
Во сабота (6 декември), од 12:00 до 16:00 часот, нсамблот ги повикува сите љубители на традицијата да се дотераат во носии и да се фотографираат како дел од овој настанот „Фолклорно катче“.
Во недела (7 декември), од 12:00 часот, за деца и возрасните ќе се организираат етно-креативни работилници за изработка на традиционални украси со етно мотиви. Искусните членови на „Орце Николов“ ќе бидат ментори во цртање, боење и плетење.
Во Корча промоција на традиционални македонски носии од Преспа
Станува збор за завршен настан од проектот “Создавање традиционални носии на македонското, влашкото и ромското национално малцинство во регионот на Корча“.
Македонското друштво „Сонце“, во соработка со Педагошкиот факултет, и со поддршка на Комитетот за национални малцинства, го организира завршниот настан на проектот „Создавање традиционални носии на македонското, влашкото и ромското национално малцинство во регионот на Корча“.
На овој посебен настан ќе бидат презентирани традиционалните носии на трите малциства изработени со голема посветеност и љубов кон културното наследство од познатата костимографка Лирика Појани од Корча. Исто така, ќе биде промовирана и информативна брошура, посветена на историјата, значењето и идентитетот на овие носии, подготвена од Васил Стерјовски.
Настанот ќе се одржи на 6 декември 2025 година во Библиотека „Битолски конгрес“, Педагошки факултет – Корча почеток: 11:00 часот.
Покрај Македонците од овој крај и пошироко, се очекува присуство на поголем број гости од институциите на округот Корча, како и од локалната власт.
„Танец“ го најавува годишниот концерт: Ритамот на душата и бојата на традицијата
Македонскиот ансамбл „Танец“ на 20 декември 2025 година, со почеток во 19:30 часот во Националната опера и балет, ќе го одржи својот годишен концерт под наслов „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, соопшти Министерството за култура и туризам.
Програмата ќе ги опфати најпознатите кореографии, традиционални ора и музички изведби кои го отсликуваат богатството на македонскиот фолклор. Настанот ја истакнува посветеноста на Ансамблот „Танец“ кон зачувувањето и сценската интерпретација на културното наследство, претставувајќи го фолклорот во неговиот најавтентичен и препознатлив облик.