Connect with us

Македонија

Охрид станува светска дестинација за стоматологија: Центарот „Д-р Баткоски“ доби престижна награда

Сместен во Охрид, стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ е приватна здравствена установа која во последната деценија изгради препознатливост по комбинацијата од врвна технологија, силен професионален тим и топол, човечки пристап кон пациентите. Токму таа непосредност грижата и фокус на секој поединечен пациент, според менаџерот и основач на современиот стоматолошки центар д-р Небојша Баткоски, е она што ја креира довербата кај пациентите. Центарот нуди широк спектар на услуги – од превентивна и детска стоматологија, преку естетски и протетски третмани, до имплантологија, алајнери и решенија наменети за пациенти од странство, со силен фокус на стоматолошки туризам и европски стандарди на работа.

Повод за ова интервју е најновото меѓународно признание на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, престижната награда THE BIZZ AWARD за деловна извонредност, во организација на WORLD CONFEDERATION OF BUSINESSES (WORLDCOB). Со д-р Небојша Баткоски разговараме за патот до ова признание, за личната и за професионалната приказна зад брендот „Д-р Баткоски“, за стоматолошкиот туризам и за тоа како изгледа иднината на современата стоматологија гледано од Охрид кон Европа и светот.

WORLD CONFEDERATION OF BUSINESSES во вашата работа препозна вредност која ви донесе уште едно меѓународно признание. Добитник сте на наградата THE BIZZ AWARD за деловна извонредност. Како дојде до тоа стоматолошки центар од Охрид да биде добитник на оваа награда?

– Фактот што World Confederation of Businesses ја препозна вредноста во нашата работа не е случајност. Тоа произлегува од континуирани меѓународни обуки во Швајцарија, Дубаи и во Германија, постојана имплементација на современи технологии и инвестиции во највисок квалитет на услуги. Нашата визија да бидеме лидери, а не следбеници – тоа е причината што го добивме ова меѓународно признание. Процесот на селекција подразбираше детална проценка на повеќе сегменти, како квалитетот на услугите и стандардите на работа, начинот на кој се грижиме за пациентите, и начинот на менаџирање на тимот и развојот на бизнисот. За организацијата која ги следи најдобрите практики во светот, беше важно да види дека работиме според исти или слични стандарди со реномирани центри во големите светски метрополи. За нас ова признание е потврда дека доследното вложување во едукација, технологија и човечкиот пристап не останува незабележано и надвор од границите на државата.

Меѓународното признание е потврда и за Вашиот личен влог да изградите еден професионален центар кој во регионот и пошироко се истакнува по квалитет и иновативност во услугите. Што значи оваа награда за Вас лично како доктор и менаџер, а што за тимот и за пациентите на стоматолошкиот центар?

– За мене ова признание е големо задоволство затоа што вложениот труд и долгогодишната посветеност се препознаени и вреднувани. Во минатото бевме признати како едни од Best Regional Hospitals, а јас лично ја добив наградата Manager of the Year во Оксфорд во 2016 година. Овие признанија, заедно со денешното, само потврдуваат дека континуирано работиме со исто темпо, фокус и успех, oваа награда е резултат на постојана работа, мотивација и професионален ангажман на целиот тим. За центарот тоа е и чест и обврска да го задржи постигнатиот квалитет и да продолжи да се развива, a за пациентите – признанието е најдобра потврда дека добиваат сигурна, квалитетна и современа услуга.

WORLDCOB ве покани да ви го додели и признанието за деловна извонредност. Кога и каде ќе ја примите оваа меѓународна наградата и како таа му користи на еден стоматолошки центар од Македонија?

– Наградата ќе ја примиме во Чикаго, и тоа за нас претставува голема чест. Отсекогаш сум велел дека кога посветено ја работиме нашата професија и ја цениме како вистинска пасија, резултатите неизбежно доаѓаат. Фактот што стоматолошки центар од Македонија е признат на вакво ниво само покажува дека не сме хендикепирани затоа што доаѓаме од помала земја – напротив, го користиме тој моментум за да докажеме дека можеме рамноправно да парираме со најдобрите во светот. Присуството во Чикаго, во друштво на компании и лидери од различни индустрии, отвора врати за нови контакти, размена на искуства и можни партнерства, особено во делот на стоматолошкиот туризам и едукацијата. Ова се важни платформи за еден стоматолошки центар од Македонија, затоа што носат поголема меѓународна видливост, зголемена доверба кај странските пациенти и дополнителен аргумент кога комуницираме со партнери од Европа и од дијаспората. Накратко, наградата не е само симболичен трофеј – таа е алатка што ни помага да го позиционираме Охрид и нашата клиника како сериозен играч на мапата на современата стоматологија.

За оние што првпат слушаат за вас, како започна приказната на стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ и како стигнавте да бидете најголемиот стоматолошки центар во Македонија?

– Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ го основа мојот татко, Јован Баткоски, а вистинската приказна започна со завршувањето на мојата специјализација во 2012 година. Мојата визија и сон беа препознаени и поддржани од мојот дедо Ѓорги, кој помогна проектот да се реализира. Со текот на годините, преку континуирана работа, посветеност и професионализам, Центарот се развиваше и постепено стана еден меѓу најголемиот стоматолошки центар во Македонија, со низа успеси и меѓународни награди. Почнавме како семејна ординација со јасна идеја, да понудиме стоматологија која е технолошки напредна, но истовремено топла и човечка. Од прв ден вниманието беше насочено не само на третманот, туку и на целокупното искуство на пациентот. Со проширувањето на тимот, воведувањето нови специјалности и инвестициите во современа опрема, центарот постепено премина од мала ординација во референтен стоматолошки центар во регионот. Денес работиме како мултидисциплинарен тим, каде што секој доктор има специфична експертиза, а пациентите добиваат комплетен план на третман – од превенција, преку естетика, до комплексни имплантолошки и ортодонтски решенија. Ова континуирано градење, чекор по чекор, е клучот за нашето позиционирање.

Стоматолошкиот туризам е дејност која засебно се развива како бизнис и во последниве години бележи и раст и развој. Дали имате пациенти од странство и кои услуги тие најчесто ги користат?

– Стоматолошкиот туризам бележи значителен раст, па затоа имаме засебна канцеларија во Милано. Имаме редовни пациенти од Европа и пошироко, кои доаѓаат организирано или преку дијаспора. Најчесто користат имплантолошки и протетски третмани „Холивуд смајл“, ламинати и Invisalign третмани, а со текот на годините овој проект се развива успешно и континуирано. Честа слика е пациент кој доаѓа со јасна желба да ја подобри својата насмевка, а си заминува со комплетно променет изглед, поголема самодоверба и желба повторно да се врати, не само во клиниката, туку и во градот. Тоа е суштината на стоматолошкиот туризам што го развиваме.

Ги следите новите современи технологии и иновации во стоматологијата на светско ниво и впечаток е дека и услугите во Центарот се според светските трендови во стоматологијата. Што може да се очекува во Центарот во иднина?

– Во текот на наредната година планираме значително проширување со нов современ дел и добивање лиценца за едукативен и тренинг имплантолошки центар. Со тоа ќе бидеме единствени во Македонија каде ќе се едуцираат и тренираат млади доктори од Израел и од Виетнам – првата група ќе ни дојде во последната недела од февруари. На овој начин не само што ја подигнуваме стручноста на нашиот тим, туку и придонесуваме за развој на стоматолошкиот туризам и ширење на современи технологии во стоматологијата. Нашата амбиција е Охрид да стане препознатлива точка не само за убавина и туризам, туку и по современа стоматологија и едукација, место каде што се создаваат нови генерации на доктори.

Advertisement

Македонија

Собранието ги усвои клучните закони за проектот „Безбеден град“

Собранието во рамки на попладневниот дел на 76. седница без расправа ги донесе измените и дополнувањата на повеќе закони кои се дел од пакетот потребен за целосно функционирање на системот „Безбеден град“. Со 65 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, пратениците усвоија измени на Законот за извршување на санкциите, Законот за полиција, Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка.

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека законот е дел од шесте законски измени кои обезбедуваат имплементација на еден од најзначајните проекти во историјата на Македонија, кој започна пред неколку недели и практично ќе стартува од 1 февруари.

Законот за прекршоци, исто така дел од пакетот, воведува посебна постапка за прекршоци констатирани со технички средства и уреди за снимање, вклучително електронска достава преку текстуални пораки или е-пошта, 50% намалување на глобата при доброволно плаќање во рок од осум дена, како и автоматско суспендирање на возачката дозвола по акумулирање на три забрани во четири години. Пратеничката Моника Трајанова од ВМРО-ДПМНЕ објасни дека измените ќе го зголемат ефектот на превенцијата, ќе намалат административни трошоци и ќе ја зголемат ефикасноста на постапките.

Стојановски додаде дека законите овозможуваат одземање на возило на несовесни возачи, како и подобрување на процесот на издавање возачки дозволи, со зголемена транспарентност и контрола врз членовите на комисијата која ги доделува дозволите.

Во рамки на истата седница, пратениците го усвоија и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, исто така по скратена постапка, со што се овозможува поефикасно реализирање на инфраструктурни и други јавни проекти.

Continue Reading

Македонија

Собранието донесе закон за обновување на средното полициско училиште

Собранието вечерва на продолжение на 67. седница го усвои Законот за средно полициско училиште, со што се воспоставува правна рамка за основање и функционирање на оваа образовна институција за идни полициски службеници. Законот беше изгласан со Бадентерово мнозинство, а расправата околу него заврши претходно.

Според Законот, средното полициско училиште ќе функционира во рамки на сегашниот Центар за обука во Идризово, согласно новиот Закон за внатрешни работи – Полициска академија. Образованието ќе трае две години, односно ќе ги покрива третата и четвртата година средно образование. Кандидатите кои успешно ја завршиле првата и втората година средно образование ќе можат да се пријават на објавен конкурс и, доколку ги исполнуваат предвидените услови, да го продолжат своето образование во средното полициско училиште.

Покрај тоа, Министерството за внатрешни работи ќе има можност паралелно да ја спроведува и досегашната основна обука за полицаец, која трае една година.

Во образложението на законот се наведува дека анализите од досегашната практика и искуствата од земји како Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Чешка покажуваат дека средното полициско образование, иако произведува помал број на кадар, обезбедува поголем квалитет. Образованието на помлади кандидати, на возраст од 15 до 16 години, овозможува подолготрајна подготовка во споредба со сегашната обука за полициски службеници на возраст од 18 до 25 години.

Последната генерација ученици во Средното полициско училиште заврши во 2000 година, а со примената на новиот закон ќе започне 25-та генерација.

Continue Reading

Македонија

Отворен шалтер за корекција на неточни прекршочни известувања

Сообраќајниот прекршок го прави еден возач, а казната завршува во рацете на сосема друго лице. Ваква неправда во изминатиот период погодува дел од граѓаните, откако системот „Безбеден град“ започна да испраќа известувања со погрешни податоци. Наместо вистинските прекршители, санкциите ги добиваат луѓе кои немаат никаква врска со сторениот прекршок. Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека проблемот произлегува од неправилности во евиденцијата при регистрацијата на возилата, што доведува до сериозни пропусти во автоматизираниот систем.

За надминување на ваквите ситуации, МВР отвори посебен шалтер на приземјето во Одделението за граѓански работи, во зградата на МРТ, каде граѓаните ќе можат директно да пријавуваат случаи во кои добиле казна што не им припаѓа.

„Од денес шалтерот за ‘Безбеден град’ е целосно во функција. Секој што добил известување со неточни податоци за сообраќаен прекршок може да поднесе барање за корекција на информациите“, соопштуваат од МВР.

Истата постапка, како што појаснуваат од Министерството, може да се заврши и преку станиците за технички преглед на возила, на локациите каде што е присутен службеник на МВР. Граѓаните ќе имаат можност да ги ажурираат контакт-податоците оставени при регистрацијата на возилото, доколку тие се променети или доколку добиле погрешно известување.

„Граѓаните можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците што ги доставиле при регистрацијата на своите возила, во случај на промена или при добиено известување со неточни информации“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреев.

Шалтерот ќе работи секој работен ден од 8:00 до 17:00 часот, а дополнително, граѓаните можат да пријавуваат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со системот „Безбеден град“ и по електронска пошта на адресата bezbedengrad@moi.gov.mk.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг