Connect with us

Македонија

Судењето за пожарот во Кочани продолжува: Одбраната на поранешните директори на ДЗС и министри за економија ги изложува своите сведоштва

sud

Пред Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за тешките дела против општата сигурност во врска со катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, 2012 година, во кој животот го загубија 63 лица, а над 210 беа повредени. На третото рочиште, одбраната ги изнесува своите воведни зборови, при што фокусот е ставен на поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и поранешни министри за економија.

Денеска, први пред судот се обратија бранителите на четворицата поранешни директори на ДЗС, Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути и Џеват Селами, како и на главниот инспектор Љупчо Грнчиштанов.

Петмината се обвинети дека од 2012 година не распоредиле инспектор за заштита и спасување во Кочани и не спровеле инспекциски надзор во „Пулс“, со што не ги провериле задолжителните услови за противпожарна заштита. Тие се наоѓаат на листата од 35 обвинети под редните броеви 18 до 22.

Списокот на обвинети потоа ги опфаќа поранешните министри за економија, Ваљон Сараќини и Крешник Бектеши. Тие се обвинети дека ги издале лиценците за работа на дискотеката без соодветна проверка на документацијата, како и петмина службеници од министерството: Џеваир Камбери, Шефкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу и Арлинда Касапи. Камбери дополнително е обвинет и за примање поткуп во два наврати за издавање на лиценцата на „Пулс“.

На денешното рочиште се очекува да се слушне и воведниот збор на одбраната на поранешните министри.

На претходните рочишта, одбраните на другите обвинети веќе ги изнесоа своите аргументи, насочувајќи го фокусот на други фактори.

Бранителите истакнаа дека причина за пожарот е употребата на пиротехника, а не пропуст во градежната конструкција, која ниту се урнала, ниту и се оштетила статиката. Тие потенцираа дека инспекторите не се надлежни за ентериерот, туку само за промени во габаритот и дека не смееле да влезат во приватен објект без писмен налог за вонреден надзор.

Одбраната на поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитров, нагласи дека тој бил единствениот кој реагирал и поднел барање до надлежните да не се издаде дозвола за работа на „Пулс“. Димитров праша „каква правда може да се добие, ако се обвинуваат луѓе што не се виновни“ и предупреди на опасност од „заменски обвинети“. Слични ставови изнесоа и адвокатите на другите ексградоначалници Николчо Илијев и Љупчо Папазов, потенцирајќи дека локалната власт немала никакви ингеренции, бидејќи надлежноста била исклучиво на државните инспекторати.

На рочиштето на 4 декември, одбраната на членовите на обезбедувањето оцени дека обвинението е неосновано и без докази, изградено врз „хаотични претпоставки“, посочувајќи дека тие имале ограничени задачи и како клучни причини за трагедијата ги посочија институционалните пропусти и недостигот на надзор.

Поради обемноста на случајот, не се очекува денеска да завршат воведните зборови на сите обвинети. Најверојатно за утре ќе остане излагањето на бранителите на пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, поранешната државна секретарка во Министерството за економија Размена Чекиќ Дуровиќ и сопственикот на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев.

Сите 35 обвинети на рочиштето на 2 декември се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за обвинението.

Advertisement

Македонија

Андоновски најави: Доаѓа единствениот електронски идентификациски број за сите граѓани

Иако технолошката основа постои, македонските институции функционираат како „засебни острови“ и го кочат дигиталниот развој на државата, порача министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Скопје. На годишната конференција на Американската стопанска комора, тој отворено ја критикуваше администрацијата и најави радикални мерки за искористување на заспаниот потенцијал на Платформата за интероперабилност.

„Не се доволни 2,6 милиони трансакции месечно на оваа платформа, може и мора да има десет пати повеќе“, беше јасен Андоновски. И покрај огромниот раст од 274% во ноември 2024 година во споредба со просекот, министерот смета дека тоа е само почеток. Проблемот не е во ИТ-то, туку во менталитетот и однесувањето на институциите.

„Вчера од еден од покрупните директори слушнав ваква констатација – тоа е мој податок што го прибирам по мои закони и немам зошто да го споделувам со друга институција од друг сектор. Проблемот е системски во размислувањето на администрацијата.“

Во насока на поврзување на податоците и заштита на граѓаните, Андоновски откри дека вчера Владата ги прифатила измените на Законот за Централен регистар на население, со што се воведува единствен електронски број на граѓанинот.

Овој број ќе биде анонимизиран матичен број. Ќе биде реплициран и во единствениот даночен број за граѓаните. Целта е да се поврзат податоците за секој граѓанин без да се загрози неговата приватност.

Иако Платформата за интероперабилност е задолжителна за сите 400 државни институции, досега се приклучени само 78. Министерот вели дека ова мора да се промени.

За првпат, со законски измени се воведува инспекциски надзор и се формира сектор за контрола. Конечно се предвидени казни и санкции за институциите кои одбиваат да се приклучат и да разменуваат податоци. Се очекува наскоро да се приклучат и коморите на нотарите, извршителите и адвокатите, како и приватните компании, кои сè уште се само десетина.

Андоновски истакна дека Македонија, за разлика од многу други држави, веќе ја има технолошката основа за комуникација меѓу институциите. „Има и поразвиени држави од нас кои ја немаат оваа платформа и за секоја услуга развиваат билатерални врски една со друга институција. Тоа кај нас е олеснето“, рече тој.

Министерството веќе работи на инсталирање на набавената нова хардверска инфраструктура за забрзување на размената и зголемување на безбедноста.

„Секоја нова електронска услуга нема да ја поддржуваме сè додека нема информација дека ја користи платформата во вистинска смисла.“

Најавени се и активности за дигитализација и приклучување на клучни регистри како Регистарот за адреси и новиот Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС) во Министерството за финансии.

Continue Reading

Македонија

Сиљановска: Јавниот обвинител треба да биде отпорен на политички влијанија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска истакна дека јавниот обвинител треба да биде бескомпромисен во почитувањето на законот, заколнат борец за владеење на правото и отпорен на партиски и политички влијанија, нагласувајќи дека тоа е клучно за успешни судски реформи.

Сиљановска Давкова коментираше и за последната одлука на Владата за продолжување на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, потсетувајќи дека постојат јасни законски процедури за избор и разрешување на обвинител. Таа нагласи дека целосната транспарентност и професионалност во работењето на обвинителите е неопходна за намалување на корупцијата и криминалот, кои се глобален проблем според последниот Евробарометар.

Претседателката оцени дека законските измени што Владата ги испрати на Венецијанската комисија претставуваат значаен чекор кон подобро регрутирање и функционирање на Судскиот совет и судскиот систем, со цел да се зајакне владеењето на правото и транспарентноста во правосудството.

Continue Reading

Македонија

Нов чекор во зачувувањето на традицијата: Промовирани македонските машки носии од Преспа во Пустец

Во гимназијата „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“ во Пустец денес се одржа промоција на новоизработени македонски машки народни носии од Преспанскиот регион. Носиите се создадени во рамките на проектот „Создавање традиционални носии на македонското, влашкото и ромското национално малцинство во Корчанскиот регион“, кој го спроведува Македонското друштво „Сонце“ во партнерство со неколку организации и со поддршка на Комитетот за национални малцинства на Албанија.

По ланската реконструкција на четирите женски носии, денешната презентација на машките носии го комплетира целосниот фолклорен ансамбл на Македонците од Преспа, што ќе може да се претставува на домашни и меѓународни културни манифестации.

Претседателот на друштвото „Сонце“ од Корча, Васил Стерјовски, изјави дека овој проект е значаен чекор во зачувувањето и унапредувањето на македонската традиција во Албанија.
„Со ова, македонската културна ризница добива уште посилен и подостоинствен претставник и дома, и на меѓународната сцена,“ нагласи Стерјовски.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг