Connect with us

Македонија

„Трн“ по втор пат ги награди храбрите иницијативи што го менуваат општеството

Редакцијата на Трн по втор пат ги награди иницијативите што храбро го менуваа општеството во 2025 година

На 13 декември 2025 година, редакцијата на „Трн“ по втор пат ги додели своите симболични признанија за иницијативи, колективи и поединци кои со својата работа, ангажман и храброст придонесуваат кон поинклузивно, поправедно и посолидарно општество.

Со овие награди, редакцијата на „Трн“ уште еднаш испрати јасна порака дека општествените промени не започнуваат од големите декларации, туку од конкретни дела, локални иницијативи и луѓе кои одбиваат да молчат пред неправдата.

Како и минатата година, жирито беше составено од редакцискиот тим на „Трн“, кој секојдневно ги следи, документира и анализира процесите што го обликуваат јавниот простор, граѓанскиот отпор и солидарноста во Македонија.

ТРН НАГРАДИ

Категории што го мапираат општествениот ангажман

Признанијата се доделуваат во категории кои симболично ги опфаќаат клучните општествени борби и вредности: унапредување на правата на жените и родовата еднаквост, заштита на јавното здравје, младински иницијативи, интервенции во јавен простор и заштита на правата на Ромите.

Наградата ЖЕНСКИ ТРН се доделува на борците за унапредување на женските права. Во оваа категорија беа доделени две признанија, како одраз на различни, но подеднакво значајни форми на активизам.

Наградата ЖЕНСКИ ТРН беше врачена на Сара Миленковска за нејзиниот доследен активизам во различни иницијативи за женски права и родова еднаквост, за јасниот јавен говор и за отворањето простор за теми кои често се премолчуваат, но длабоко ја засегаат реалноста на жените.

Наградата ЖЕНСКИ ТРН ја доби и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА за акцијата „Ни требаат 365 дена активизам, а не 16 дена симболика“ и за нивната континуирана, системска борба за женските права, телесната автономија и родовата правда.

Наградата ЗДРАВ ТРН за заштита на јавното здравје претставува награда за солидарноста што не застанува на зборови, туку се претвора во конкретна грижа и поддршка.

Оваа награда беше врачена на Support Kochani, за нивните иницијативи за поддршка на повредените и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, вклучувајќи го и отворањето на Младинскиот центар „Гнездо“, како и бројните акции за собирање донации и медицински препарати.

МЛАДИНСКИ ТРН се додели на глас кој ја разбира политиката од перспектива на младите и ја преведува нивната реалност во јасни и аргументирани пораки. 

Оваа награда ја доби Емир Хасановиќ, за неговиот инспиративен медиумски настап со постизборна анализа од младински агол, за пораките за генерацискиот јаз во Македонија и за отворањето прашања поврзани со потребите, политичката свест и улогата на младите во општеството.

Во категоријата ТРН НА ЕДНАКВОСТА за заштита на правата на Ромите, беа доделени две признанија, како признание за институционалниот и личниот активизам.

Наградата ТРН НА ЕДНАКВОСТА ја врачивме на Europe House за аудиобајките „Сјајни ѕвезди – бајки раскажани од Ромите од Европа“, достапни за слушање на ромски, македонски и албански јазик, и за нивниот придонес во промоцијата на културната разноликост и инклузијата.

ТРН НА ЕДНАКВОСТА беше доделен и на Ѓултен Мустафова (Ромалитико) за нејзиниот активизам за правата на жените Ромки и за континуираната борба за видливост, достоинство и еднаквост на Ромската заедница.

ИНТЕРВЕНТЕН ТРН е за гласовите кои во јавниот простор зборуваат храбро, директно и без компромис.

Наградата за интервенција во јавен простор беше доделена на Колективот на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, за говорот на церемонијата по повод доделување на наградите „3-ти Ноември“ и за јавното застапување за изградба на нова театарска зграда.

Награда ви оваа категорија беше доделена и на Иницијативата „Кој е следен?“, за нивните континуирани интервенции во јавниот простор, борбата за правда и отпорот против системската корупција.

Мал трн, голема порака

Признанијата на „Трн“ не се финансиски, ниту институционални. Тие се симболичен гест на солидарност, благодарност и јавно признавање – порака дека некој гледа, слуша и препознава.

Со второто издание на овие награди, „Трн“ ја зацврстува својата позиција како медиум кој не само што известува, туку и активно учествува во градењето на јавниот простор, вредностите и критичката мисла.

Advertisement

Македонија

Црвениот Geely Coolray и Дедо Мраз донесоа новогодишна магија

Градинките „Калинка“ и „Црвенкапа“ беа исполнети со смеа, детска радост и празнична магија, Дедо Мраз пристигна со стил со црвениот Geely Coolray, носејќи подароци и безброј насмевки.

Дечињата со возбудени погледи и со гласни поздрави го пречекаа својот гостин како пристигнува со црвениот Geely Coolray. Љубопитни и искрени, дечињата го пофалија црвеното возило на Дедо Мраз – Geely Coolray, кое стана дел од нивната празнична приказна.

Следуваше вистинска новогодишна дружба, дечињата од градинките добија новогодишни пакетчиња, пееја песни, се смееја, се фотографираа и создаваа спомени кои ќе ги паметат долго.

Continue Reading

Македонија

Продолжува судскиот процес за катастрофалниот пожар во „Пулс“

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се очекува ново рочиште за трагичниот пожар што ја погоди дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. На дневен ред се воведните зборови на одбраната на Александар Нацев, кого обвинителството го смета за неформален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, како и на правните лица „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани и „Рубикон секјурити солушнс“.

На претходното рочиште обвинителот Борче Јанев потенцираше дека судењето е повеќе од обид за казнување – тоа е чекор кон јавното соочување со институционалната одговорност. „Пожарот не е само последица на пиротехника, туку резултат на години системски пропусти, молчење и недостаток на контрола“, рече Јанев, додавајќи дека клубот бил претворен во „смртоносна стапица“.

Сите обвинети досега негираа вина за „тешки дела против општата сигурност“. Дел од нив преку адвокатите изразија сочувство до семејствата на жртвите, но упорно тврдеа дека трагедијата е последица на институционални пропусти, а не нивна лична одговорност.

Сопственикот на клубот, Дејан Јованов, кој девет месеци е во притвор, рече дека сè уште не може да поверува во трагедијата и дека никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син Михаил Јованов тврди дека против него нема докази. Одбраните на другите обвинети – вклучително поранешни функционери и инспектори – посочија дека постапувале согласно законот и дека немале надлежност или можност да го спречат пожарот.

Според обвинението, дискотеката „Пулс“ со години работела незаконски – со над дозволениот број посетители, без соодветни дозволи и без систем за противпожарна заштита. Пожарот, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата „ДНК“, се претвори во најсмртоносната трагедија од ваков вид во земјата, оставајќи длабоки рани кај семејствата на жртвите и во целото општество.

Continue Reading

Македонија

Силни врнежи од дожд и снег го најавуваат вистинското зимско време за празниците

Денеска Македонија е под влијание на нестабилна временска прогноза. Облачното небо ќе донесе повремени врнежи од дожд, особено во источните делови каде се очекуваат пообилни количини, локално над 25 литри на метар квадратен. Планинските предели ќе бидат побелени со снег, а слаб до умерен јужен ветер ќе го движи воздухот.

Во Скопје денот ќе биде облачен, со повремени дождови и слаб југоисточен ветер.

Утре времето ќе биде променливо облачно, со локални врнежи, најчесто во источните региони. На повисоките места и планините дождот ќе се претвора во снег. Попладне времето ќе се стабилизира, а ветерот ќе се смени во слаб до умерен северен. Главниот град ќе го доживее утрото со краткотраен дожд, но подоцна облаците ќе се расчистат.

Скијачките центри веќе се покриени со снежна покривка, која ќе се зголемува во наредните денови благодарение на врнежите од снег. Метеоролозите предупредуваат дека околу и по Нова година Балканот и Македонија ќе бидат зафатени од вистинска зимска офанзива – пообилен снег, пониски температури и вистински зимски услови за сите љубители на студените денови.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг