Благодарение на навремената интервенција на Територијалната противпожарна единица, претпладнево е спречена катастрофа од поголеми размери во строгиот центар на Неготино. Иако една куќа е целосно уништена, пожарникарите успеале да го локализираат огнот и да го спречат неговото ширење низ густо населениот кварт.
Во гаснењето на стихијата учествувале 10 пожарникари со три противпожарни возила. Нивната примарна цел била да се заштитат соседните објекти кои биле во непосредна опасност. Како резултат на високата температура и пламените јазици, неколку околни куќи претрпеле делумни оштетувања, но нивното целосно опожарување било спречено.
Најважно е тоа што нема повредени или настрадани лица. Повозрасниот маж кој престојувал во куќата каде што избил пожарот, навреме бил извлечен на безбедно.
„Навремената интервенција спречи поголема трагедија“, изјави за МИА Столе Атанасов, командир на Територијалната противпожарна единица – Неготино.
Пожарот е целосно локализиран, а во тек е увид за утврдување на причините за неговото настанување, како и проценка на материјалната штета.









