Европол предупредува дека автономните дронови, возила и роботи сè почесто можат да се најдат во рацете на криминалци и терористи, отворајќи целосно нови форми на криминал. Според европската полициска агенција, заканите повеќе не се теоретски, туку реалност што брзо се приближува.
Хакерски напади врз автономни возила, дронови што извршуваат кражби или напади без директно човечко присуство и злоупотреба на роботи во болници и домови за стари лица се дел од сценаријата што веќе се анализираат. До 2035 година, злосторствата управувани од машини би можеле да станат секојдневие, предупредуваат експертите.
Европол посочува дека полицијата ќе мора да се трансформира и да комбинира класична истрага со знаења од вештачка интелигенција, роботика и сајбер безбедност. Инцидент со автономно возило, на пример, може да биде резултат на сајбер напад, а не техничка грешка.
Како одговор, се разгледуваат и „антироботски“ решенија – од уреди за онеспособување дронови до специјална опрема за справување со автономни машини. Знаците дека проблемот веќе е глобален се видливи, особено преку употребата на дронови во воени конфликти и нивното прелевање во организираниот криминал.
Од Европол порачуваат дека криминалците веќе се прилагодуваат на новите технологии, а клучното прашање е дали институциите и општеството ќе реагираат доволно брзо за да ги спречат новите закани.









