По одлуката на Австралија да им забрани на децата под 16 години користење на социјални мрежи, слична дебата се отвора и во Германија. Германскиот министер за дигитални работи, Карстен Вилдбергер, изјави дека ваквата мерка има свои предности и дека прашањето за воведување јасна старосна граница е оправдано.
„Гледам многу позитивни аспекти во оваа одлука. Прашањето за возраста е повеќе од легитимно“, изјави Вилдбергер за ДПА, нагласувајќи дека фокусот треба да биде на здравиот развој на децата, сличен на оној што го имале претходните генерации, кога социјалните мрежи не постоеле.
Вилдбергер, кој доаѓа од приватниот сектор и е поранешен извршен директор на „МедиаМарктСатурн“, е првиот министер за дигитални прашања во Германија. Според него, искуството на Австралија заслужува сериозна анализа и во европски контекст.
Во Австралија, со закон е забрането лицата помлади од 16 години да имаат профили на повеќето социјални мрежи, а целта на мерката е заштита на младите од сајбер малтретирање, прекумерна и проблематична употреба, како и изложеност на вознемирувачка содржина.
Германската влада веќе формираше експертска комисија за заштита на децата и младите во дигиталната средина. Во неа учествуваат лекари, експерти за безбедност и претставници на службите за заштита на младите, кои треба да изготват препораки до летото.
Покрај можните возрасни ограничувања за социјалните мрежи, во рамки на комисијата се разгледува и прашањето за забрана или ограничување на употребата на мобилни телефони во училиштата, како дел од пошироката стратегија за заштита на децата во дигиталното доба.










