Стотици патници останаа заглавени и далеку од своите празнични одредишта откако прекин на електричната енергија ги запре возовите на Еуростар на релациите меѓу Лондон, Париз, Амстердам и Брисел.
Инцидентот се случил во тунелот под Ла Манш, поради што железничкиот оператор побара од патниците да ги одложат патувањата за друг термин. Како што соопшти Еуростар, доцнењата и откажувањата се резултат на проблем со надземното напојување, како и дефект на возот „Ле Шатл“, кој транспортира возила меѓу Англија и Франција.
Од компанијата информираа дека сите возови се суспендирани до понатамошно известување и апелираа патниците да не доаѓаат на станиците доколку немаат валиден билет за патување.
Меѓу засегнатите е и Кејт со своето семејство, кои требало да патуваат за Париз. Таа изјави дека ситуацијата е разочарувачка, бидејќи патувале за да прослават семејни родендени, додавајќи дека нема алтернативни патувања ниту следниот ден. Иако тие имаат каде да се вратат во Лондон, таа изрази сочувство за патниците кои ќе мора да бараат сместување.
Од Еуростар соопштија дека ја разбираат фрустрацијата на патниците и дека работат на решавање на проблемот.










