Граѓаните создале вкупно 637.471 тон комунален отпад во текот на минатата година, што е повеќе во споредба со претходните години. Сепак, кога се гледа на проценките за вкупно создаден отпад, тој изнесувал 790.866 тони, што всушност претставува намалување во однос на претходните години. Сето тоа, жално, завршува на депониите, без доволно насочени мерки за намалување или рециклирање.
Просечниот граѓанин минатата година создал по 438 килограми отпад, што е значително намалување од 503 килограми по лице во 2023 година, според податоците на Државниот завод за статистика. Комуналниот отпад вклучува сè – од домаќинства, дворови, градини, улици, пазари, па дури и канцеларии и мали бизниси – но го исклучува отпадот од канализацијата и градежниот отпад.
Добрата вест е дека рециклажата полека напредува. Од вкупно 80.575 тони отпад од пакување пуштен на домашниот пазар, 65% или 52.605 тони биле рециклирани. Најуспешен бил отпадот од хартија и картон, кој целосно, па дури и над целта, бил рециклиран (105%). Следат металот со 80%, стаклото 54,6%, пластиката 38,9% и дрвото 38,8%. Во апсолутни бројки, најмногу отпад бил рециклиран од хартија и картон (29.614 тони), пластика (8.979 тони), стакло (7.570 тони), дрво (3.416 тони) и метал (3.026 тони).
Трошоците за заштита на животната средина во 2024 година изнесувале над 10,5 милијарди денари, односно 169,4 милиони евра. За споредба, од даноци поврзани со животната средина во 2023 година биле собрани речиси 12,2 милијарди денари или 196,7 милиони евра.
Очигледно, има напредок во рециклажата и намалувањето на создадениот отпад по глава на жител, но огромната количина што завршува на депонија покажува дека патот кон одржливо управување со отпадот е сè уште долг.










