Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека американските сили извршиле напад врз пристаниште во Венецуела кое, според него, го користеле бродови осомничени за трговија со наркотици. Нападот најверојатно претставува прв копнен удар врз Венецуела од почетокот на американската кампања против трговијата со дрога во Јужна Америка.
„Имаше голема експлозија во пристаништето каде што бродовите беа натоварени со дрога. Ги погодивме сите бродови и сега ја гаѓаме областа, која е целосно уништена“, изјави Трамп од неговата резиденција Мар-а-Лаго, каде што беше домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Трамп не ја откри точната локација на нападот и не прецизираше дали операцијата ја извршила армијата или ЦИА. Според извори на Си-ен-ен и Њујорк тајмс, нападот бил извршен со дрон насочен кон изолирано пристаниште кое го користи венецуелскиот нарко-картел „Трен де Арагва“ за складирање дрога и товарење бродови за извоз. Во времето на нападот таму немало лица, па нема загинати.
Американските сили досега извршија околу 30 напади врз бродови на осомничени трговци, при што загинаа речиси 107 лица на Карибите и во Тихи Океан.
Вашингтон со месеци врши притисок врз Каракас, обидувајќи се да го принуди претседателот Николас Мадуро да ја напушти функцијата. Владата на Венецуела и Мадуро негираат каква било вмешаност и ги обвинуваат САД за обиди за соборување на владејачкиот режим и преземање на венецуелските нафтени полиња.
Трамп претходно најави можност за копнени операции против наркокартелите во Јужна Америка, но такви акции до сега не биле официјално потврдени.









