Израелските власти најавија дека од 1 јануари ќе престанат да важат дозволите за работа на 37 меѓународни невладини организации активни во Појасот Газа и на Западниот Брег, откако тие не успеале да се усогласат со новите, заострени правила за регистрација.
Како што соопшти Министерството за дијаспора, спорните организации не ги доставиле бараните податоци поврзани со нивниот кадар, изворите на финансирање и оперативните активности. Новата регулатива, која стапи на сила на 1 март, предвидува значително проширување на обврските за отчетност и транспарентност, јавува „Тајмс оф Израел“.
Според тие правила, невладините организации мора да поднесат обемна документација, меѓу која и детални списоци на сите странски и палестински вработени што учествуваат во нивната работа, заедно со лични податоци како пасоши и идентификациски документи. Непочитувањето на овие услови, велат израелските власти, автоматски води кон губење на лиценцата и забрана за понатамошно дејствување.










