Силниот снежен бран што ја зафати Турција предизвика сериозни нарушувања во сообраќајот и јавниот живот ширум земјата. Обилните врнежи од снег, ниските температури и мразот доведоа до затворање на училиштата во повеќе провинции, додека авионскиот сообраќај е значително редуциран.
Најпогодена е националната авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“, која за 31 декември откажа вкупно 61 лет, претежно кон централните и источните региони. Портпаролот Јахја Устун соопшти дека сите откажувања се направени од безбедносни причини, со цел заштита на патниците и екипажот.
Според метеоролошките служби, снежните врнежи и студениот бран ќе продолжат и во наредните денови. Надлежните институции ги повикуваат граѓаните на зголемена претпазливост и апелираат да се избегнуваат непотребни патувања, особено во регионите каде условите на патиштата се најтешки.









