Во 2025 година, Царинската управа оствари наплата на приходи од 131,6 милијарди денари (2,14 милијарди евра), што претставува пораст од 5,2% или 105,1 милион евра во споредба со претходната година.
Растот е забележителен во речиси сите категории на приходи. Најзначаен е скокот кај приходите од царина, кои се зголемија за 15,5%, следени од данокот на моторни возила со 12,5%, акцизите со 5,9% и ДДВ-то при увоз кое се зголеми за 3,2%.
„На годишно ниво, континуирано бележиме раст на приходите, а највисок процентуален пораст од 10,6% е забележан во декември, кога наплатата достигна 190,2 милиони евра. Кумулативно, за целата 2025 година наплативме 2,14 милијарди евра, што е за 105,1 милион евра повеќе од 2024 година. Овие бројки јасно ја покажуваат зголемената ефикасност на Царинската управа во собирањето на средства“, истакна директорот Бобан Николовски.
Според него, растот на приходите значи повеќе средства за капитални инвестиции кои ќе придонесат за одржлив економски развој. „Со овие средства ќе се инвестира во здравство, образование, нови градинки и училишта, како и во патна и железничка инфраструктура“, додаде Николовски.










