Од 1 јануари 2026 година државата стартува со офанзива против сивата економија, со јасна цел – илјадници луѓе што досега работеле „на црно“ да добијат легален статус, а компаниите што инвестираат и вработуваат да бидат наградени со државна поддршка.
Очекувањата се дека со примената на Законот за работно ангажирање лица, околу 17.400 луѓе ќе преминат во формалната економија. Најголем дел од нив – до 12.000 – се сезонски работници во земјоделството, додека околу 5.400 се лица што моментално работат без пријава во туризмот и услужните дејности. Во земјава, според официјалните податоци, има околу 85.000 луѓе што работат неформално.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, оценува дека новите законски решенија се клучен чекор кон намалување на работата на црно, зголемување на бројот на вработени и забрзување на економскиот раст. Неговите проекции се дека невработеноста, со ефектите од законот, би можела да се спушти на околу 20 отсто.
„Сивата економија директно ги поткопува јавните финансии, ги лишува работниците од права и ја намалува конкурентноста на економијата. Тоа е системски проблем и бара системско решение“, истакна Дурмиши, потсетувајќи дека во 2024 година во државата имало околу 694 илјади вработени, од кои дури 85 илјади биле неформално ангажирани.
Новиот Закон за работно ангажирање лица воведува пофлексибилен и значително поедноставен модел за повремено и сезонско вработување. Процедурите за пријава, одјава и уплата на придонеси се дигитализирани, а опфатени се широк круг категории – од вработени и невработени, до пензионери, ученици и студенти.
Клучната новина е што ангажманот нема да значи губење на веќе стекнатите права. Корисниците на социјална и детска помош ќе продолжат да ги добиваат надоместоците, невработените нема да се бришат од евиденцијата и нема да го изгубат паричниот надоместок, пензионерите ќе ја задржат пензијата, а учениците и студентите – сите права од образовниот систем.
Законот, според министерот, е „добивка за двете страни“. Работодавците добиваат поголема флексибилност и помал административен товар, додека работниците добиваат законска заштита, исплата по час, пензиско и инвалидско осигурување, како и здравствено осигурување во случај на повреда или професионално заболување.
Паралелно со ова, од 1 јануари 2026 година ќе започне и примената на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој Владата го најавува како силен поттик за нови вложувања и отворање работни места.
Со овој закон, компаниите што инвестираат, бележат раст на приходите и го зголемуваат бројот на вработени ќе можат да добијат директна финансиска помош. Поддршката за нови вработувања со повисоки плати може да достигне до 20 отсто од исплатената нето-плата, односно до 4.400 евра годишно по вработен. Дополнително, предвидена е и значајна поддршка за истражување и развој – до 50 отсто од оправданите трошоци, со максимален износ до еден милион евра.
На прашањето дали ќе се „прочистува“ списокот на невработени во Агенцијата за вработување, особено за оние што земаат социјална помош, а одбиваат работа, Дурмиши одговори дека новиот закон не предвидува одземање на правата. Напротив, тие лица ќе имаат можност легално да се ангажираат во сектори како земјоделство, рибарство, шумарство и угостителство, без да ги изгубат статусот и примањата.








![[ВИДЕО] Голем пожар во Карпош – еве што се случува](https://bulevar.mk/wp-content/uploads/2025/08/screenshot-2025-08-21-123802.png)

