Основното јавно обвинителство во Битола поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице за сериозни злоупотреби поврзани со јавни набавки во РЕК Битола, откриваат извори од истрагата.
Според обвинението, петмина од обвинетите – меѓу кои и директорот на комбинатот и други раководители на подружници – во текот на 2023 година злоупотребиле својата службена положба и овластувања. Тие, како што стои во образложението, намерно ги игнорирале законските правила за економичност, ефикасност и конкурентност при јавните набавки, со цел да обезбедат противправна имотна корист за трето лице.
Истрагата покажа дека тие организирале и спровеле јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК Битола. Иако знаеле дека предложениот транспортен систем не одговара на технолошкиот процес и проектот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина, обвинетите ги навеле членовите на Управниот одбор да го променат Годишниот план за да овозможат реализација на тендерот.
Минималните услови за учество биле предимензионирани, така што само една компанија можела да се пријави, а таа и го добила тендерот вреден над 106 милиони денари со ДДВ.
Првичнообвинетиот, сопственик на фирмата, заедно со двајца вработени и самото правно лице, се товарат за злоупотреба на постапка за јавен повик, бидејќи поднеле невистинита документација за извршени монтажни работи, кои всушност биле незавршени и расфрлани низ кругот на РЕК Битола. Со ова, правното лице прибавило противправна имотна корист од големи размери, а тројца директори во РЕК Битола ги потпишувале лажните извештаи, овозможувајќи незаконска исплата – што според обвинението претставува измама во службата.
Јавното обвинителство предлага конфискација на околу 1,7 милиони евра исплатени на компанијата, како и на средства и имот на првотообвинетиот: 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, три златни монети, златна плочка и над 500.000 евра на домашни сметки. Замрзнати се и 10 нови товарни и приклучни возила набавени во Србија.
Истрагата укажува дека обвинетиот има компании во Србија, новооснована крајот на 2024 година, преку кои се префрлуваат парични средства, а се анализира и можност за средства во други држави. Поради ризик од бегство, јавниот обвинител предложил продолжување на притворот за првотообвинетиот за време на судската постапка.
Скандалот ја открива длабоката злоупотреба на системот на јавни набавки во енергетскиот сектор и отвора сериозни прашања за контролата и транспарентноста во РЕК Битола.










