Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ја завршува 2025 година со историски резултат во приходите од патарини. До 23 декември, во државната каса се слеале над 4,1 милијарда денари, односно приближно 67,6 милиони евра, што веќе ги надминува резултатите од целата 2024 година.
Директорот Коце Трајановски истакнува дека континуираниот раст на приходите е резултат на зголемениот обем на сообраќај, растот на цените и подобрената ефикасност на електронската наплата. Дополнително, иницијативата „Отворен Балкан“, која се воведе летото 2023 година, исто така придонесе за зголемување на бројот на корисници на патиштата.
Податоците од последните пет години покажуваат стабилен раст: од 34 милиони евра во 2020 година, преку 46,4 милиони во 2021, 53,2 милиони во 2022, 62 милиони во 2023, до 66,4 милиони евра во 2024 година. Оваа година заклучно со 23 декември наплатата изнесува 67,6 милиони евра, а со празничниот сообраќај се очекува конечната бројка да биде уште повисока.
Покрај финансиските достигнувања, ЈПДП презема и значајни чекори кон модернизација на системот за наплата. Склопени се договори со двата најголеми телекомуникациски оператори, А1 Македонија и Македонски телеком, за дистрибуција и наплата на електронски уреди (М-ТАГ), а во тек е интеграција на апликативните софтвери, што ќе овозможи брза и сигурна употреба на услугата. Овие промени станаа можни по измените на Законот за јавни патишта во јуни 2025 година, кој дозволи надворешни оператори да вршат продажба и надополнување на уредите, услуга што досега беше достапна само во просториите на ЈПДП. Очекувањата се дека новиот модел ќе го забрза протокот на возила на наплатните рампи, ќе го намали времето на чекање и ќе ја зголеми употребата на електронската наплата.










