Тетово – Во краток временски период на автопатот Тетово–Гостивар, кај таканаречената „Неготинска клучка“, се случија три одделни сообраќајни незгоди во кои учествуваа десетина возила.
Според првичните информации од надлежните служби, едно лице се здобило со повреди, но засега нема податоци за потешки последици. Поради незгодите, сообраќајот на овој дел од автопатот се одвива забавено и со повремени застои.
Портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, информира дека полициски екипи се на терен и работат на расчистување на коловозот и целосна нормализација на сообраќајот.
Како најверојатни причини за незгодите се наведуваат неприлагодената брзина и појавата на голомразица, а инцидентите се случиле на блиска оддалеченост една од друга. Надлежните апелираат до возачите на зголемена внимателност и прилагодување на брзината кон условите на патот, особено во утринските и вечерните часови.









