Американскиот претседател Доналд Трамп објави серија фотографии на својата платформа „Truth Social“, прикажувајќи го него и други американски функционери за време на воената операција во Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга.
Трамп изјави дека ја следел целата операција во живо од својот клуб Мар-а-Лаго во Флорида и дека секој аспект бил внимателно координиран помеѓу копнените и воздушните сили, како и поморските единици. Тој ја оцени акцијата како „спектакуларна“ и „еден од најефикасните и најмоќните прикази на американската воена моќ“.
– Под мое водство, вооружените сили на САД спроведоа вонредна операција во главниот град на Венецуела. Нападот врз силно утврдена воена тврдина во срцето на Каракас имаше за цел да го изведе пред лицето на правдата одметнатиот диктатор Мадуро – рече Трамп.
Тој додаде дека акцијата била „совршена, без грешка“ и дека САД се подготвени за можен втор, „многу поголем“ бран операции против Венецуела, потенцирајќи ја супериорноста на американската воена моќ и компетентност.










