Нападот на САД врз Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро предизвика реакции ширум светот, со поделени ставови меѓу државите и меѓународните лидери.
Франција го осуди нападот како кршење на принципот за неприбегнување кон сила и истакна дека иднината на Венецуела може да ја одлучат единствено нејзините граѓани. Министерот за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, на социјалната мрежа X истакна дека никакво надворешно решение не може да биде трајно легитимно.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, пак, го оцени нападот како легитимна и одбранбена акција. Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази длабока загриженост за тоа што правилата на меѓународното право не се почитувани и предупреди дека станува збор за опасен преседан.
Британскиот премиер Кир Стармер нагласи дека Велика Британија не била вклучена во операцијата и дека се залага за строго почитување на меѓународното право. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека ситуацијата се следи внимателно и дека секое решение мора да биде во согласност со Повелбата на ОН.
Нападот го осудија и Русија, Кина, Мексико, Колумбија, Куба и Бразил, додека ставовите на водечките европски држави покажуваат длабока поделба во начинот на кој се гледа американската операција.










