По ноќниот американски напад врз Венецуела, во кој беа уапсени претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, Косово јасно ја изрази својата поддршка за САД. Претседателката Вјоса Османи преку социјалните мрежи истакна дека „Косово цврсто стои зад американскиот претседател Доналд Трамп по нападот. Кога Америка води, ние гордо стоиме заедно затоа што нашата заедничка слобода зависи од тоа“.
Ова не е првпат Косово да ја поддржи американската воена интервенција; минатата година земјата го поддржа и воздушниот напад врз Иран.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, ја истакна потребата народот на Венецуела да има можност за безбеден и достоинствен живот, додавајќи дека Украина не ја признава легитимноста на Мадуро поради спорни избори и репресија врз демонстрантите.
Во меѓународните реакции, британскиот премиер Кир Стармер нагласи дека Велика Британија не била вмешана во нападот и повика на почитување на меѓународното право. Европската комисија, преку претседателката Урсула фон дер Лајен, повика на мирна и демократска транзиција на власта во Венецуела.
Американските власти наведоа дека акцијата била насочена кон Мадуро и неговата сопруга поради нивната наводна соработка со нарко-картелите и најавија дека судењето ќе се одржи во САД.










