Руското Министерство за надворешни работи остро го осуди „чинот на вооружена агресија“ од страна на САД врз Венецуела, оценувајќи дека сите оправдувања за ваквиот потег се „неодржливи“. Во официјалното соопштение, Москва изрази солидарност со венецуелскиот народ и ја поддржа политиката на боливарското раководство насочена кон заштита на националните интереси и суверенитетот на земјата.
„Идеолошките непријателства надвладеаја над прагматизмот и подготвеноста за градење односи засновани на доверба и предвидливост“, наведуваат од руската дипломатија, додавајќи дека Латинска Америка мора да остане „зона на мир“.
Москва повика на спречување на понатамошна ескалација и нагласи дека кризата мора да се решава преку дијалог. „На Венецуела мора да ѝ се гарантира правото самостојно да одлучува за својата судбина, без какво било деструктивно, а особено воено мешање однадвор“, истакнуваат од Министерството за надворешни работи.
Во соопштението се додава и дека руската амбасада во Каракас продолжува со редовно работење и дека засега нема информации за руски државјани погодени од актуелните настани.










