Иако глобалниот пазар на електрични автомобили минува низ турбулентна фаза, трендот на раст не запира. Но, приказната што се пишува денес нема многу врска со традиционалните автомобилски гиганти. Наместо нив, сцената ја преземаат нови сили – пред сè од Кина.
Во изминатите неколку години, кинеските производители направија тивок, но моќен продор. Со пониски цени, агресивна стратегија и сè поконкурентна технологија, нивните електрични возила успеаја да го освојат глобалниот пазар. Резултатот е јасен: титулата за најпродаван производител на електрични автомобили повеќе не ја носи „Тесла“.
Американскиот бренд во 2025 година испорача околу 1,64 милиони возила – бројка што претставува пад од девет проценти во однос на претходната година. Во исто време, кинескиот BYD изби на првото место со импресивни 2,26 милиони продадени електрични возила, симболично означувајќи промена на глобалното лидерство.
Падот на „Тесла“ не е случаен, ниту еднодимензионален. Компанијата се соочи со низа удари: од јавни бојкоти предизвикани од контроверзните настапи и политички ставови на Илон Маск, преку укинувањето на даночните олеснувања за купувачите во САД, па сè до засилената конкуренција од странство. Дури ни необичниот маркетиншки потег, во кој американскиот претседател Доналд Трамп јавно ја промовираше „тесла“ на тревникот на Белата куќа, не донесе посакуван ефект.
И покрај тоа, дел од аналитичарите одбиваат да ја отпишат компанијата. Тие сметаат дека вистинската вредност на „Тесла“ повеќе не лежи само во автомобилите, туку во идните технологии – мрежата на роботакси-возила и хуманоидниот робот „Оптимус“, кои би можеле да станат новите столбови на приходите.
Но и тука конкуренцијата не мирува. „Вајмо“, поддржан од „Гугл“, со години гради стабилна и широко користена услуга за автономни такси, со далеку поголема база на корисници од онаа на „Тесла“. Во меѓувреме, кинеските компании напредуваат и во развојот на хуманоидни роботи, демонстрирајќи технологии кои сè помалку заостануваат зад визијата на Маск.
Дополнителен адут во ракавот на „Тесла“ треба да биде т.н. „сајберкеб“ – футуристичко роботакси без волан и педали, управувано исклучиво од вештачка интелигенција, кое Маск најавува дека ќе биде претставено уште оваа година. Но, дали проектот навистина ќе излезе од лабораторија и, уште поважно, дали регулаторите ќе дозволат такво возило да се најде на јавните патишта, останува големо отворено прашање.










