Онлајн трансакциите во Македонија продолжуваат да растат со забрзано темпо, покажуваат најновите податоци на Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ). Во првите девет месеци од 2025 година, вредноста на онлајн купувањата достигна 693,1 милиони евра, што претставува скок од 30% во однос на истиот период минатата година.
Најголем дел од растот доаѓа од домашните картички користени за купување кај локални е-трговци – вредноста на овие трансакции порасна од 286,9 на 338,5 милиони евра, односно за 18%. Но, најдинамично се зголемуваат трансакциите на Македонците кон странски е-трговци – тука вредноста порасна за 45%, достигнувајќи 316,4 милиони евра, додека бројот на трансакции експлодираше за над 63%.
Иако странските картички кои се користат кај домашни е-трговци сочинуваат мал дел од вкупната вредност, нивниот раст од 38% е позитивен сигнал за економијата, со вредност зголемена од 27,7 на 38,2 милиони евра.
Не само што се зголемува вредноста, туку расте и бројот на трансакции. Вкупно 21 милион онлајн плаќања биле реализирани во првите девет месеци, што е за 30,2% повеќе отколку лани. Најизразен пораст се забележува кај купувањата со домашни картички кон странски е-трговци, што укажува на сѐ поголемата популарност на меѓународните онлајн платформи и пониската просечна вредност по трансакција. Бројот на трансакции кај домашните е-трговци исто така расте, но со умерено темпо – за 10,4%, односно 10,6 милиони трансакции.
„Податоците за првите девет месеци од 2025 година јасно покажуваат силно забрзување на е-трговијата во земјава. Особено е впечатлив растот кај трансакциите со домашни картички кон странски е-трговци, каде бројот на трансакции се зголеми за над 63%“, вели Нина Ангеловска Станков, претседателка на АЕТМ. Таа додава дека ефектот од платформата Temu, која досега нудеше плаќање исклучиво со картичка, е видлив во овие бројки. Со воведувањето на опцијата кеш на достава, се очекува да се приспособат на локалните навики, но останува прашањето дали ова ќе влијае на позитивниот тренд на дигитални плаќања.
Растот на бројот на трансакции се рефлектира и во просечната вредност по плаќање. Така, просечната куповна вредност кај домашните картички кон странски е-трговци се намалила за 11,3%, достигнувајќи 34,6 евра, додека кај домашните е-трговци се зголемила за 7%, на 32 евра. На глобално ниво, просечната трансакција останува 33 евра.
Во меѓувреме, бројот на онлајн продавници расте – регистрирани се 175 нови е-продавници, што ја покажува зголемената заинтересираност на бизнисите да се префрлат во дигиталниот простор и да започнат со онлајн продажба.










